Обвинувам (J’accuse)!

Досието „Епштајн“ и случајот „Мозоци“

  • Дали докторот мора да биде светец? Не мора, но добро е да ги чита светците. Дали е потребна истрага на случајот „Росоклија-Дума“? Да, но не затоа што верувам во вина, туку обратно – да добијат сатисфакција да го отстранат ова од себе. Би советувал да се вклучат и правни лица од странство, бидејќи ова е конвикција и на универзитетот „Колумбија“. Да потсетам дека на Запад постои и можност за тужба за повреда на личноста, често со огромни отштети. Ако постои предмет – состојбата се менува и ќе има огромни последици. Им пожелувам на колегите да ја докажат својата кристална чистост, во која сум многу убеден

Немојте да помислите дека претендирам да го „импресионирам“ Емил Зола во својата историска изведба „Обвинувам“ (J’accuse), но се прилепувам на исказот на мојот прочуен пријател Ели Визел, кој велеше „обратно од доброто не е лошо, туку индиферентност“. Тоа се однесуваше на големата маса луѓе што останаа индиферентни за време на холокаустот. Така, не можам да останам индиферентен во овој случај кога станува збор за речиси не помалку значајни личности од Визел – мои пријатели. Станува збор за двајца високореномирани професори – Горазд Росоклија и Алексеј Дума. Зошто асоцирам на Емил Зола? Тоа е во врска со лажно обвинетиот артилериски капетан на Франција, Алфред Драјфус, за пренесување тајни податоци во Германија. Се случи поради лажна дојава („бордеро“) од Германија, без специфично име, за да направат конфузија во француската армија (познати се многу такви дезинформации на службите). Драјфус бил Евреин и многу лесна цел за системски напад, па без многу истражување е осуден на доживотен прогон во 1894 година на „Ѓаволскиот остров“. Дури и Зола бил осуден за предавство бидејќи го бранел Драјфус, преку отвореното писмо „Обвинувам“, објавено во весникот „Аурора“, па морал да бега во Англија. Се дигнала голема врева во јавноста, особено поради антисемитизмот во оваа афера, па обвинетите биле ослободени дури во 1906 година. Антисемитизмот остана како демонот Белзебуб врз Франција и нејзиното однесување сѐ до денес. Гледате каква е силината на јавното мислење и медиумите? Информациите се најчесто точни, но неретко и „симулакри“ на Бодријар, Хан, Ферарис и Фернандо, кои преминуваат во „хиперреализам“ и „метареализам“ преку тоа што „неентитети“ владеат со ентитетите (дали користите „Moltbook“?).
Кои се овие двајца професори? Горазд Росоклија дипломирал и специјализирал во Скопје (тогашната Невропсихијатрија), потоа отиде на прочуениот универзитет „Колумбија“ во Њујорк, кој е на осмото место на листите на Шангај и на Центарот за рангирање светски универзитети (CWUR)… Да потсетам, ние не сме нигде. Јас два-три пати сум ја посетил неговата лабораторија (туристички), каде што е со неколку прочуени професори, а еден од нив е и нобеловецот Ерик Кендал. Инаку, универзитетот „Колумбија“ има 104 нобеловци од областите медицина, физика, економија и хемија. Некои прочуени имиња се: Теодор Рузвелт, Николас Барт, Т.Д. Ли, Мелвин Шварц, Леон Ледерман, Џозеф Штиглиц, Едмунд Фелпс, Гари Бекер, Франко Модиљани, Џорџ Штиглер, Томас Морган, Херман Милер, Ричард Аксел и многу други. „Колумбија“ е главен конкурент на „Харвард“, а дури е и „побогат“ од него (поголем инпут на грантови). Дали таков универзитет ќе си дозволи легален пропуст што го руши неговото реноме? Дали таков ризик ќе си дозволат донаторите на финансии, кои се со колосална правна-адвокатска инфраструктура? За легалните и медицинските процедури во врска со земањето примерок, фамилијарниот консент, транспортот, граничните и факултетските законски формалности објасни самиот Росоклија на телевизија. Инаку, Горазд има придонес, доста ценет во светот, за микроморфопатологија и патофункција на мозочни структури, поврзани со шизофренија и тешка депресија. Дури и мене ми подари две негови статии (за жал, ги немам сега), со промени на структурата наречена „субикулум“. Секако дека шизофренијата има мултиструктурни промени, фронто париетална атрофија, хипокампуси и цингулум, плус намалена конективност (фМРИ методи). Во последните две-три децении е постигнат огромен напредок во фармакотерапиите на вакви тешки болести, па ете може да се пофалиме дека и Македонија има некаков придонес. Инаку, универзитетот „Колумбија“ е лидер во невронауката и има најголема колекција на нервни ткива од сите земји (NYBB – New York Brain Bank), која мора да постапи по законите на Њујорк Стејт (New York State Public Healt Law – Article 43, Section 4301, Section 4302) и федералните закони (45CFR Part 46). Ако овие се прекршат, паѓа и овој универзитет, сите универзитети, Шангајската листа и сето школство. Уште една мала дигресија за Горазд, дозволете. Тој е од свештеничка фамилија, а мајка му, тетка Дока (од која многу научив), е сестра на Венко Марковски – еден од најголемите интелектуалци на Македонија, партизан, заслужен за македонскиот јазик (заедно со акад. Блаже Конески), литература и школство.

