Фото: Пиксабеј

Зимска трилер-сторија

Воронцова пребледе кога ја виде крвта на неговото лице. Ајсен ја задржа да не се струполи. Калугин се тетеравеше.
– Како е Маша? – пропелтечи.
– Мислам дека ќе биде добро. Се прашувам дали ќе биде подобро да повикаме лекар за тебе?
Калугин одмавна со главата и се наведна над Марија. Таа ги отвори очите и уморно се насмеа. Со растреперена дланка, му го помилува лицето. Тој се почувствува пријатно.
– Секогаш ја губам свеста кога ќе видам крв, Николај.
– Ова не е ништо. Само мала гребаница, Маша.
– Не би рекол – се уфрли Ајсен.
– Нема потреба од лекар. Ова е само мала гребаница. Ќе те замолам да се погрижиш за санката и ирвасите, пријател. Кутрите, за малку ќе настрадаа.
– Во ред, Привидение.
– Што ти се случи? – праша Маша.
– Непријатна средба со машината за чистење снег.
Вечерта сепак мина во пријатна атмосфера. Сѐ беше заборавено. Нешто по полноќ, Ајсен се подготви да замине. Со себе го понесе и подарокот добиен од Маша. Но бидејќи Јакутите немаа обичај да му робуваат на материјалното, подарокот остана под една кожа во неговата санка.
*
Како попарен, Калугин скокна од постелата. Сетилата ретко го мамеа. Марија спиеше со цврст сон. Небаре е мачка, траперот се прикрадна до прозорецот. Надвор снегот се пластеше. Еден поглед кон уличната светилка околу која танцуваа снегулките го потсети на магијата на бадната ноќ. Веднаш се присети на инцидентот со полковникот Долгоруков. Пред очите како да му пролета човечка сенка. Вешто, секавично брзо. Си помисли дека тоа е игра на магичните светулки од елката и контрастот на ноќта. Подголтна и ги протри очите. Но кога ги забележа стапките во снегот, му стана јасно дека сепак некој се врти наоколу. Со какви намери, не знаеше, но веднаш го поврза со Долгоруков. Ползејќи, се врати до креветот. Ги поднамести прекривките како да е под нив, а од под перницата го зеде револверот „макарев“, кој никогаш не го предаде. Потоа се довлечка и до шкафот во кој го чуваше ласерскиот самострел. Таму беше и тоболата полна со стрели. Уфрли неколку стрелички во лежиштето и се прибра до креветот во кој спиеше Марија. Нежно ја протресе.
– Тивко, Маша – ја предупреди кога го забележа стравот во нејзините очи.
– Станувај веднаш. Одиме на горниот кат и не прашувај ме зошто.
Калугин ја поднамести и нејзината постела, а потоа внимателно тргнаа по скалилото. Под тежината на нејзиното тело, предавнички скрцкаа неколку скали. Сепак, тие успешно стигнаа до чардакот. Оттаму траперот имаше одличен поглед врз дневниот престој.
– Легни на подов до мене и не подавај се – нареди тивко.
– Дали некогаш си стрелала од револвер?
Марија одречно нишна со глава.
– Многу ме израдува – кисело се насмеа Калугин.
– Што се случува, Николај? – нејзиното тело трепереше од страв.
– Време е да играме со отворени карти. Каде ги криеш документите, Маша?
– Документи? За какви документи зборуваш, жити се?
Калугин ѝ го стави показалецот на усните и ја предупреди да замолчи. Едновремено го впери самострелот во сенката, која штотуку се провре низ вратата во дневниот престој. Иако имаше две сигурносни брави на вратата, некој мошне добро си го знаеше занаетот. По првата, внатре влегоа уште два човечки лика. Во рацете имаа револвери.
Сеќавањата од судирите во Чеченија го зовреа неговиот адреналински набој. Тој се почувствува како риба во вода. Беше гладен за акција бидејќи подолго време водеше мирен, па дури и идиличен живот во сибирскиот пустош. Како на човек од акција, тој живот почна и да му тежи. Беше подготвен да одговори на сите можни предизвици бидејќи беше во полна кондиција ловејќи по непристапните шумски предели на верхојанските гори.
