Глобалниот долг изнесува 324 отсто од светското економско производство

Растечкиот глобален долг како тренд во динамичен пораст

  • Во првите шест месеци од 2025 година, глобалниот долг порасна за над 21 билион долари. Овој долг е многу пати поголем од вкупниот БДП во 2025 година, кој се проценува на околу 110-115 билиони долари, па „глобалниот долг изнесува 324 проценти од светското економско производство“

Вкупниот глобален долг, според Институтот за меѓународни финансии, изнесуваше огромни 338 билиони долари (билион е илјада милијарди) на крајот од вториот квартал од 2025 година. По дефиниција, вкупниот глобален долг вклучува јавен, корпоративен, финансиски и долг на домаќинствата. Во исто време, односот на овој долг кон БДП беше 324 проценти, што укажува на континуиран интензитет на долгот во повеќето економии.
Во првите шест месеци од 2025 година, глобалниот долг порасна за над 21 билион долари. Овој долг е многу пати поголем од вкупниот БДП во 2025 година, кој се проценува на околу 110-115 билиони долари, па „глобалниот долг изнесува 324 проценти од светското економско производство“.

Фактори на растот на долгот

По дефиниција, вкупниот јавен долг како главен двигател на растот на глобалниот долг, на светско ниво изнесуваше 111 билиони долари во 2025 година и околу 95 проценти од глобалниот БДП. Тоа е вкупниот износ на финансиските обврски на земјата кон домашните и странските кредитори, вклучувајќи ги сите директни и индиректни долгови на земјата. Јавниот долг, што ги вклучува вкупните финансиски обврски на владата на земјата, е клучна алатка за финансирање на јавните расходи, но неговото високо ниво може да претставува значителни ризици. За да се овозможи споредба и процена на реалниот долг, најчесто се мери како процент од БДП.
Овие коефициенти на долгот се важни за разбирање на финансиската состојба на глобалниот финансиски систем и потенцијалните притисоци врз буџетите, владините гаранции и трошоците за сервисирање на долгот во наредните години. Целокупната слика сугерира дека долгот останува на повисоко ниво отколку што би се очекувало доколку растот на БДП беше еднократен или робустен низ целиот свет.
Факторите на растот на долгот лежат во комбинација од приспособлива монетарна политика, континуирани буџетски дефицити и нерамномерно темпо на економско закрепнување. Многу земји ги одржуваа каматните стапки ниски во текот на пандемијата на ковид-19 и понатаму за да ги поддржат програмите за закрепнување и социјалните програми. Некои економии се соочуваат со растечки потреби за финансирање јавни инвестиции, сервисирање стари обврски и приспособување на фискалната политика за да се приспособат на идните мерки. Сето ова влијае врз вкупниот долг и претставува предизвик за планирање на буџетот во наредните години.
Според Светските економски перспективи на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), регионално, Северна Америка (САД и Канада) има највисок просечен сооднос долг-БДП, за кој се предвидува да достигне 125 проценти до 2029 година. Следуваат Азија и Пацификот со проектирани 101 процент, а Европа со понизок просек од околу 77 проценти. Африка и Централна Америка бележат тренд на намалување на соодносите долг-БДП во наредниот период.

Најголемите економии – најголеми должници

Најголемите економии во светот – САД, Кина и Јапонија – се убедливо со најголеми обврски, иако причините и структурата на долгот значително варираат.
Јавниот долг на САД е вкупниот национален долг што го должи федералната влада на имателите на државни хартии од вредност и е номиналната вредност на тогашните ненамирени државни хартии од вредност издадени од Министерството за финансии и други федерални агенции во даден момент. Генерално, долгот на Владата на САД се зголемува како резултат на владините трошоци и се намалува како резултат на даночните или другите приходи од финансирањето, кои варираат во текот на фискалната година. Вкупниот бруто-износ што Министерството за финансии може да го позајми е ограничен од горната граница на долгот на САД.
Соодветно на тоа, јавниот долг на САД е вкупниот неотплатен долг што го должи федералната влада. Оваа бројка вклучува долг кон јавноста (на пример, преку обврзници) и меѓувладин долг (долг кон различни владини оддели), како што е социјалното осигурување.
Соединетите Американски Држави имаат најголем јавен долг во светот – над 38 трилиони долари во 2025 година, околу 123 проценти од нивниот БДП и 34,5 проценти од вкупниот јавен долг во светот. Јавниот долг на САД брзо расте од 2000 година, а во 2022 година беше повеќе од пет пати повисок отколку во 2000 година. Во текот на изминатите пет години, нето-каматните плаќања на националниот долг речиси се зголемија тројно. Се предвидува дека повторно ќе се удвои до 2035 година, достигнувајќи 1,8 трилион долари годишно. Ова нагло зголемување на долгот во 21 век е резултат на намалувањето на даноците, зголемувањето на трошоците за социјални програми (како што се Медикер и Медикејд) поврзани со стареењето на населението и одговорите на глобалната финансиска криза и пандемијата на ковид-19.

