Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска одржа протест пред Работничкиот дом, Собранието, Стопанската комора и Владата, барајќи итно зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов пред Работничкиот дом изјави дека „работниците повеќе нема да им се молат на Владата и газдите, туку ќе се борат за зголемување на платите“.
– Денеска сме тука за нашите деца, за нашите ќерки и синови, за нашите внуци и правнуци. Денеска сме тука да се бориме мизерните плати да се зголемат затоа што Владата и газдите одбиваат да го сторат тоа и одбиваат да им помогнат на нашите семејства. Денеска работниците зборуваат. Политичарите имаа доволно време да го сторат тоа и не го направија. Од денеска ние зборуваме за зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра и за зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари – рече Трендафилов.
Пред зградата на Собранието тој упати порака до 120-те пратеници кои, според него, една година одбиваат да донесат измени на Законот за минимална плата. Побара веднаш, уште утре, да се предложат измени и дополнувања на Законот за минимална плата за да се зголеми на 600 евра, за да им се помогне на 200.000 работници кои имаат плата под 30.000 денари.
– Доколку до крајот на неделата не предложите измени на законот и заедно не го изгласате за да им помогнете на работниците, работничкиот револт ќе продолжи. Ќе биде пожесток, ќе следуваат блокади, ќе следува генерален штрајк и ќе следува тоа што вас најмногу ќе ве боли … Ќе собереме 10.000 гласови, потписи, со кои ќе станеме граѓански предлагач и ќе бараме 80 проценти да ви се намалат вашите плати. И ќе бараме да ја зголемите минималната плата на 600 евра и за најмалку 6.000 денари да ги зголемите другите плати – рече Трендафилов.
Заменик-претседателот на ССМ Иван Пешевски пред Стопанската комора изјави дека работниците ќе бидат таму секој ден додека не ја обезбедат посакуваната плата, најавувајќи блокади на улици и институции, како и одлука за генерален штрајк, која, како што рече, ќе биде за првпат во историјата на Македонија во приватниот сектор.
– Тука сме денес, ќе бидеме утре и секој нареден ден додека не ја постигнеме целта, а тоа е нашето барање од 600 евра минимална плата и зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари, 6.000 денари само за една година ни се зголемија трошоците на живот благодарение на лошите политики и нефер трговци коишто нè оставаат пред најголемите празници со празни трпези … Ќе блокираме и улици, и институции и ќе донесеме одлука за генерален штрајк првпат во историјата на Македонија во приватниот сектор – рече Пешевски.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски во своето обраќање пред Владата, пак, нагласи дека денешниот протест на работниците не е заради политички цели, туку, како што рече, поради тоа што платите на работниците не им стигаат ниту до средината на месецот.
– Нас денес овде не нè собра политиката; нè собра маката, нè собра неправдата, нè собра сиромаштијата, нè собраа платите што не ни стигаат ни до средината на месецот. Нè собраа празните фрижидери и цените во маркетите. Нè собра синдикалната минимална кошничка, која изнесува 65.000 денари – рече Деаноски.
Пред Владата, уште еднаш пред работниците се обрати претседателот на ССМ, Трендафилов, упатувајќи критики кон владините функционери.








































