Никола Ристевски

По исклучителниот успех и големиот интерес што го предизвика со своето прво појавување во култната емисија „На работ на науката“ (Na rubu znanosti), и одличното претставување на Македонија во епизодата „Мистична Македонија“, истражувачот и публицист Никола Ристевски е единствениот Македонец кој по втор пат гостува во емисијата која се емитува веќе 24 години. Оваа недела, тој и водителот Крешимир Мишак отвораат една интригантна тема што ги поврзува психологијата, бизнисот и езотеријата – „Окултен маркетинг“.

Во новата епизода, фокусот се става на дејноста што некогаш отворено се нарекуваше „пропаганда“, а денес е позната под терминот „односи со јавноста“. Ристевски ќе говори за тоа како маркетингот користи бројни потсвесни механизми, отворајќи го прашањето: колку длабоко овие техники продираат во човековата перцептивна свест? Гледачите ќе имаат можност да слушнат анализи за тоа во која мера проткаеноста со древните магиски симболи во современите логоа и реклами се надоврзува на старите традиции на влијание врз луѓето, но и да видат што е скриено во методите со кои корпорациите се обидуваат да остварат доминација на пазарот, користејќи знаења коишто во древноста не биле достапни за профаниот свет.

Премиерното емитување на епизодата „Окултен маркетинг“ е закажано за недела, 25 јануари, на Третата програма на Хрватската радиотелевизија (HRT 3) со почеток во 00.40 часот. За сите што ќе ја пропуштат ноќната премиера, емисијата ќе се репризира веќе следниот ден, во понеделник, 26 јануари, во 16.40 часот.

Соработката помеѓу Ристевски и Мишак се покажа како извонредно плодна и надвор од телевизиските екрани. Токму по емитувањето на епизодата за македонските мистерии, Ристевски организираше четири исклучително успешни предавања на Крешимир Мишак во Македонија, кои ги наполнија салите во Свети Николе, Битола, Штип и Скопје, потврдувајќи го големиот интерес на македонската публика за граничните подрачја на науката. Поради интересот и барањата на публиката, веќе преговараат за нови предавања и промоции на книги на Мишак во Македонија, за коишто навремено ќе ве известиме.

Покрај редовните телевизиски и јавни настапи, Ристевски е активен и во сферата на дигиталната видео продукција. Неговите видео проекти, документарни записи и анализи се достапни за јавноста на неговиот личен YouTube канал (Nikola Ristevski), како и на каналите на „Продукција Аристон“ (Ariston Production), Овче Поле Тв (Ovce Pole Tv) и „Мистична Македонија (Mystical Macedonia). Дел од неговите книги се достапни и на меѓународната платформа Амазон.

Потсетуваме дека читателите на „Нова Македонија“ имаат можност редовно да ги следат размислувањата и истражувањата на Никола Ристевски и преку неговите авторски текстови, кои се објавуваат во нашиот весник секој понеделник, среда и сабота.