ЗОИ 2026
Ставре Јада (27) беше првиот македонски натпреварувач, од вкупно четворица, што вчера настапи на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо (Италија). Тој во нордиско скијање, во квалификациска спринт-трка на 1,5 км, во конкуренција на 95 пријавени натпреварувачи (еден не се појави), го освои 89. место. Во таа квалификациска трка победи Јоханес Хоесфлот Клаебо од Норвешка, кој подоцна ја освои и олимписката титула, негова седма вкупно.
Од квалификациите, пласман во четврт-финалето обезбедија првите 30 натпреварувачи. Јада, кому ова му е трет настап во низа на ЗОИ, по Игрите во Пјонгчанг во 2018 година и во Пекинг во 2022 година, го очекува уште една трка, в петок, на 10 км. Утре (13 часот) ќе настапи и нордијката Ана Цветановска, која ќе се натпреварува во трката на 10 километри.
Од македонските алпски скијачи на ЗОИ 2026 ќе настапат Јана Атанасовска во велеслалом (в недела) и во слалом (18 февруари) и Виктор Петков, кој ќе скија во велеслалом (в сабота) и во слалом (16 февруари). Г.И.































