МАПИРАЊЕТО НА ЗДРАВСТВЕНИОТ ПЕРСОНАЛ КАКО ПОВОД
- Мапирањето е процес со кој во здравството се фрла силна светлина на препознавање и идентификување на ресурсите, дава можност истото тоа да профункционира врз основа на факти, реални опипливи и функционални ресурси и прецизни податоци. Во својата основа, мапирањето овозможува интеграција на податоците од јавниот и приватниот здравствен сектор, од примарното, секундарното и терцијарното ниво, како и од сите региони и општини. Тоа ја уништува изолацијата меѓу институциите и ја создава првата вистинска мрежа на здравството како систем, а не како збир на установи
Неодамна министерот за здравство Азир Алиу најави дека во периодот што следува ќе се реализира мапирање на здравствениот персонал, со што државата конечно ќе утврди со колку здравствени работници располага, каде се распределени тие, каде има вишок, а каде недостиг.
Со мапирањето на здравствениот персонал ќе се овозможат попрецизно планирање, подобра распределба и поефикасно користење на човечките ресурси во здравството.
Чадиевска: Институциите никогаш не биле поврзани во единствен систем што може да го води здравството
Според д-р Даринка Чадиевска, лекарка по семејна медицина и сопственичка на приватна здравствена установа, во време кога здравството во Македонија се соочува со големи структурни предизвици, мапирањето на здравствениот персонал сѐ повеќе се издвојува како неопходна алатка за подобро планирање на распределбата и развојот на услугите во примарното, секундарното и терцијарното здравство.
– Иако институциите со години поседуваат различни бази на податоци – регистри на лекари, матични ординации, установи и специјализации – тие никогаш не биле поврзани во единствен функционален систем што може стратегиски да го води здравството. Во практика, здравствениот систем долги години функционираше без севкупна анализа на реалните потреби по региони. Затоа денес се соочуваме со недостиг од персонал во одредени подрачја, пренатрупани клиники во Скопје и нееднаква достапност до основни здравствени услуги. Националното мапирање не е нова идеја, но е концепт што треба и може да ја донесе неопходната системска промена – вели таа.
Според неа, иако примарното здравство е основата на секој здравствен систем, распределбата на кадарот во Македонија покажува сериозен дисбаланс.
– Иако околу 38 проценти од населението живее во рурални средини, таму се распределени само околу 21 процент од матичните лекари. Во одредени општини нема ниту еден матичен лекар, гинеколог, педијатар, стоматолог или ортодонт – вели Чадиевска.
Според неа, со мапирањето ќе може прецизно да се утврди каде има најголем недостиг од матични лекари, кои населени места се „бели точки“, каде матичните тимови имаат преголем број пациенти и каде е потребно отворање дисперзирани амбуланти.
– Дополнително, мапирањето ќе помогне во развој на политика што ќе го намали одливот на кадар од помалите средини кон големите градови. Потребно е да се создадат стимули за младите лекари – финансиски, едукативни и инфраструктурни. Тоа е инвестиција во превентивата, достапноста и навремената здравствена грижа – вели таа.
Според Чадиевска, мапирањето во секундарното здравство ќе овозможи точно утврдување на градовите и болниците со празни или недоволно искористени амбуланти, подобро планирање специјализации според потребите, одредување каде треба да се инвестира во опрема и регионално зајакнување на службите заради намалување на притисокот врз Скопје и другите поголеми градови, бидејќи досегашното вакво функционирање покажа дека во многу здравствени домови и болници низ државата недостигаат специјалисти, а во одредени установи нема втора смена за рендген, итна лабораторија, дежурен специјалист во попладневните часови.
Според неа, важен дел од стратегијата е и задржување на специјалистите во регионалните центри, наместо нивно префрлање во поголемите градови. За тоа е потребна поддршка во форма на модерна опрема, услови за работа, континуирана едукација и стимулација.
За терцијарното здравство, пак, Чадиевска вели дека универзитетските клиники треба да бидат центри за третман на сложени случаи, но во моментов тие се оптоварени со рутински прегледи и интервенции што би можеле да се третираат во локалните болници.
– Со мапирањето тука ќе се утврди кои рутински услуги може да се делегираат на регионално ниво, каде е потребно засилување на општите болници, како да се подобри распределбата на пациенти и како да се оптимизира работниот процес на клиниките. Кога примарните и секундарните служби ќе функционираат оптимално, терцијарните центри ќе можат да се посветат на лекување комплексни случаи и подготовка на нови генерации лекари – вели таа.