Тетка Дока велеше дека дури и Сталин се јавувал да се консултира со него. Не сум сталинист ниту болшевик, но таков авторитет да ве консултира заслужува респект, па дури и завист (која Венко ја доживеа). Во 1952 година ја издал книгата „Современи парадокси“, која е прва дисидентска, дистрибуирана во Куманово од Душко Накевски и Александар Стојановски. Таа му донесе злопатења, а нам губиток на редок ум. Јас израснав во околина на Колишевски и УДБА, но денес треба да имаме и ретросензори за секој аспект на нашата земја, да ги екстрахираме вредностите, а и насилствата, кои ни се сервирани во изобилство. Горазд го прифати системот каков што е, а остана искрен голем Македонец до ден-денес.
Алексеј Дума е вториот играч, пензиониран професор по Судска медицина. Мошне е заслужен (критично) за постземјотресниот тогаш нов и модерен Институт за форензичка медицина. Воведе генетски истражувања во Институтот, неколку други дисциплини и е еден од главните истржители во атентатот врз претседателот Киро Глигоров и „несреќата“ со авионот во кој беше претседателот Борис Трајковски. Неговиот пристап беше „шерлокхолмски“ – абдукција, тоталност и најнова наука, но мислам дека пошироката клиентела не го сфаќаше баш тоа. Татко му Христо Дума беше основач на македонската педијатрија и воведе клиничка генетика со академикот Ефремов. За соработката со Горазд и универзитетот „Колумбија“ има неколку изјави на телевизија и во медиуми. Во последно време ми се чини дека докторите се цел на „медиумски десанти“ – туш од секакви напади. Постои популациска колективна „идиосинкразија“ (нетрпеливост) кон докторите кај нас од комунизмот, па до денес – открив дека тоа е уште од Византија, со ист погрден назив за доктори и лихвари (leche, mercator, mangones, во Книгата на Епарх). Во странство секако дека постои строга контрола на медицината, но и платеност 50-100 пати поголема. Не сум среќен што оваа „афера“ се разнесе и по странски медиуми, во земји околу нас. Како ќе се репарира сега угледот на овие стручњаци? Каков ќе биде мотивот да се соработува со странство? Дали „Колумбија“ ќе сака да соработува со нас? Без одење во странство, Македонија ќе биде како затворено дете дома за цел живот. На тоа ја додавам и изразената оксидентофобија што се разгорува кај нас и на Балканот. Па, од каде ја добивме науката? Од каде е секое помагало што го имате дома? Имајте малку респект. Од каде испадна дека нашиве се во фајлот на Епштајн? Не знам, но ќе ви кажам свое мислење. Сега гледам дека Епштајн не е индивидуален агент, туку институција. Ако има милионски фајла – тој е институција. Како во НСА (според Сноуден) секој може да биде во тие фајлови. Самиот велел дека кога сака, може да му се јави на кој сака државник и на Исток и на Запад. Значи, тој е моќна разузнавачка агенција (можеби афилирана за Мосад, ЦИА, можеби самостојна, а тој вели и источни земји – ќе видиме). Во исто време беше и криминалец – мегамакро за педофилија и други филии. Таква малолетничка злоупотреба имаше и кај нас во комунизмот, па и во другите источни земји. Сатанизмот е грозна психосоцијална појава (Мухиќ вели „психопатократија“), која постои уште од антеделувиумот и антиката. Нацистите имале школи во кои децата ги учеле уште како мали да бидат садосатанисти. После, многу пребегнале на Запад – Северна и Јужна Америка.

Има податок дека тие формирале исти такви школи и клубови, кои ги посетиле многу еминентни личности. Постои ли етика? Кант вели – категориски императив. Хм, мислам подзаборавил (или намерно анулирал) за главниот фактор на неговите конкуренти (Њутн, Лајбниц, Ојлер) – време. Дали постои време за категориите? За време на Леонардо обдукцијата била забранета со смртна казна и тој бил персекутиран. Денес – таа е „императив“, не само во форензиката. Тогаш аутопсија била дозволена кај Арапите (шарија, што Генон би рекол е егзотеричен „императив“ за хакика – длабочината, езотеријата). Е па, сега во антагонизмот на верите дали е морална шаријата (Genon, Hanifa, Anas, Hanbal) или модерниот морализам – на пр. сканлон (контракт) или нусбаум (емоциоправност)? Тоа е основа на конфликтите на Блискиот Исток, а наскоро и во Европа. Дали докторот мора да биде светец? Не мора, но добро е да ги чита светците. Дали е потребна истрага на случајот „Росоклија-Дума“? Да, но не затоа што верувам во вина, туку обратно – да добијат сатисфакција да го отстранат ова од себе. Би советувал да се вклучат и правни лица од странство, бидејќи ова е конвикција и на универзитетот „Колумбија“. Да потсетам дека на Запад постои и можност за тужба за повреда на личноста, често со огромни отштети. Ако постои предмет – состојбата се менува и ќе има огромни последици. Им пожелувам на колегите да ја докажат својата кристална чистост, во која сум многу убеден.

Професор д-р Самуел Колономос Садикарио