Приказната за Стенвеј и синовите, испловува од недрата на океанот во Хилсборо Мајл, во едно топло попладне на плажата на т.н. дијамантска линија на брегот на Флорида, што се протега од Џексонвил на север, преку Дејтона, Палм Бич, крај денес извесната локација Лаго ди Маре, Бока Ратон, Помпано, Форт Лодердејл се до Саут Бич во Мајами. Били, Благоја Шврга, еден од ретките Македонци што живеат на оваа проминeнтна дестинација, носталгично се потсетува на бурните шеесетти години од минатиот век, кога понесени од традиционалниот гурбет-инстинкт, неколку млади од Битолско „бегаат“ преку граница за Америка. Најпрвин, неколку месеци во прифатниот камп Лаврион во Грција, а потоа пристигнуваат во Њујорк, Асторија, и започнуваат да го живеат својот сон. Првото вработување, се сеќава Били, во фабриката „Стенвеј и синовите“, каде што работи на клавирски чеканчиња и дампери што се вградуваат во светски извесните пијана. На работа во фирмата Били подоцна ќе ги доведе нашинците Петре и Олга Кочишки, Крсте-Крис, својот брат Веселин, Ценко и други, кои својот сон и својата енергија, трудољубивост, долги години ќе ги насочат и ќе ги вградат во светската марка на клавири „Стенвеј и синовите“.
Пред повеќе од 150 години започнува една приказна слична на оваа нашата и милиони други неизвесни и извесни стории од возбудливиот американски сон. На повик од својот роднина Чарлс Стенвеј, вработен како тон-регулатор и клавир штимер во фирмата „Бакон и Равен“, како и милиони други емигранти, привлечен од економските можности, Хајнрик Енглхарт Стејнвег (подоцна Стенвеј) со пет од своите седум деца и сопругата впловува во Њујоршкото пристаниште. Во времето кога семејството Стенвеј пристигнува во Америка производството на пијана е силна индустриска гранка, која вработува над 1.900 работници, кои произведуваат 9.000 илјади пијана годишно и остваруваат 2,1 милиони долари вкупен износ. Вистинската приказна започнува во март 1853 година, кога „Бакон и Равен“, најголемата фирма за производство на пијана во тоа време, каде што семејството Стенвеј работи, стапува во штрајк. Најдобрите четворица работници, таткото Хенри и неговите три сина решаваат да започнат сопствен бизнис, во едно мало здание долу во Менхетн, што за помалку од десет години ќе стане најголема светска фабрика за производство на пијана што ќе го претвори името Стенвеј во симбол на бескомпромисен квалитет и престиж.
Наздравуваме со ликер „франџелико“ во Асторија со Крсте Шврговски-Крис за љубезноста и одобрението од менаџментот и следниот ден го поминувам во погоните на „Стенвеј“ во Лонг Ајленд. Овде компанијата во 1910 година од градот закупува 400 акри, и малата фабрика од потегот меѓу Парк авенија и 52 улица, каде што денес е „Валдорф Асторија“, ја преселува на комотна локација каде што ги заокружува и консолидира производствените операции и дејности. Тука денес работат 600 врвни мајстори и персонал, кои вредно и стрпливо ја продолжуваат приказната за волшебниот инструмент пијано, која започнува некаде во 1711 година, од денот кога Бартоломе Кристифори го создава пианофортето, па преку францускиот мајстор инвентор Себастијан Ерард, кој во 1823 година со цел подобрување на резонанцата и динамиката, го засилува инструментот со вградување метални барови, со што се засилуваат техничките перформанси. Петнаесет години подоцна во Бостон, мајсторот Јонас Кикеринг создава едноделен метален одливок на пијано-плоча, што во европското искуство ќе остане непознато до 1870 година. По основната забелешка за тенкиот и метален тон, со низа вешти дотерувања мајсторите во „Стенвеј“ го рафинираат и усовршуваат тонот на своите инструменти, го додефинираат и во 1855 година во „Кристал палас“ го изложуваат коцкестиот модел „гранд пијано“ и од Американскиот институт ја добиваат наградата за иновација. Во 1860 година овој модел се доусовршува и го добива обликот на денешното „гранд пијано“. Хенри Стенвеј Јуниор го патентира и заштитува моделот на кој истата година со Њујоршката филхармонија ќе настапи С.Б. Милс, при што ќе го изведе и ќе му даде едно ново значење на Шопеновиот концерт во Ф-мол, за кој критиката во „Њујорк тајмс“ одушевено подвлекува. Тоа е еден од највеличествените инструменти што некогаш се чуени во концертните холови.
Во 1862 година на Светската изложба во Лондон, пијаното „стенвеј“ ќе ја воодушеви и вчудовиди европската рафинирана публика и ќе ја освои првата награда. И така супериорниот инструмент во комбинација со креативниот маркетинг доживува метеорски успех.
Помеѓу 1865 и 1875 година, Ц.Ф. Теодор Стенвеј во соработка со физичарот Херман фон Хелмхолц развива и патентира серија од револуционерни пронајдоци и го заокружува моделот „гранд пијано“. Притоа, малата мануфактура „Стенвеј“ во Варик стрит на Менхетн континуирано расте и станува бренд, синоним за перфекција и квалитет.
Во духот на подемот и растот на компанијата, во 1866 година е изграден „Стенвеј хол“, здание со 2.000 седишта и неверојатна акустичка перфекција, во која свое деби ќе имаат пијанистот Антон Рубинштајн, виолинистот Хенри Виењавски, вокалистот Парера Роса. Како дел од американската турнеја во тогаш престижниот „Стенвеј хол“, и Чарлс Дикенс ќе одржи серија од 13 книжевни вечери. „Стенвеј хол“ е официјалната сцена на Њујоршката филхармонија сѐ до отворањето на „Карнеги хол“ во 1891 година.
