Џаред Кушнер, зет и еден од најблиските соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, денеска ги претстави плановите за реконструкција на Појасот Газа нагласувајќи дека целосната демилитаризација на Хамас е неопходна за реализација на планот.
– Нова Газа може да биде надеж и дестинација. Денес направивме неколку невозможни работи во Газа и нема причина да не правиме уште – рече Кушнер, пренесен од Си-ен-ен.
На Светскиот економски самит во Давос тој имаше презентација во која го истакна потенцијалниот нов изглед на палестинската енклава потенцирајќи дека „мирот е поинаков вид договор од бизнис-договор“, како и дека администрацијата на Трамп нема план Б надвор од договорениот повеќестепен процес за завршување на војната и трансформација на енклавата.
Кушнер ги повика присутните да „ги остават настрана скептицизмот и соперништвата“ во учеството во Одборот за мир.
– Да направиме сè што можеме за да се обидеме да соработуваме. Нашата цел тука е мир меѓу Израел и палестинскиот народ – наведе Кушнер.
Тој нагласи дека голем дел од планот зависи од демилитаризацијата на Хамас ветувајќи дека САД ќе го спроведат тој дел од договорот за прекин на огнот.
– Доколку Хамас не се демилитаризира, тоа ќе биде она што ќе ги спречи Газа и народот на Газа да ги остварат своите аспирации – рече Кушнер.
































