КАРАТЕ – ТУРНИР ОД СЕРИЈА А ВО ТБИЛИСИ
- Белистојаноски во тежинската категорија до 68 кг дојде до златото откако забележа вкупно шест победи на татамите
Македонскиот репрезентативец Матеј Белистојаноски се закити со златен медал на вториот ден на карате-турнирот од Серија А, кој во три натпреварувачки дена се одржа во Тбилиси (Грузија), што е голем успех. Белистојаноски во тежинската категорија до 68 кг дојде до златото откако забележа вкупно шест победи на татамите.
Во првото коло Белистојаноски го совлада Хамидреза Рахабријанјазди од Иран (на поени 8-0), во второто Даниел Бартолета (7-4) од Велика Британија, во третото Даниел Бирку (7-4) од Романија, во четвртото Боран Берак (4-0) од Хрватска. Во полуфиналето тој беше подобар од Владислав Велко од Украина, поради прв освоен поен, откако резултатот беше нерешен (7-7), а во финалето славеше над Абдул Вахабов Рашидов од Узбекистан, на истиот начин како и во полуфиналето по нерешените 7-7 во регуларниот тек на борбата.
Во Тбилиси настапија вкупно 1.252 каратисти од 77 држави. За многумина ова е и генерална проба за претстојното Европското првенство (ЕП) за кадети, јуниори и за помлади сениори (до 21 година) во Лимасол (Кипар) во февруари.
На традиционално силниот турнир од Серијата А, Македонија учествуваше со вкупно 14 каратисти, а на вчерашниот последен ден настапија преостанатите каратисти, Михаела Мишовска (категорија до 55 кг), Викторија Јовановска, Јована Мицовска, Вероника Костовска (сите три до 61 кг), Вукашин Јовановиќ (до 67 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Данило Божовиќ и Реџеп Рушити (и двајцата до 84 кг). Претходно настапија Рудина Алиу (до 55 кг), Ердона Зибери (над 68 кг), Греса Мустафаи (над 84 кг), Фахик Весели (до 60 кг) и Стефан Стојановиќ (над 84 кг). Г.И.
































