На 58-годишна возраст почина современиот македонски книжевник, писател и поет, преведувач и колумнист Тихомир Јанчовски, соопшти неговото семејство на социјалните мрежи.
Роден во 1967 во Скопје, Јанчовски дипломирал општа и компаративна книжевност на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во 1991 година, по што специјализирал во Будимпешта, на катедрата за Средновековни студии на Централноевропскиот универзитет. Магистрирал современа историја на УКИМ во 2010 година.
Јанчовски во 2024 година одбележа 25 години творештво, во кое остави над триесет објавени книги, главно збирки поезија, но и романи, аудиокниги и дела поврзани со историјата, а во наследство остави и мноштво книжевни преводи.
Изминатата година Јанчовски на сцената беше актуелен со поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“, кој го создаде со Бранислав Николов.
Избори од поезијата на Јанчовски се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, неговите дела се во голем број антологии и се преведени на петнаесетина светски јазици.

































