Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (6)
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците.
Во претходната колумна ги дефиниравме милениците како посебна популација животни, создадена со вештачка селекција и целосно зависна од човечката грижа, со акцент на социјализацијата и строгите стандарди за нега. Сега, кога разликата меѓу бездомно животно (гулаб, мачка, куче…) и миленик (гулаб, мачка, куче…) е јасна, доаѓа пресудниот момент: правилниот избор на идниот миленик.
Изборот не е момент на слабост пред „слатко муценце“ или пред етикета на кутија „спаси ме“ од улица или од оглас, туку на темелна процена на сопствениот ритам на живот, базирана на етологија, психологија и реални околности. Научните истражувања покажуваат дека 40 отсто од напуштените миленици во европските засолништа потекнуваат од погрешен избор, каде што сопствениците затаиле да ги проценат своите можности. Речиси половина од напуштањата! Тоа е премногу голема бројка што со соодветна едукација од страна на компетентни и соодветно образувани професионални лица (етолози, биолози, еколози, ветеринарни доктори, кинолози, фелинолози, одгледувачи, дресери, стилисти за миленици…) може да се сведе на минимум. Луѓе од овие професии со меѓународни постигнувања и реноме дискретно секојдневно работат во Македонија. Тие ги посветиле својот живот и кариера на милениците. Можете да ги запознаете на настани како „Пет фест“ или, пак, на панел-дискусии, како онаа во Скопје во декември 2025 година, со присуство на 54 експерти од целата сфера за миленици. Ваквите настани помагаат да се доближат науката и знаењето до сегашните и идните сопственици на миленици.
Мотивацијата да се земе миленик мора да излезе од длабочината на сопствената реалност, а не од површен импулс (роденден, Нова година, петка во училиште, прекин на врска, сожалување на некоја тажна приказна, момент на емоционална криза…). Дали навистина имате простор во вашиот живот за таква посветеност? Миленикот не е емоционална замена за човечки односи, ниту за исполнување празнини – тој бара непоколеблива одговорност, време, енергија и финансиска дисциплина.
Сите ние сериозно го истражуваме изборот на која било нова машина за домот (за перење алишта, телевизор, робот…). За новиот автомобил со месеци прегледуваме форуми и јутјуб-видеа, разговараме со различни продавачи и корисници на марката или моделот, правиме тест-возења, чекаме со месеци испорака за машина што ќе ни служи од пет до седум години пред да ја замениме.
За миленик, ретко кој ја има таа свест. Го сакаме веднаш, одма, итно дома под елка. Иако живее од 12 до 15 години, бара секојдневна посветеност и го нарекуваме „мамино“, одлуката, за жал, често е импулсивна за неколку минути, од оглас, улица или засолниште, без процена на сопствениот ритам, простор, време или финансиска издржливост. Оваа длабока несериозност е парадоксална: за автомобил вложуваме 50–100 часа во квалитетно истражување, додека за живо суштество што чувствува, дише и целосно зависи од нас – има целосно отсуство на анализа. Резултатот е трагичен: брз, неразмислуван избор, каде што сопствениците подоцна сфаќаат дека не можат да ја издржат одговорноста и комплетно ја загрозуваат благосостојбата на миленикот, а често и неговиот опстанок. Време е за промена – миленикот бара подлабоко и посериозно истражување од кое било потрошувачко добро, зашто тој не е предмет, туку животно на доживотна одговорност. Барем времето посветено на барањето на идеалниот домашен робот да биде исто како и истражувањето за идеалниот миленик!

Не можат сите, ниту пак треба, да чуваат миленик. Не можат сите, ниту пак треба, да чуваат куче. Кучето е најголема жртва на својата репутација: холивудски нереални очекувања дека доаѓа со фабричка конфигурација за послушност, верност, пожртвуваност, љубов, приврзаност, хигиенски навики…, а всушност претстојат секојдневни предизвици на запознавање и едуцирање. Кучето е најзлоупотребуваниот миленик од страна на сопствениците зашто е земено како нешто познато, нешто разбрано, нешто обично.
Реални алтернативи постојат за секој животен ритам и можности, но секоја од нив бара своја одговорност. Риби, желки, зајачиња, ’рчковци, папагали, рептили и тарантули имаат потреба од адаптиран простор, посебна исхрана и нега. Многу често кај овие животни само еден погрешен избор на сопственикот доведува до стрес и смрт. Затоа е важно да се чита и консултира со денови и месеци пред да се одлучи.
Нејзиното Височество, расната мачка, е избор за миленик број еден во „развиениот свет“. Независна во хигиената, без прошетки, идеална за урбани станови. Често живеат од 15 до 20 години и имаат потреба од буџет од околу 500 евра годишно.
Изборот мора да одговара на вашиот стандард и начин на живот – миленикот не е играчка, тој е живо суштество. Едно куче чини околу 15.000 евра во текот на својот живот во Македонија, независно дали сте го добиле бесплатно или сте платиле стотици, па и неколку илјади евра за да го поседувате. Тој буџет опфаќа храна, ветеринарска нега, вакцинации, груминг, хотел, реквизити… Британската студија на „Догс траст“ (2023) потврдува дека успехот зависи од: поседување минимум два часа дневно за прошетки, игра и солиден годишен буџет од над 1.000 евра… или во наши услови: една кутија цигари дневно ќе ве чини вашето куче. Прво, реално анализирајте го вашиот ритам на живот, па изберете вид на миленик, па потоа и раса. Иако станува збор за животно од истиот вид, сепак расите се добиени со наменска вештачка селекција, па животното не само што морфолошки е различно туку и неговата психологија и хормони се сосема различни од раса до раса.
Откако расата е избрана, препорака на сите познавачи на куче е да изберете кутре од проверен одгледувач со ФЦИ-документација регистриран во Кинолошкиот сојуз на Македонија. Сојузот постои од 1953 година како прва и единствена научна институција целосно посветена на кучињата. Тој е сочинет од клубови каде што членуваат кинолози, судии, одгледувачи, љубители што го поседуваат сето неопходно знаење за кучињата и нивното одгледување и ќе биде ваш добар сојузник при изборот на правиот миленик. Секако, вакциналниот картон, чипот и сите документи за сопственост треба да се регуларни и ажурирани. Белјаевовиот експеримент со лисици (1956–денес), за кој говоревме во претходната колумна, покажува дека селекцијата за питомост создава хиперзависни единки – затоа избегнувајте кучиња без позната генетика, која го условува степенот на питомост, неагресивност, можност за социјализација и хармонија.
Посетете го кученцето во неговата средина и набљудувајте: дали мирно се однесува со деца и дали толерира допир? Во која состојба се одгледуваат мајката, таткото и другите малечки од леглото. Избегнувајте хиперпродукција, онлајн огласи, недостапни и нерегистрирани одгледувачи или, пак, оние што одгледуваат фармски неколку раси одеднаш. Малечкото се зема на возраст над два месеца (идеално десеттата недела од живот). Студијата на АСПЦА (2022) утврди дека 70 отсто од несогласувањата се откриваат со три-пет посети... Информациите што се потребни за правилен избор на миленик, а потоа и на раса, никако не би можеле да влезат во една колумна чија цел е да ја подигне свеста околу одговорното сопствеништво, која почнува со правилниот избор како основа за заедничка благосостојба за свесно општество каде што миленикот не е товар.
Илија Петковски
































