Фото: Маја Јаневска Илиева

Денешниот голем празник Водици-Богојавление во селото Битуше, кое се наоѓа во општината Маврово-Ростуше, се празнува на традиционален начин, како што се правело пред многу години. Во 2019 година, обичаите при празнувањето беа прогласени за културно наследство од исклучително значење.

Главни во овој обичај се жените наречени кумстарки. Тие се облечени во народни носии, постари повеќе и од сто години. Кумстарките носат плетени кошници на главите, полни со домашен леб. Тие се упатуваат во поворка низ селото до црквата, пеејќи водичарски песни посветени на здравјето и благосостојбата. Со ова се отсликува минатото на селото кога повеќето од мажите заминувале на печалба, а жените останувале и ги одржувале домовите и семејствата. Со пеењето песни, жените им посакувале здравје на мажите гурбетчии.

По пеењето, во дворот на црквата „Свети Архангел Михаил“, се игра Јованово оро. Потоа, кумстарките одат во културниот дом на селото, каде го оставаат лебот. Мажите го сечат и подготвуваат оброкот. Први јадат кумстарките, а потоа мажите.