Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Светските цени на храната во јануари се намалија петти месец по ред, додека глобалните залихи на житни култури се приближија до историскиот максимум, соопшти денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните движења на цените на основните земјоделски производи на светскиот пазар, во јануари изнесуваше во просек 123,9 поени, што е намалување за 0,4 проценти во однос на декември и 0,6 проценти во однос на претходната година.

Цените на житарките се зголемија за 0,2 проценти во однос на претходниот месец, и покрај незначителното намалување на цените на пченицата и пченката.

Високото ниво на залихи на пченица ја неутрализира загриженоста поради временските услови во Русија и САД, додека солидните глобални залихи на пченка ги ублажија ефектите од неповолните временски услови во Аргентина и Бразил, како и силната побарувачка за етанол во САД.

Индексот на цените на растителното масло се зголеми за 2,1 процент во јануари. Зголемувањето на цените на палминото масло беше поврзано со сезонско забавување на производството во Југоисточна Азија и стабилната глобална побарувачка, додека цените на соиното масло се зајакнаа поради намалената понуда од Јужна Америка и очекувањата за силна побарувачка од американскиот сектор за биогорива.

Цените на месото во јануари се намалија за 0,4 проценти, главно поради пониските цени на свинското месо, во услови на обилна глобална понуда и послаба меѓународна побарувачка. Најизразено намалување е забележано кај млечните производи, чиј индекс се намали за пет проценти споредено со декември, поради пониските цени на сирењето и путерот.

Индексот на цените на шеќерот се намали за еден процент, поради очекуваното зголемување на понудата, особено поради закрепнувањето на производството во Индија и поволните перспективи во Бразил и Тајланд.

Врз основа на ажурираните прогнози, глобалните залихи на житни култури би можеле да се зголемат за 7,8 проценти и да достигнат рекордно ниво, се додава во извештајот на веб-страницата на ФАО.