Фото: „Нова Македонија“

Кои се економските импликации од тековните воени судири низ светот

  • Домашните експерти потенцираат дека Македонија како мала земја, која е тесно поврзана со некои европски економии, не може да избегне од случувањата во светот. Според нив, бидејќи не сме моќни да влијаеме на случувањата во светот, треба да го зачуваме домашното производство и да ја намалиме нашата увозна зависност

Глобалните случувања имаат силно влијание врз развојот на економиите, како врз светските текови, така и врз локалните економски текови. Иако големите економски и светски сили имаат подиректен и поголем одраз врз случувањата, сепак, нивните постапки се одразуваат и врз помалите економии, како нашата, особено бидејќи Македонија е увозно и извозно поврзана со други развиени земји.
Најновиот воен конфликт на САД со Венецуела и плановите на САД за користење на нафтата се уште една ситуација во низата конфликти што се случија изминативе години. Овие случувања неизбежно се одразуваат и врз светската економија и врз малите економии.
По избувнувањето на пандемијата на ковид-19, затворањето на државите и разните рестриктивни мерки, светот како да влезе во нова фаза, со која земјите наместо да тежнеат кон соработка и напредок, повеќе се ориентираат кон конфликти и војни. На овој начин се уништуваат веќе воспоставените глобални синџири на снабдување, а тоа секако влијае и врз цените на продуктите и врз животниот стандард на граѓаните насекаде во светот. Последни се тензиите во Венецуела, како и во Иран, војната во Појасот Газа што се прошири низ Блискиот Исток, Украина, Судан… дополнително се формираат сѐ повеќе блокови, од кои сите сакаат поголем економски раст и напредок, со што би обезбедиле подобар живот за граѓаните, но поделеноста доведе и до прекинати економски соработки, но и зголемени даноци, зголемени трошоци, а сето тоа резултираше со зголемени трошоци за многу луѓе во светот.

Инсистирање на домашното производство и намалување на увозната зависност

Домашните експерти потенцираат дека Македонија како мала земја, која е тесно поврзана со некои европски економии, не може да избегне од случувањата во светот. Според нив, бидејќи не сме моќни да влијаеме на случувањата во светот, треба да работиме интензивно на домашното производство и да ја намалиме нашата увозна зависност.
– Не можеме да се изолираме од она што се случува на глобално и европско тло, во однос на побарувачката, индустриските реструктурирања, цените. Меѓутоа, она што може да го направиме дома е да работиме на страната на понудата, особено во делот на производството на енергија и храна, да ја намалиме зависноста од увоз. Во претходните години добро поместување се направи во делот на производство на електрична енергија, односно се намали зависноста од увоз – вели професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“, но додава дека кога станува збор за храната, состојбите се лоши.
Ова се должи на фактот дека не произведуваме доволно за да ги задоволиме потребите на нашето население, како и на податокот дека од година на година увезуваме сѐ поголеми и поголеми количества храна и хранливи продукти.
– Во делот на храната, состојбите стојат уште полошо, односно сѐ уште увезуваме значаен дел од храната, а како земја и поднебје имаме предиспозиции да ја произведуваме дома. За да бидеме помалку изложени кон глобалните случувања барем во овие два важни сегмента, неопходно е да го јакнеме домашното производство – нагласува Петрески.

Геополитичките случувања создаваат неизвесност за идните економски текови

Економистите на Народната банка на Македонија, пак, посочуваат оти растот на економијата во тековната година, според последните две анализи, и понатаму се очекува да биде понизок.
– Ризиците и натаму се надолни, при што повторно се поврзани со неизвесноста околу идните трговски политики, што дополнително може да ги наруши синџирите на снабдување, да ги зголеми цените и да ја намали долгорочната економска ефикасност. Наспроти тоа, договорите за намалување на царинските давачки, намалувањето на инфлациските притисоци, евентуалната поголема приспособливост на фирмите на шоковите и неизвесноста, како и придобивките од новите технологии за зголемување на продуктивноста, се вбројуваат како позитивни ризици за растот – истакнуваат од НБРМ во нивниот последен преглед на тековната состојба.
Сепак, од НБРМ потенцираат дека движењата и оцените за цените на примарните производи се под силно влијание на геополитичките случувања и климатските промени, што создава висока неизвесност околу нивната идна динамика и ефектите врз светската и врз домашната економија.
Прогнозите се дека и покрај проблемите, глобалната економија само малку ќе забави во 2026 година благодарение на макроекономските политики и подобрите финансиски услови, кои го ублажуваат влијанието на повисоките трговски бариери и неизвесноста, објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Во 2026 година активноста треба да забави само малку, на 2,9 проценти, и да се врати на над три проценти во 2027 година. Е.Р.


Надминување на негативните ефекти од глобалните конфликти

  • Воените судири најсилно ја погодија Македонија преку цените. Ноторен факт е дека Македонија како мала, отворена и увозно зависна економија сѐ уште е исклучително сензитивна на глобални конфликти. Но, како конкретно се одразија тие? И како конкретно почна процесот за нивна амортизација/ублажување и надминување на негативните ефекти од глобалните конфликти?

