Фото: Доналд Трамп/Официјален фејсбук профил

Со потпишување на пристапувањето кон Одборот за мир во Давос, на  иницијатива на САД, денеска во Давос стапи на сила Повелбата на Одборот за мир, која на оваа структура ѝ даде статус на официјална меѓународна организација, објави денеска портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.

– Повелбата сега е во сила. Одборот за мир сега е официјална меѓународна организација – изјави Ливит на церемонијата на потпишување на повелбата на Одборот за мир на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој го иницираше формирањето на Одборот за мир и кој е на негово чело, на церемонијата на потпишување изјави дека сака неговиот нов Одбор за мир да работи „во соработка“ со Обединетите нации, сре наведува на официјалната веб-страница на Светскиот економски форум.

– Денес е многу возбудлив ден и сите сакаат да бидат дел од него. Одборот за мир е едно од најважните тела некогаш создадени и ми е чест да претседавам со него. Денес светот е побогат, побезбеден и многу помирен отколку што беше пред само една година. Кога овој комитет ќе биде целосно формиран, ќе можеме да правиме практично сè што сакаме и ќе го правиме тоа во соработка со Обединетите нации. Секогаш велев дека Обединетите нации имаат огромен потенцијал. Тие не го искористиле, но постои огромен потенцијал – рече Трамп, пренесува Гардијан.

Американскиот претседател оцени дека конфликтот во Газа, меѓу Израел и палестинското милитантно движење Хамас, „се ближи кон крајот“, иако остануваат „мали пожари“ што мора да се изгаснат.

Тој рече дека очекува Хамас да ги исполни своите обврски, а ако не го стори тоа, ќе биде уништен.

– Тие мора да се откажат од своето оружје, а ако не го сторат тоа, тоа ќе биде нивниот крај – рече Трамп.

Трамп рече дека „многу земји му кажале дека сакаат да се приклучат“ на Одборот за мир.

Одборот за мир првично беше наменет да собере мала група светски лидери за да го надгледуваат прекинот на огнот во Газа, но се трансформираше во комитет за решавање и на други светски конфликти.

Трамп оцени дека тоа е „најпрестижниот комитет што некогаш е формиран“.

На презентацијата на проектот во Давос присуствуваа американскиот државен секретар Марко Рубио, специјалниот претставник на САД Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на претседателот и клучен преговарач на неговата администрација во неколку земји.

Присутни беа и лидери или врвни дипломати од неколку земји, вклучувајќи ги претседателите на Аргентина, Индонезија, Азербејџан, Парагвај и на Казахстан, премиерите на Унгарија, Бугарија, Ерменија, Пакистан и Катар, како и шефовите на дипломатиите на Турција и Саудиска Арабија.

Околу 35 земји се согласија да ја потпишат повелбата, од 60-те што беа поканети да се приклучат, изјави неименуван висок функционер на американската администрација, пренесуваат американските медиуми.

Трамп рече дека лидерите на некои земји изјавиле дека планираат да се приклучат, но сè уште им е потребно одобрение од нивните парламенти.

Тој додаде дека неговата администрација, исто така, добива барања за членство од земји кои не беа поканети да се приклучат.

Некои клучни сојузници на САД досега одбија да се приклучат на Мировниот комитет, вклучувајќи ги Франција, Велика Британија, Норвешка, Словенија и Шведска.

Француските претставници нагласија дека иако го поддржуваат мировниот план за Газа, се загрижени дека Одборот би можел да се обиде да ги замени ОН како главно место за решавање на конфликтот.

Канада, Русија, Украина, Кина, Италија и претставници на Европската Унија, исто така, сè уште не одговориле на поканите на Трамп да се приклучат на Одборот за мир.