На 8 февруари 1871 година „Њујорк тајмс“ објавува дека Хенри Стенвеј Сениор, сопственикот на „Стенвеј и синовите“, почина во својата резиденција на 53. улица. Во пригодниот текст е подвлечено – талентиран, темелно образован и подготвен мајстор за пијано, од својата матична татковина Германија тргнува во потрага по поширока можност за остварување на својот сон и создава вредност и врвен квалитет, бренд пијана на кои музицираат најголемите светски виртуози.
Како значаен дел на метеорскиот раст и корпоративното дејствување Вилијам Стенвеј организира гостување на Антон Рубинштај, кој на 215 концерти низ Америка ќе настапи на пијана „стенвеј“, за што на крајот во писмо ќе ѝ се заблагодари на компанијата за врвниот квалитет на инструментите и за големото задоволство при изведбите.
Игнас Јан Падаревски по покана од Вилијам Стенвеј во Америка одржува 67 пијано-рецитали во 24 града и во своето прво гостување, идниот полски премиер заработува неверојатни 180.000 долари. Подоцна во 1923 година боксофисот на пијанистот Падаревски доживува епски димензии кога во организација на „Стенвеј и синовите“ за само17 настапи заработува повторно фантастични 180.000 долари, а пијаната на „Стенвеј“ го добиваат епитетот бесмртни инструменти.
Во рамките на својата бизнис-стратегија долго пред т.н. глобална економија, во 1880 година компанијата „Стенвеј“ ја проширува дејноста и гради фабрика во Хамбург, со цел освојување на пазарот во Европа и Азија. Во духот на германската традиција, синовите Вилијам Т. и Теодор Стенвеј од 18-годишна возраст ги изучуваат вештините и тајните на занаетот за подоцна да го преземат и да го продолжат семејниот бизнис и траењето на светски извесниот бренд.
И еве сме според ден претходно закажаната посета во производствениот погон во Лонг Ајленд Сити, каде што од љубезните домаќини ми е овозможено да разгледам и фотографирам во производствените погони, во кои вештите мајстори ја продолжуваат 150-годишната традиција и произведуваат врвни инструменти. И додека другите производители на пијана во своето производство континуирано ги вклучуваат придобивките од новите технологии, пијаната „стенвеј“ и денес грижливо се изработуваат рачно.
Пијана „стенвеј“ во Македонија има малку и секогаш мака мачиме и ги селиме оние два-три инструменти од една до друга локација, објаснувам, со цел да разберат за кој дел од светот станува збор. За концертот на прочуениот Чик Кореа на „Скопскиот џез-фестивал“ пијано „стенвеј“ беше транспортирано од катедралната црква во Охрид до концертниот подиум во Скопје, се обидувам по малку анегдотски, да ги објаснам нашите искуства со овој светски бренд.
Повеќе од 95 проценти од сите оркестарски и пијано-концерти во светот се изведуваат на пијаната „стенвеј“, се надоврзува Лорета Русо, маркетинг-директорка на компанијата. Посветуваме големо внимание при изборот на суровиот материјал, квалитетно дрво што расте на Алјаска. Мајсторите во „Стенвеј“ ги редат препарираните дрвени слоеви и потоа на ист начин како низ сите 150 години, ги свиткуваат на калапот на „гранд пијано“. Понатаму се одвива производствениот процес, кој од сурово дрво до финалниот производ трае една година. И додека компанијата „Стенвеј и синовите“ ги уживаат придобивките од богатото наследство, единствено од овој вид во американската индустрија, актуелниот менаџмент не спие на лаврите. Горди сме на нашето минато, но не живееме во него. Продолжуваме да работиме и да ги доизградуваме приказната и сонот на „Стенвеј и синовите“, истакнува претседателот на компанијата Брус Стивенс.
И како што првата генерација на менаџментот на компанијата во 1880 година ја отвора фабриката во Хамбург, осознавајќи го значењето на глобалниот пазар, „Стенвеј“ денес го продолжува континуирано и ја шири дистрибуцијата во Азија, во Јапонија како трет најголем пазар, и се насочува кон светски најголемиот потенцијален маркет Кина.
„Imagine all the people sharing all the world“ ќе отсвири и отпее Џон Ленон на своето пијано „стенвеј“, модел „Z – upright“, во 1971 година, балада на мирот, песна што станува химна на генерации поклоници, евергрин, тема што со задоволство ја отсвирувам во програмата во гастропабот „Бед донки“ на улицата Македонија во мојот роден град Скопје. Моделот „Z – upright“ на пијаното „стенвеј“ од 1971 на јавно надавање во 2000 година го купува поп-ѕвездата Џорџ Мајкл за рекордни 2,1 милиона и во име на мирот ја приредува прочуената турнеја „Стенвеј“ низ Америка.
Одекнуваат и чувствата и воздишките на 1.300 врвни артисти низ светот што денес настапуваат на пијаната „стенвеј“ и сите се согласуваат и изјавуваат во еден глас – денес „Стенвеј“ е подобар од секогаш.
И така еве, како за крај, овде, покрај еден од традиционалните модели во салонот за презентација, седнувам и свирам, џез-скица на тема на македонската традиционална балада „Мост ми ѕидале девет мајстори“ и во волшебниот стенвеј-звук препознавам далечно ехо и меланхолија од душите на нашите вредни гурбетчии, чиј дел од сонот за Америка започнал токму во погоните на „Стенвеј“ во Лонг Ајленд.
Аљоша Симјановски
Од збирката писанија насловена „Хиперживот“.
































