Ексклузивно:
Брисел интензивно работи на план за прием на сите земји кандидати, но со ограничени права
- Планот во врска со приемот на земјите кандидати без право на глас беше предложен кон крајот на минатата година од страна на функционери и проевропски влади за да се внесе живот во процесот на проширување на ЕУ, кој исто така е блокиран од неколку други европски центри поради страв дека може да донесе несакана конкуренција за локалните пазари или да ги компромитира безбедносните интереси
Извори од Брисел брифираат за „Нова Македонија“ дека Европската Унија интензивно работи на план на колективен прием на сите земји кандидати во ист момент, со тоа што новите членки ќе имаат ограничени ингеренции, нема да можат да ставаат вето, да кандидираат свои комесари, ниту, пак, да гласаат во делот на надворешната политика на Унијата.
Ограничените надлежности ќе траат сè додека земјите не ги постигнат бараните европски критериуми, а во меѓувреме ЕУ ќе работи на внатрешна реформа што треба да резултира со силна и ефикасна Унија.
Интересно е што и бриселски „Политико“ делумно потврдува и динамична работа на ова поле од страна на европската влада (Европската комисија), а во врска со подготовките на плановите за новото проширување на ЕУ.
Всушност, „Политико“ пишува дека „се очекува Европската комисија да обелодени конкретни планови и програми за проширување на Унијата“, и тоа со временски рокови, кои, според медиумот, се фиксирани „кон крајот на февруари или на почетокот на март, кога дефинитивно ќе биде познато како ќе се реализира оваа идеја“.
Нови членки без право на глас, помалку главоболки за носење одлуки
И додека Брисел е решен одеднаш да го затвори прашањето за проширувањето, истовремено и да ги елиминира стравовите на постарите и посилни земји членки околу внесувањето дополнителна дисфункционалност на Унијата, постојат и различни мислења околу редуцираните ингеренции што им се нудат на новите земји кандидати.
Земјите што чекаа со години да се приклучат кон ЕУ се поделени околу плановите што се подготвуваат во Брисел за да им се дозволи да станат членки без вообичаеното полноправно право на глас. Едни инсистираат дека треба да ги добијат сите придобивки од блокот, додека други се среќни само да бидат на масата.
Во тој контекст, интересно е и споменувањето на цврстото становиште дека „ЕУ апсолутно ќе направи и свои внатрешни реформи, паралелно со процесот на проширување!”.
На пример, според „Политико“, за да ги намали загриженостите на постојните членки дека поголема ЕУ би го отежнала донесувањето едногласни одлуки, Европската комисија (ЕК) размислува да им даде на новите членки полноправно право на глас „дури откако ЕУ ќе го преиспита начинот на кој самата функционира, односно откако ќе ги направи внатрешните реформи“!
Ваквиот пристап би им го отежнал правото на вето на поединечните земји и би спречил опструирање на европските политики. Во моментов новите членки добиваат целосно право на глас веднаш, како што се случи кога најновата земја што се приклучи на ЕУ, Хрватска, влезе во 2013 година. Но токму тоа придонесе некои понови земји членки да го користат ветото да опструираат многу одлуки на Унијата, а пример за тоа беа Грција и Бугарија, кои поради билатерален спор ги блокираа македонските евроинтеграции.
Меѓу овластувањата што првично би можеле да бидат ограничени е правото на новите учесници да ги блокираат санкциите.
Мешани реакции меѓу земјите кандидати
Изгледите за приклучување без целосно право на глас предизвикуваат мешани реакции од земјите кандидати.
Албанскиот премиер Еди Рама, чија земја ги отвори сите таканаречени преговарачки кластери на кои ќе мора да работи, за „Политико“ изјави дека мерките се „добра идеја“ и дека неговата земја дури би прифатила за одреден временски период да нема свој комесар во Брисел.
Според него, Албанија не сака да ја оспори волјата на големите членки основачи, како што се Франција и Германија.
– На крајот на краиштата, тие се возрасните во семејството, кои ги носат важните одлуки – рече тој, притоа додавајќи дека една предност за помалите членки на ЕУ е тоа што ако поголемите земји „зафркнат“, тоа нема да биде по вина на новите членки.
