Фото: Маја Јаневска-Илиева

Балканскиот наркокартел има длабоки „врски“ со Венецуела

Транскрипти од пораките од апликацијата Скај, која ја користеле криминални групи низ целиот свет, укажуваат на контакти на балканските кланови со доставувачи на дрога од Венецуела, пишува хрватскиот портал „Индекс“. Една од пораките споменува купување три тона кокаин од лице означено како Покровител. Одлуката за набавка на дополнително количество дрога, според истражните досиеја, е донесена под надзор на лицето Радој Звицер, осудениот водач на Кавачкиот клан од Црна Гора.
За потсетување, во врска со случајот „Венецуела“, во 2020 година, холандските власти уапсија 11 црногорски државјани во Аруба, на околу 25 километри од брегот на Венецуела. Пет тони кокаин беа пронајдени на бродот „Ареса“, а судот на тој карипски остров ги осуди членовите на екипажот од девет до 15 години затвор. Овој случај претставува една од документираните врски меѓу балканските криминални структури и маршрутите што водат низ Венецуела. Години по тој случај, Венецуела се најде повторно во центарот на вниманието. Американското судство го обвинува Мадуро за соработка со неколку криминални организации, вклучувајќи ги мексиканските картели Синалоа и Зетас, колумбиската бунтовничка група ФАРК и венецуелската банда Трен де Арагва.
Во меѓународните истраги, балканските организирани групи „честопати се третираат како поширок конгломерат на мрежи од Црна Гора, Србија, Албанија, Хрватска, БиХ и од Словенија“, па затоа се нарекуваат Балкански картел. На пример, поранешниот полицаец од Лозница, Мирослав Старчевиќ, беше идентификуван како водач на една група што ја користела Сиера Леоне како центар за складирање и товарење кокаин во контејнери. Таа група е поврзана со Кавачкиот клан од Црна Гора, земја што се смета дека е домицилна за најголемиот балкански наркобос чиј псевдоним е Покровител.
За потсетување, Венецуела е опишана во голем број меѓународни извештаи како транзитна земја за кокаин што пристигнува во Европа од Колумбија и од други земји производители. Ова го посочува и Глобалната иницијатива за борба против транснационалниот организиран криминал. Според добрите познавачи на оваа проблематика, Балканскиот картел има широка мрежа на соработници, која се протега во над 30 земји, и дека самата организација е голема, строго хиерархиски и пирамидално устроена и оперативно моќна. Р.С.