Таа потенцира дека мапирањето не е политички концепт ниту нова теорија туку потреба што долги години недостига.
– Со негова примена Македонија може да добие здравствен систем што ќе обезбеди еднаков пристап за сите граѓани, ќе ја намали концентрацијата на кадар и пациенти во одредени подрачја, особено Скопје и некои поголеми градови, ќе го спречи одливот на лекари од малите градови и ќе создаде услови за кадрите да останат во државата. Исто така, подобро ќе се користи постојниот инфраструктурен потенцијал, инвестициите ќе се планираат врз основа на реални податоци и ќе се поврзат примарното, секундарното и терцијарното ниво во единствена функционална целина. Мапирањето е основа за подобро здравство за сите. Тоа е алатка што го насочува развојот, ја зголемува ефикасноста и обезбедува фер распределба на здравствените услуги. Со јасна слика за тоа каде има кадар, каде недостасува и како се движи потребата, Македонија може да создаде здравствен систем што не е централизирано зависен, туку рамноправен, стабилен и подготвен за иднината – заклучува докторката.
Мехмедовиќ: Суштинска управувачка реформа
Според експертот за здравствени политики, член на Здравствениот совет и директор на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација, Злате Мехмедовиќ, мапирањето на здравствениот персонал не е статистичка операција, туку суштинска управувачка реформа, со која државата за првпат воспоставува целосна информираност за сопствениот здравствен капацитет.
– Во суштина, мапирањето е процес со кој здравството престанува да се управува во темнина и почнува да се функционира врз основа на факти, реални ресурси и прецизни податоци.
Во својата основа, мапирањето овозможува интеграција на податоците од јавниот и приватниот сектор, од примарното, секундарното и терцијарното ниво, како и од сите региони и општини. Тоа ја уништува изолацијата меѓу институциите и ја создава првата вистинска мрежа на здравството како систем, а не како збир на установи – вели Мехмедовиќ.
Според него, мапирањето ќе има неколку ефекти врз здравствениот систем во земјава.
– Првиот ефект од мапирањето е создавање реална национална слика за човечките ресурси во здравството. Со години одлуките за вработување, специјализации и отворање одделенија се носеа врз основа на делумни информации, стари списоци или политички процени. Мапирањето го менува тоа засекогаш, затоа што за секој здравствен работник постои податок каде работи, што работи, колку е стар, во која специјалност и во која институција е. Ова овозможува идентификација на слабите точки во системот: региони без доволно лекари или болници пред кадровски колапс без доволно медицински сестри.
Вториот ефект е создавање основа за правична дистрибуција на здравствените услуги. Првпат државата може објективно да утврди дали постојат општини со двојно помалку лекари по жител, дали руралните средини се хронично запоставени и каде навистина е ургентна инвестиција. Ова не е само техничко прашање, тоа е прашање на социјална правда и уставно загарантирано право во пристапот до здравствена заштита – потенцира Мехмедовиќ.
Тој вели дека третата клучна придобивка е тоа што мапирањето овозможува стратешко кадровско планирање за следните 5, 10 или 15 години.
– Со увид во возраста на вработените, бројот на специјализации и динамиката на пензионирање, системот добива капацитет да предвиди идни празнини. Наместо панично да се креираат решенија во моментот кога оддел ќе остане без специјалист, државата однапред ќе знае кој профил ќе недостасува и навремено ќе вложува во обука и задржување на кадарот. Четвртиот аспект е финансискиот. Мапирањето го трансформира буџетирањето од политички договор во рационален процес. Финансирањето повеќе нема да се врзува за општопознатите „традиционални методи”, туку за реални потреби и оптоварување. Со тоа се создава првиот услов за вистинска ефикасност во трошењето на јавните средства во здравството. Петтата суштинска вредност е управувањето со кризни ситуации. Пандемијата покажа дека државите што немаат прецизна слика за сопствениот здравствен капацитет плаќаат висока цена. Мапирањето обезбедува институционална подготвеност: јасно се знае каде има резерви, кој кадар може да се мобилизира, каде системот е најранлив и како да се превенира девијација на системската функционалност – вели тој.
Според него, мапирањето е и алатка против корупцијата.
– Кога податоците се централизирани, транспарентни и логички поврзани, исчезнуваат фантомски вработувања, паралелни ангажмани и административни фикции. Системот станува проверлив, а политиките одговорни – вели тој.
