Саломе Зурабишвили, последната директно избрана претседателка на Грузија, рече дека долго време се залагала за таков потег во разговорите со претставниците на ЕУ. Нејзината улога беше маргинализирана од владејачката партија Грузиски сон, потег што го осуди Брисел, а пристапните преговори сега се запрени поради предупредувањата за демократско назадување.
– Како мала земја, многу е јасно дека наш интерес е да бидеме дел од заедница, од семејство и да бидеме дел од програмите што ја сочинуваат ЕУ, а воопшто не да бидеме рамноправни донесувачи на одлуки како земјите што биле уште од основањето на Унијата и се многу помоќни. Мислам дека тоа е многу логично ако сакате да имате организација што може ефикасно да донесува одлуки – изјави Зурабишвили за „Политико“.
Молдавија размислува, Украина сака полноправно членство веднаш и сега
Молдавија, чија апликација за членство е во пакет со онаа на Украина, изјави дека сака да ги види деталите за предлозите.
– Подготвени сме да преземеме одговорности во рана фаза и би ја поздравиле можноста да учествуваме и да помогнеме во обликувањето на овие дискусии. Во исто време, полноправното членство, со еднакви права и целосно учество во донесувањето одлуки во ЕУ, мора да остане јасна и крајна цел – рече висок молдавски функционер, кој побара анонимност да зборува отворено.
Од друга страна, Украина, која е соочена со девастирачки воен конфликт, се противи на идејата да влезе во ЕУ со ограничени права.
– Ако зборуваме за членство во ЕУ, тоа мора да биде целосно – рече претседателот Володимир Зеленски во ноември.
Црна Гора, земјата кандидат што според оценките на Брисел е најнапредна на својот пат кон пристапување, исто така инсистира на полноправно членство.
– Факт е дека ЕУ веќе се состоеше од 28 земји членки. А во моментов имаме 27 поради брегзит. Значи, во тој поглед, ако Црна Гора стане 28-та земја членка на ЕУ до 2028 година, тогаш одговорот (на прашањето дали има потреба од реформи) е не, нели? Но тоа дефинитивно е прашање на кое треба да одговорат лидерите на ЕУ – изјави црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ за „Политико“.
Кос: Мора да ги обесхрабриме надворешните деструктивни сили
Планот во врска со намаленото право на глас беше предложен кон крајот на минатата година од страна на функционери и проевропски влади за да се внесе живот во процесот на проширување, кој исто така е блокиран од неколку други европски центри поради страв дека може да донесе несакана конкуренција за локалните пазари или да ги компромитира безбедносните интереси. Бугарија ја блокира Македонија, Хрватска има забелешки на Црна Гора, Грција не ги доразјаснила работите со Албанија, Полска се соочува со ризици ако влезе Украина со полн капацитет на одлучување, Унгарија исто така има забелешки на приемот на Украина, така што многу работи околу проширувањето висат во воздух. Но, за да се спречи безбедносен ризик и да се затвори прашањето на европските граници, ЕУ сепак ќе оди на варијантата на заеднички прием со ограничени права, без оглед дали тоа на некои земји кандидати им се допаѓа или не.
Еврокомесарката за проширување и соседска политика Марта Кос изјави за „Политико“ дека конкретни предлози ќе бидат изнесени „во февруари или март“. Таа додаде дека „целосно нов елемент“ поттикнува ново чувство на итност.
– Имаме надворешни деструктивни сили што би сакале да нè видат како пропаѓаме – тие работат против нашите земји кандидати, но ние сме главната цел – истакна Кос.
Планот ќе треба детално да го развие Комисијата пред да им биде презентиран на националните лидери и веројатно да се дискутира на идните самити на Европскиот совет, како и да биде оценет од правници за да се види како се вклопува во основните договори на ЕУ.
Иако кандидатите се длабоко навлезени во реформите потребни за да станат членки на блокот, Кос рече дека сè уште има работа што треба да се направи за да се убедат постојните членки дека ќе бидат воспоставени доволно заштитни мерки.
– Преговорите се технички дел; мора да го земеме предвид политичкиот дел, а тоа се земјите членки – рече таа. С.Т.
