Иако Македонија не е непосредно вклучена во главните воени конфликти, регионот на Балканот чувствува широки геополитички ефекти што можат да влијаат врз инвестициската клима, довербата на инвеститорите и политичката стабилност. Импактот од тековните светски воени судири и економски импликации за Македонија се идентификува како: повисоки трошоци за енергија и производство, инфлациски притисоци и пониска куповна моќ, прекини во синџирите на снабдување, зголемен јавен долг и фискален притисок, потенцијални ризици за инвестиции и трговија… Но, од друга страна, тука е шансата што ја имаме за искористување можности за инвестиции во домашното производство на енергија и подигање на степенот на енергетската независност, што е најтесно поврзано со ублажување, па дури и, во оптимистичко сценарио, елиминирање на негативниот импакт на светската нестабилност…

1. Импактот на високи цени на енергија и увозни суровини

Глобалната нестабилност доведе до раст на цените на енергијата, што директно ги зголеми инфлацијата и трошоците за производство во земјата. Ние сѐ уште сме забележително зависни од увоз на енергенти (особено природен гас и нафта), од кои дел доаѓа преку увоз од Русија, што е значително погодено од воени конфликти и санкции. Факт е дека се направени „чекори од седум милји“ напред со новото Министерство за енергетика во насока на амортизирање на зависноста од енергенсите однадвор, но, сепак, неопходно е и понатаму да се наоѓаат нови механизми за амортизација на трендот на глобално зголемените цени на енергијата, бидејќи компаниите и домаќинствата во иднина ќе имаат повисоки трошоци за струја, транспорт и производство, што ги намалува куповната моќ на граѓаните и профитите на фирмите.

2. Импактот на инфлација и нестабилност во глобалната трговија

Второ, во врска со инфлациските притисоци. Имено, воените конфликти, особено во Украина, придонесоа за раст на цените на храната и енергентите на светско ниво, што се рефлектираше и во Македонија преку зголемена инфлација. ММФ забележува дека надворешната економска неизвесност се смета за значаен ризик за македонската економија. Прекини во глобалните синџири на снабдување доведоа до доцнења и поскапи увози на компоненти и суровини. Ова особено влијае на индустриите што се дел од европските производствени мрежи.
Натаму, во врска со влијанието на трговската размена. Иако трговијата со Русија и Украина претходно не беше огромен дел од македонската економија (под три отсто од вкупниот трговски обем), конфликтот сепак доведе до намалување на одредени извозни категории (на пр. земјоделски производи и медикаменти). Иако овие ефекти се мали по обем, јасно ја отсликуваат трговската зависност од глобалните пазари.

3. Фискален и финансиски импакт

Во услови на глобална економска неизвесност, Македонија има фискални предизвици со повисок дефицит и раст на јавниот долг (над 60 отсто од БДП). Буџетот беше под притисок да одговори на енергетски и инфлаторни шокови, што дополнително ја намали фискалната резилиентност. Така, се констатира дека глобалните финансиски шокови влијаат врз условите за кредитирање и странските инвестиции, што може да ги ограничи растот и приватните инвестиции.

Феникс-импакт: Потенцијални позитивни
ефекти на долгорочен план

Стратегиските насоки, планови и програми на Владата и конкретната ефикасна егзекутива на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини создаваат енергетски капацитет што ќе гарантира висок степен на енергетска самостојност и сувереност. Имено, на проценета вредност од над 1,35 милијарда евра се очекуваат инвестициите во нови капацитети за производство и складирање електрична енергија што се веќе во фаза на реализација. Со Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2025 година, подготвен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и донесен од Владата, се опфатени 481 објект за производство на енергија со вкупна инсталирана моќност од 1.265,89 мегавати, при што доминираат фотоволтаичните електроцентрали. За првпат се предвидува и градење капацитети со батерии за складирање електрична енергија во согласност со новиот Закон за енергетика. Во согласност со членот 87 од Законот за енергетика, со кој се регулира носењето на планот, Министерството веќе подготвува сличен план за инвестиции во енергетски објекти и за 2026 година. Во делот за електроцентралите, планот опфаќа пет технологии фотонапонски капацитети, хидроцентрали, ветерници, термоелектроцентрали и термоелектроцентрали на биомаса. Во планот се наведени вкупно 481 централа, со вкупна инсталирана моќност од 1.265,89 мегавати. Од нив, дури 457 централи со инсталирана моќност од 812,7 мегавати се фотонапонски електроцентрали, додека ветерните електроцентрали се две, со 426,00 мегавати. Хидроелектроцентралите се 10, со 15,54 мегавати, термоелектроцентралите – една со 0,64 мегавати, а термоелектроцентралите на биомаса 11 со 11,01 мегавати.
Чекорите за намалување на зависноста од увоз и очекуваниот скок на производството на домашната енергија се отскочна штица за нова економска динамика, со потенцијални инвестиции и работни места. Е.Р.