Фото: ЕПА

Контрастни разлики во реториката на двете најголеми светски економии во Давос

  • Официјалното мото на штотуку завршениот Светски економски форум во Давос гласеше „Дух на дијалог“, резонира со пристапот на Кина на самитот, со залагање за мултилатерална соработка и колаборативни решенија за светските предизвици. САД, претставени од претседателот Доналд Трамп, пак, прикажаа смела визија заснована врз убедувањата во американско лидерство, економска сила и територијални амбиции, додека Кина ги нагласи заложбите за стабилност и сигурност во трговијата

Контрастите во стратешките пристапи на Кина и САД повторно беа забележливи на Светскиот економски форум што се одржa неделава во Давос, Швајцарија, при што двете светски сили го искористија учеството на настанот што привлекува планетарно внимание за да ги пласираат своите агенди и да ги пренесат ставовите што ги обликуваат глобалните политики. На тој начин до израз дојдоа разликите во нивната реторика и стратешки пристапи, во услови на интензивирање на меѓусебното соперништво на повеќе полиња.

Официјалното мото на штотуку завршениот Светскиот економски форум во Давос – „Дух на дијалог“, резонира со пристапот на Кина на самитот, со залагање за мултилатерална соработка и колаборативни решенија за светските предизвици како што се климатските промени и економското закрепнување, по неодамнешните нарушувања на глобален план.

– Во поглед на моментната ситуација, сакам да споделам неколку забелешки. Треба цврсто да ја поддржиме слободната трговија и заеднички да промовираме универзално корисна и инклузивна економска глобализација. Економската глобализација – водена од меѓународна специјализација, соработка, комплементарна сила и стремеж кон победа за сите е преовладувачки тренд во историјата. Таа им користеше на многу земји, вклучително и на Кина, и им овозможи да постигнат брз развој. Напротив, во царинските и трговските војни нема победници. Освен што ги зголемуваат трошоците за производство и трговија, тие ја фрагментираат светската економија напред и ја нарушуваат глобалната распределба на ресурсите – истакна кинескиот вицепремиер Хе Лифенг во Давос.

Kинескиот вицепремиер Хе Лифенг го истакна залагањето за мултилатерална соработка

Највпечатливата порака на кинескиот вицепремиер гласеше дека „светот не смее да се врати на законот на џунглата, каде што силните ќе ги изедат слабите“, во услови на растечки унилатерализам и протекционизам, како и на сеприсутното влијанието на регионалните конфликти и геополитичките тензии.

Забележливо е дека присуството на Кина во Давос се засилува напоредно со нејзиниот подем како економска сила. На последните две изданија на економскиот настан, Кина ја покажа својата економска отпорност и го промовираше својот модел на развој, нагласувајќи ја отвореноста кон глобалните пазари и соработката. Кинеските претставници активно се обидуваа да ги смират пазарите во услови на геополитичка неизвесност и да ја истакнат улогата на Кина во поттикнувањето на глобалниот раст, особено во Азија и пазарите во развој.

САД, пак, претставени од претседателот Доналд Трамп, прикажаа смела визија заснована врз убедувањата во американско лидерство, економска сила и територијални амбиции, додека Кина ги нагласи заложбите за стабилност и сигурност во трговијата, Кинескиот вицепремиер Хе Лифенг ја позиционираше својата земја како застапник на меѓународниот поредок заснован на правила, во обраќањето во Давос во вторникот, што доби на значење во ситуација кога преовладува наративот дека актуелниот поредок исчезнува.

Делегацијата на САД упати порака втемелена врз слоганот „Америка на прво место“, силно нагласувајќи го трговскиот протекционизам и актуелниот примат на полето на вештачката интелигенција. Во 70-минутниот говор на претседателот Трамп во средата, беа опфатени трговијата, конкуренцијата во областа на вештачката интелигенција и силната определба за преземање на контрола врз Гренланд од Данска. Американскиот претседател притоа ги бранеше своите царински политики како средства поддршка на домашната индустрија.

Aмериканскиот претседател Доналд Трамп прикажа смела визија втемелена врз слоганот „Америка на прво место“

На панел во Давос, на кој учествуваа научници и познавачи на глобалните економски состојби, беше изразен оптимизам дека билатералните односи помеѓу САД и Кина ќе се стабилизираат годинава, по изминатата 2025-та обележана со тешка трговска војна. Панелистите се согласија за потребата од рамка или механизми за управување со односите меѓу САД и Кина и основните интереси на двете страни, што се смета дека би придонело за нивна меѓусебна соработка.

Забележливите разлики помеѓу САД и Кина се одразуваат во влијаниете помеѓу овие две нации во глобални рамки, изразено пред се, во политиката и во економијата.


 Маск очекува регулаторно одобрение за „Тесла“ во Европа и во Кина, ги препознава кинеските предности во трката за развој на вештачка интелигенција

Компанијата „Тесла“ веројатно ќе добие регулаторно одобрение во Европа и Кина за својот целосно самоуправувачки систем веќе идниот месец, изјави извршниот директор Илон Маск, во неговото прво учество на Светскиот економски форум во Давос. Ова убедување на најбогатиот човек на денешницата (неговото богатство моментно се проценува на 775 милијарди долари), се должи на стремежите на производителот на електрични автомобили да ги зголеми приходите од софтвер во услови на забавување на продажбата на возила. Одобренијата би биле клучни за „Тесла“, која е под притисок да генерира приходи од софтвер и услуги и се стреми да го монетизира системот за целосно самоуправување (ФСД) надвор од САД.

На дебито во Давос, Маск ја истакна клучната предност на Кина во трката со вештачка интелигенција, преку нејзината предност во достапното снабдување со електрична енергија. M.Ж.