Човекот што прв стапна во дневниот престој внимателно се приближи до креветот на Калугин. Во еден момент секавично ги зграпчи покривките и ги фрли на подот. Но штом виде дека постелата е празна, скокна настрана како попарен од врела вода и почна да се врти наоколу. На подот се стркалаа и неговите придружници. Можеше убаво да се слушне нивното забрзано дишење. Откако малку се прибраа, водачот нареди да се качат по скалилото. Едновремено, во салонот стапнаа уште тројца неповикани. Сега беа шестмина.
Калугин ја почувствува раката на Марија врз своето рамо. Тоа беше голема поддршка во игра на смртта. Вешто го крена самострелот и нанишани. Оптичкиот нишан одлично ја оцрта ноќната визура во ден. Водачот на групата натрапници го почувствува болниот удар во пределот на десното рамо. Застенка и се потпре на оградата од скалилото. Потоа се стркала по скалите. Од искуство, Калугин знаеше дека мора да изненади прв. Во спротивно, нивната бројност ќе надвладееше. И втората жртва доцна го почувствува шумот на стрелата, која му се вкопа во стомакот. Еден од луѓето што беа во првиот ред отвори оган кон замислениот непријател, но тој немаше цел во која ќе стрела. Сепак, успеа во нешто. Калугин и Марија мораа малку да се повлечат од местото што беше идеално за стрелба. Во истиот миг, заштрекаа машинските пушки во рацете на дојденците.
Идиличниот мир на бадната ноќ, за миг се претвори во вулкански кратер. Мракот беше разбиен од молскањето на огнените оружја, кои прскаа по дрвената структура на ентериерот, притоа корнејќи парчиња чам. Калугин стана и ѝ помогна на Марија да се исправи. Потоа ја втурна во спалната соба.
– Да се надеваме дека Ајсен ќе ја слушне стрелбата и дека ќе ја извести полицијата преку радиоврска!
– Готови сме, Николај. Кои се овие луѓе?
– Имам претпоставка, но не знам која е твојата позиција во оваа валканица!
– Ти… повторно за мене во оваа мешаница, Николај! Навистина не знам кон што целиш и тоа ме повредува…!
*
Скромната барака на јакутот Ајсен се наоѓаше непосредно до реката. Само што се подготвуваше да си легне, слушна засилена стрелба. Рафалите не запираа и тоа го вознемири, бидејќи доаѓаа од страната на која се наоѓаше домот на Калугин. Беше празнична ноќ и не личеше на траперска еуфорија. Се облече набрзина, ги впрегна хаските и со карабинот во рацете се упати кон местото на грмотевицата. Не мислеше да пријавува бидејќи знаеше дека повеќето полицајци, а не беа многу, веќе се натрескани.
*
Полковникот Долгоруков и неговите ’ртови дебело ја наплатија услугата на јакутот Кујуел. Тој им ја изнајми својата дача во Тирек. Објектот беше оддалечен километар од домот на Калугин и тие имаа одлични можности за надгледување. Од терасата можеше да се фрли поглед и врз траперската колонија.
– Станувајте! – грмеше полковникот. – Нешто како да се случува околу имотот на Калугин!
Облечени во зимски скафандери, личеа на вонземјани. Беа вооружени до заби.
– Зарем мислите дека господинот Воронцов е можна опција во играва, господин полковник? – праша еден од телохранителите.
– Сѐ е можно синко кога е во прашање интересот. Зарем овие пукотници не ти зборуваат за нешто невообичаено? Само тој идиот е подготвен да ја провоцира полицијата и притоа да не биде одговорен. Во секој случај, мораме таму!
– Вие сте во право – прифати младиот човек. – Сепак, стравувам дека во играва се вклучени и некои опасни играчи!
– Ти не си тука за да мислиш, синко! Време е да ја оправдате инвестицијата вложена во вас и вашата струка!
Тајфа крволочни професионалци во служба на секторот што го водеше Долгоруков веќе беа подготвени за крвавиот пир. Тие како со душа чекаа почеток на акција…

Роберт Торн