- Имаме обврска и морално право и е наш интерес да го уништиме „заевизмот“ вткаен и во прокламираните пушачки слободи, кои отидоа над законите. Законот за заштита од пушење треба да биде дел од серија системски закони за заштита не само на здравјето туку и на околината, зашто и еден ригорозен закон за пушењето нема да ја оствари својата цел доколку не се донесат и ригорозни закони и нивна стриктна примена за индустриските загадувачи. Ако не се направи тоа, тогаш државата останува без баланс. А кога се нема баланс, државата е на клацкалка
Да појаснам, култната реченица од култниот филм на Милчо „Пред дождот“ е „пукај, бе братучед…“. Ја користам за да ја ставам во нашиов современ контекст на поделби, особено по двата предложени закони, тој за сообраќајот (безбеден град) и за контролата на пушењето. Светот се подели на про и анти-Трамп, притоа заборавајќи го главниот светски „вештер“ Путин (секако дека претседателот на РСФ не е тоа, но така либералниот свет го претставува/ше), затоа што Трамп им тропна на врата како коледарче – ќе си го земеме и Гренланд. Конкуренција на Алјаска, но и 51 ѕвезда на американското знаме. Значи, Трамп бил опасен!
Ние се поделивме, ах, поделени сме одамна, но се поделивме дури и поопасно од етничките линии, кои нѐ раздвојуваат наместо да нѐ спојуваат, на пушачи и непушачи. Можеби е и здраво што се поделивме во дискусиите (главно кавгите што јавно, што по задимени меани, кафетерии, па и во детски градинки), затоа што можеби еден ден ќе се обединиме за еден закон што има благородна цел. Заштитата на јавното здравје е благородна цел! И уставна обврска. И обврска кон Брисел. Не сме пуст остров, се извинувам, ама не сме.
Кадилци/некадилци, на словенечки јазик. Некаде во седумдесеттите години на минатиот век, кога во автобусите имаше пепелници за цигари и беше штос (сега ин) да се пуши, цигари се палеа секаде, па и во авиони. Не знаевме за штетноста од тутунот (велат најопасно било согорувањето на хартијата, при што се испушта и цијанид), а уште помалку за пасивното пушење, па си го теравме ќефот. Ние маалски фраери тргнавме на аџилак до Трст за да купиме фармерки и други интересни нешта од тамошните пазари и бутици (парфеми „капричо“, транзистори, часовници за на ѕид на батерии, никогаш не се расипале, и многу кич производи). Голем метеж на словенечко-италијанската граница, па решаваме да одиме по друга рута, со локален воз од Сежана до Вила Опичина, а оттаму со трамвај до Трст, главна цел Понте Роса… Тогаш видовме дека во Словенија има вагони за кадилци (непушачи) и за некадилци (пушачи). Ние тогаш не бевме поделени во Македонија по пушачки зони и тоа ни изгледаше чудно. Затоа, пак, се изнаплаќавме казни на железничката станица во Трст, кој заради пушење, кој заради тоа што фрлил догорче или некоја лименка со сода-пијачка. Кај нас во тоа време немаше лименки, сѐ одеше спакувано во шишиња и немаше казни заради пушење. Македонија беше слободна пушачка зона и си остана таква. Македонија е територија што за забрана за пушење му давала отпор и на некој султан за време на османлиското владеење, затоа што Македонците давале отпор и непочитување на неговото ираде. Како тоа некојси султан ќе им кажувал каде да пушат?! И покрај тоа што казната била – тој што ќе биде фатен како пуши на јавно место ќе му биде отсечена дланката! Ова е митолошка храброст на еден народ, а секој може слободно оттука натаму да размислува за животот со една дланка (шака).
Зошто ни е потребен нов и поригорозен закон за заштита од пушењето? Ќе цитирам само делови од последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија: „Финансирањето на јавното здравство во С. Македонија се зголеми малку од 4,8 отсто од БДП во 2023 година на 5,07 отсто во 2024 година, но останува под просекот на ЕУ. Опсегот на здравствените услуги и нивната достапност, особено на специјалистички медицински услуги и нивната географска распространетост, останува несоодветен. Трошоците за здравствена заштита што луѓето ги плаќаат сами се 41,7 отсто од вкупните трошоци поврзани со здравството, што претставува пречка за еднаков пристап до здравствена заштита. Во однос на контролата на тутунот, земјата го ратификуваше Протоколот за елиминирање недозволена трговија со тутунски производи. Законодавството за контрола на тутунот е делумно усогласено со правото на ЕУ, но не се обезбедени соодветно спроведување и извршување.
Сè уште не се изрекуваат казни за пушење во ресторани и други затворени простории, вклучувајќи ги јавните канцеларии и некои медицински установи… Осигурувањето здрава животна средина останува загрижувачко, бидејќи студиите укажуваат на зголемено влијание на загадувањето на воздухот врз здравјето“.
Дали предложениот закон ќе помине во сегашнава форма, не знам, и многу се сомневам зашто го знам менталитетот на својот сој и народ, ја знам бизнис-логиката на тие што држат места каде што слободно им дозволуваат на гостите да пушат, а не смеат да го прават тоа, ниту да го помислат („Пулс“ како пример од кој ништо не научивме). Ќе се бие тешка битка, и не сум сигурен каква одбрана ќе добие предложениот закон. Она што го гарантирам е дека ќе се вика на цел глас за права и правда за пушачите, иако тие не сакаат да видат дека има и многу поригорозни закони низ светот. Тие сакаат да продаваат магла за нивните нарушени права, не сакајќи да ја видат и согледаат својата улога во нарушувањето не само на правата туку и на здравјето на другите. Другото ниво на дискусија повторно ќе нѐ одведе на лизгав етнички терен – овие закони не важат за нас. Слично како и за „Безбеден град“, некои политичари даваат отпор. Зошто?
Ќе биде битка, и треба да биде, но на крајот треба да добиеме функционални закони во интерес на јавното здравје. Гледаме дека имаме голема дупка во Фондот за здравство, а дел од таа дупка е направен од пушењето, како и од сообраќајното дивеење. Стоп! Статистиката ги демантира сите тврдења и аргументи на „кадилците“, а таа е застрашувачка – адолесценти, и тоа во многу голем број, почнуваат со пушачкиот занает. Соборуваме рекорди како пушачка нација. Тоа не е за машала.
И, конечно, кога низ јавна дебата ќе се исфилтрираат овие закони (и многу други, а не да се трча со донесување закони, па и со ставање европски ѕвездички), тие ќе треба да се применуваат неселективно. Имаме обврска и морално право и е наш интерес да го уништиме „заевизмот“ вткаен и во прокламираните пушачки слободи, кои отидоа над законите. Законот за заштита од пушење треба да биде дел од серија системски закони за заштита не само на здравјето туку и на околината и еден ригорозен закон за пушењето нема да ја оствари својата цел доколку не се донесат ригорозни закони и нивна стриктна примена за индустриските загадувачи. Ако не се направи тоа, тогаш државата останува без баланс. А кога се нема баланс, државата е на клацкалка.


































