Фото: Александар Николоски/Фејсбук/Илустрација

Околу 50 возачи на товарни возила денеска излегоа на мирен протест на граничниот премин Делчево, со кој дадоа поддршка на барањата на нивните колеги од земјите на Западен Балкан, поврзани со ограничувањето на престојот во Шенген зоната на 90 дена во период од 180 дена.

Протестот е реакција на воведувањето на електронскиот систем за евиденција на влез и излез (Entry/Exit System – EES), кој, според возачите, ќе резултира со тоа голем број професионални возачи да го надминат дозволениот број денови и да им биде оневозможен влез во земјите од Шенген зоната.

-Досега имавме повеќе флексибилност во бројот на денови, но со новиот електронски систем од април, речиси сите возачи ќе имаат прекорачен престој. Се работи за 80 до 90 проценти од возачите кои реално ќе се соочат со забрана за влез – изјави еден од учесниците на протестот.

Тој посочи дека авионскиот и бродскиот сообраќај се изземени од ваквите ограничувања, додека патниот, односно патничкиот и товарниот транспорт, не е.

-Економијата на земјите од Западен Балкан во голем дел се потпира на патниот транспорт. Нашите возачи практично ја движат трговијата и снабдувањето. Затоа бараме да бидеме изземени од ова правило или да се најде посебно решение за професионалните возачи – нагласи тој додавајки дека на протестот поддршка имале и од главните луѓе на Волво транспортот за Македонија.

Возачите порачаа дека протестите се предупредувачки и оти очекуваат институциите и надлежните европски тела да го земат предвид нивниот проблем, во спротивно најавуваат можност за поригорозно делување на протестите.