Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска претседаваше со првата конститутивна седница на Колегиумот на директори на државните инспекциски служби, при што Министерството за јавна администрација (МЈА) ја исполни законската обврска за одржување на оваа седница, но и постави основа за поефикасна, посистемска и усогласена соработка меѓу сите инспекциски органи во државата, информираат од МЈА.
Целта на Колегиумот, како што велат, не е само формална координација, туку суштинско унапредување на размената на информации и добри практики, усогласување на инспекциските постапки, заедничко планирање на активности, како и навремено идентификување и надминување на системските предизвици.
-Очекувам овој Колегиум да прерасне во вистинска платформа за стратешки дијалог, каде што ќе се отвораат прашања од заеднички интерес, ќе се предлагаат конкретни решенија и ќе се градат политики кои ќе придонесат за поголема правна сигурност, подобра услуга кон граѓаните и стопанството и зголемена доверба во институциите – истакнал министерот Минчев.
Министерството за јавна администрација, како што беше нагласено на седницата, ќе остане силен и активен партнер во процесот на реформирање на инспекцискиот систем, со јасна заложба за професионализација на инспекциските служби, унапредување на институционалните капацитети, дигитализација на процесите и доследна примена на законските решенија.
Министерот посочи дека новиот Закон за инспекциски надзор става посебен акцент на планирањето како темел на квалитетен, ефикасен и предвидлив инспекциски надзор.
-Овој закон не претставува само формална нормативна рамка, туку суштинска реформска алатка која поставува нови стандарди на професионалност, одговорност и координација во работењето на инспекциските служби – нагласил Минчев.
































