Фото: „Нова Македонија“

Уште една корупциска афера во ЕУ што Брисел сака да ја забошоти

  • Дали највисокиот круг на моќ во Европа ја задушува сопствената антикорупциска машинерија? Дали Европската Унија – институција што му држи лекции на светот за транспарентност, отчетност и за демократски вредности – активно задушува истрага за корупција во сопствените редови за да си го спаси угледот? Брисел постојано ги бомбардира државите кандидати за членство во ЕУ дека мора да ги исполнат стандардите за ефикасна борба против корупцијата за да бидат дел од Унијата. А таа во своите редови го прави токму – спротивното

Она што деновиве се случи во Европскиот парламент (ЕП) не е рутинска политика. Според повеќе аналитичари и некои медиуми, во ЕП се случија „намерно прикривање и опасен сигнал дека моќта во Брисел можеби веќе ја штити корупцијата наместо да се соочува со неа“. Вака новинарката истражувачка Никита Капур од „Декоуд“ (Decode) почна да ја открива својата приказна во врска со најновата корупциска афера во ЕУ, поточно во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). Имено, тоа е дипломатска служба на Европската Унија. Од 2011 година, ЕЕАС ја спроведува Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ за промовирање на мирот, просперитетот, безбедноста и интересите на Европејците низ целиот свет.

Што се случи во ЕЕАС?

Високи функционери во Европската служба за надворешни работи – дипломатската рака на Европската Унија, позната и како ЕЕАС – се уапсени. Меѓу нив и поранешен висок дипломат на Европската Унија. Станува збор за високи службеници осомничени за местење јавни тендери, со обвинувања поврзани со дипломатска академија финансирана со јавни пари. Ваквата мерка е преземена во рамките на „тековна истрага за корупција што вклучува јавни средства, високи функционери на Европската Унија и наводна манипулација со договори“. Имено, Европската јавнообвинителска канцеларија (ЕППО – независно органско тело на ЕУ задолжено за заштита на финансиските интереси на унијата), спроведува обемна истрага за измами, криминални пропусти, конфликт на интереси и можна корупција во поврзаност со набавките/конкурсите на ЕЕАС. Во тој пакет мерки, белгиската федерална полиција, по барање на ЕППО, изврши претреси во канцелариите на ЕЕАС во Брисел и во Колеџот на Европа во Бругес, каде што се лоцираа неправилности во тендерите за дипломатска обука финансиски поддржана со буџет на ЕУ. Три осомничени лица, вклучувајќи високи функционери (според медиумските извештаи и информации од обвинителството), се официјално обвинети и им беше одземен имунитет.

Блокирани парламентарниот надзор и контрола на Европскиот парламент (ЕП)

Но ваквата афера од највисоко ниво, која бара исклучително сериозен пристап, и паралелно со тоа високо ниво на транспарентност, логично е да подлежи на парламентарен надзор, односно најпрвин отворена дебата пред европратениците на ЕП. Но тоа не се случи. Така, кога опозициските членови на Европскиот парламент побараа итна дебата, се случи нешто вонредно и барањето беше блокирано. Блокирањето на ова барање на опозицијата во ЕП за претрес на новата корупциска афера беше активирано од страна на главните парламентарни групи што моментално ја поддржуваат Урсула фон дер Лајен (и нејзиното раководство на ЕК). Немаше итна дебата, немаше дискусија, немаше јавно испрашување, немаше никаква итна отчетност. И таа одлука сега запали политичка бура низ Брисел.

Обид за целосно задушување на реакцијата на опозициските партии во Европскиот парламент, од страна на парламентарните групи што ја поддржуваат Урсула фон дер Лајен

Опозициските пратеници ја обвинија владејачката мнозинска структура дека „ја задушува истрагата за корупција, користејќи политичка моќ за да закопа скандал“ – штитејќи администрација наместо јавниот интерес. Еден пратеник го опиша потегот како „тежок срам“, фраза што сега одекнува низ коридорите на Европската Унија. Другото обвинување е уште потешко: дека ова не било прашање на процедура, туку на „контрола на штетата“, односно како што многуте од реакциите гласеа, дека блокирањето е направено „заради спречување непријатни прашања“, односно „за да се осигури дека системското гниење во дипломатската служба на Европската Унија нема целосно да излезе пред очите на јавноста“, при што во реакциите се нагласува дека „аферата на корупциски злоупотреби не се однесува само на една школа за обука на ЕЕАС туку и за тендери и не само за еден оддел“.
– Ако корупцијата навлегла во оваа структура и ако избраните претставници се спречени јавно да дебатираат за тоа во парламентот, тогаш моралниот авторитет на Европската Унија добива директен удар. Зашто како Брисел може да им држи лекции на други држави за владеење кога не може ниту да дебатира за корупцијата дома? – прашува новинарката истражувачка Никита Капур од „Декоуд“.

Дали постојат индиции дека претседателката на Европската комисија директно е вмешана во новиот корупциски скандал?

Според зборовите на новинарката Капур, засега нема директно обвинување против Урсула фон дер Лајен, но прашањето на институционална одговорност е повеќе од очигледно.
– Да бидеме прецизни. Нема директно обвинување дека самата Урсула фон дер Лајен е вмешана во овој конкретен случај на корупција. Но политиката не е само прашање на лична вина. Таа е прашање на институционална одговорност. А парламентарните групи што ја блокираа оваа дебата се истите групи што го сочинуваат столбот на мнозинството на Урсула фон дер Лајен. Тоа е политичката реалност. Затоа се поставува прашањето: дали ова беше за стабилност или за прикривање? За спасување на образот? Дали приоритет беше правдата или сликата во јавноста? Ова не се случува изолирано – тврди новинарката Капур.

Европската комисија се однесува според изреката: „Не гледај што правам туку прави како што ти велам“

Европската Унија во последните години се позиционираше како глобален судија за корупцијата, чувар против демократско назадување, гласен критичар на недостигот од транспарентност во други земји.
– Кога корупцијата се појави во највисока форма во ЕУ, ролетните се спуштија. Таа контрадикција веќе не може да се игнорира. Опозициските пратеници предупредија дека ова создава опасен преседан. Денес е дипломатска школа. Утре може да биде нешто многу поголемо. Ако може да се блокира парламентарна дебата откако веќе има апсења, тогаш каква порака се испраќа? – се вели во прилогот на новинарката истражувачка Никита Капур од „Декоуд“.
Затоа овој случај е важен не само за ЕУ туку и за надвор од Унијата. Затоа што кредибилитетот на Европската Унија сега е под лупа. Не може Брисел да бара транспарентност во странство, а да се задушуваат дебатата и истрагата дома. Не може да се проповеда отчетност, а да се штитат пропустите на институциите од парламентарна контрола или од кој било друг вид надзор и контрола.
Истрагата продолжува. Дали Европа ќе се соочи со корупцијата, барем по апсењата, или ќе ја прикрие? Р.Н.М.