Јавниот долг претставува едно од најважните политички прашања во САД

Горната граница на долгот на САД стана едно од најважните политички прашања во последниве години, а дебатата за тоа како да се справиме со неа предизвика политички превирања меѓу демократите и републиканците.
Прашањето за јавниот долг стана многу контроверзна тема во рамките на Владата на САД. Мерки како што се пакетите за стимулации, програмите за социјална помош и намалувањето на даноците го зголемуваат јавниот долг. Покрај тоа, трошењето има тенденција да достигне врв за време на големи глобални настани, како што се големата депресија, финансиската криза од 2008 година или пандемијата на ковид-19, кои имаа штетно влијание врз американската економија. Иако обете главни политички партии во САД имаат тенденција да се обвинуваат меѓусебно за растечкиот долг на земјата, неодамнешната анализа покажа дека обете партии придонеле речиси еднакво во националните трошоци.
И покрај плановите и на демократите и на републиканците за намалување на националниот долг, се очекува тој само да се зголеми во текот на следната деценија. Процените покажуваат дека до 2030 година, јавниот долг на САД ќе се зголеми за повеќе од 20 процентни поени, достигнувајќи повеќе од 143 проценти од БДП, повисоко ниво отколку по Втората светска војна.
Новите податоци во извештајот на Министерството за финансии на САД за 2025 година покажуваат дека САД достигнале неверојатни 38 билиони долари јавен долг, години порано од очекуваното. Во јануари 2020 година, Канцеларијата за конгресен буџет предвиде дека бруто-федералниот долг нема да надмине 37 билиони долари до фискалната 2030 година.
Со јавен долг од 18,7 билиони долари, Кина е на второ место со удел од 16,8 проценти од глобалниот јавен долг. Но структурата е различна и инвестициите се голема причина на задолжувањето. Во 2025 година, долгот се зголеми за речиси 2,2 билиони долари, како резултат на владини стимулации и послаби приходи од земјиште поради проблематичниот сектор за недвижности. Проекциите укажуваат на понатамошен раст, потенцијално до 111 проценти од БДП до 2029 година, особено ако се појават нови трговски тензии што би барале дополнителни владини стимулации. Обврските на Кина во голема мера се поттикнати од големите инвестиции во инфраструктурата и од мерките за стимулирање на економскиот раст. Заедно, Соединетите Американски Држави и Кина држат 51,8 процент од светскиот јавен долг.
Следува Јапонија со 9,8 билиони долари јавен долг оваа година, што е еднакво на 230 проценти од нејзиниот БДП и 8,9 проценти од глобалниот јавен долг. Во 1990 година, овој сооднос беше само околу 50 проценти. Овој висок долг е резултат на децении агресивни владини трошоци за оживување на економијата по „пукањето на меурот на цените на активата“ во раните 1990-ти, борба против дефлацијата и покривање на зголемените трошоци за здравствена заштита и пензии поради стареењето на населението. Иако долгот останува екстремно висок, новиот премиер на Јапонија предлага трошење од 92 милијарди долари преку стимулативни мерки и субвенции.
Обединетото Кралство и Франција се најзадолжените земји, обете со близу четири билиони долари јавен долг. Франција, особено, доживува значителна политичка нестабилност поради контроверзните намалувања на буџетот, откако во последните две години имаше пет премиери.

Процени за понатамошен раст на глобалниот долг

Процените на ММФ за вкупниот глобален долг имаат „оптимистичка пристрасност“ и реалниот долг би можел да биде дури десет процентни поени повисок од сегашните проекции. Доколку продолжат сегашните трендови, глобалниот долг би можел да надмине огромни 350 билиони долари до почетокот на 2026 година, најавувајќи нова фаза на глобална финансиска нестабилност, со загрижувачки трендови што укажуваат на ограничен фискален простор и растечка ранливост во светската економија.
Вкупниот јавен долг потенцијално би можел да достигне 130 билиони долари до 2028 година, главно поттикнат од долговите на САД, Кина, Индија, Франција и на Бразил. Може да достигне околу 100 проценти од БДП до 2030 година, надминувајќи ги нивоата на долг забележани за време на пандемијата, предупреди ММФ во својот Фискален монитор за 2025 година.
Додека САД и Кина продолжуваат да играат доминантна улога во обликувањето на глобалната динамика на долгот, нивоата на долг и дефицит во многу земји остануваат високи и загрижувачки, според историските стандарди, и во развиените и во земјите во развој.


Уште еден колосален предизвик како закана од вештачката интелигенција

Закана за инфлација поттикната од вештачката интелигенција

Пазарите низ целиот свет, поттикнати од растот на секторот за вештачка интелигенција (ВИ), можеби ја занемаруваат големата закана во форма на зголемена инфлација на почетокот на 2026 година, објави „Ројтерс“. Агенцијата забележува дека аналитичарите очекуваат големите инвестиции во вештачката интелигенција на технолошките компании, заедно со владините стимулации, повторно да ги разгорат притисоците врз цените. Ова би можело да ги принуди централните банки да ги сопрат намалувањата на каматните стапки, што потенцијално ќе влијае на профитот и цените на акциите на технолошките компании.
Глобалните берзи, кои беа еуфорични за вештачката интелигенција на почетокот на 2026 година, можеби занемаруваат една од најголемите закани: пораст на инфлацијата делумно предизвикан од наплив на инвестиции во технологијата, забележува „Ројтерс“. Американските берзански индекси, во кои седум технолошки групи придонесоа за половина од сите пазарни добивки оваа година, забележаа двоцифрени добивки во 2025 година и достигнаа рекордни максимуми, бидејќи ентузијазмот за вештачката интелигенција и монетарното олеснување, исто така, ги турнаа акциите низ целиот свет на рекордни нивоа.
Очекувањата за понатамошно намалување на каматните стапки, исто така, го поттикнаа издавањето обврзници, давајќи им на инвеститорите во американски државни обврзници најдобри годишни перформанси во последните пет години. Инфлацијата истовремено се намалува, иако останува над просечната цел на Федералните резерви од два процента.
Што се однесува до 2026 година, се очекува брановите на владини стимулации во САД, Европа и во Јапонија, како и „подемот на вештачката интелигенција“, повторно да го поттикнат глобалниот раст, забележува агенцијата. Е.Р.

Автор: Дејан Јововиќ

Авторот е економист и научен советник