Франција ја намали дозволената безбедносна граница за токсинот цереулид во формулата за доенчиња, со цел зајакнување на заштитата на потрошувачите откако повеќе големи производители наложија повлекување на производи ширум светот поради сомнеж за контаминација – соопшти денеска француското Министерство за земјоделство.
Новиот праг изнесува 0,014 микрограми цереулид по килограм телесна маса, во однос на досегашните 0,03 микрограми по килограм, наведено е во соопштението – пренесува „Фигаро“.
Цереулид е токсин кој може да предизвика мачнина и повраќање. Токсинот е откриен во состојки од фабрика во Кина која снабдува голем број производители на формула за бебиња, меѓу кои се Нестле, Данон и Лакталис. Тоа доведе до повлекување на производите во десетици земји и предизвика загриженост кај родителите.
Одлуката на Франција е донесена по состанокот на Европската унија на 28 јануари и е во согласност со ажурираните насоки на Европската агенција за безбедност на храната, кои би требало да бидат објавени в понеделник – наведува ресорното министерство.
Нискиот праг на безбедност веројатно ќе доведе до дополнителни повлекувања на производи од пазарот во Франција во наредните денови.
Француските истражители на 23 јануари соопштија дека испитуваат дали постои врска меѓу смртта на две доенчиња и повлекувањето на контаминираната формула.
Во меѓувреме, организацијата на потрошувачи „Foodwatch“ поднесе кривична пријава во Париз во име на осум семејства чии бебиња, како што наведуваат, се разболеле по консумирање на спорната формула, обвинувајќи ги компаниите дека предолго чекале да ја предупредат јавноста. Случајот укажа на тоа како една контаминирана состојка може брзо да се прошири низ глобалниот синџир на снабдување со храна за доенчиња, и покрај строгата регулатива, и да предизвика нарушувања на пазарот.































