Упатство за употреба: што да направите ако се заглавите во лифт во ОН

  • Светот сега се чини им припаѓа на трите нови империи (иако и Америка и Русија и Кина не се империи од вчера). Ќе видиме дека Трамп избегнува да се повикува на меѓународното право, туку е фокусиран на МАГА-концептот, додека неговите соперници Путин и Си (особено тој) се повикуваат на закони и на меѓународен поредок. Но играта од поодамна е завршена и секој игра според своите книги,
    настојувајќи да ги оствари своите планови со стратегиите и доктрините
  • Дека некаде во градењето на овој нов свет тие ќе се судрат тоа е сигурно, иако нема да се фатат за кодираните чанти поради инцидент со заплена на еден танкер или поради киднапирање претседател на суверена држава, но ќе дојдат до некој посериозен конфликт, оти тоа е неизбежно кога базенот ќе им стане премал за апетитите и кога некоја од овие три сили ќе стане супериорна

И тоа може да се случи – да заглавиш во лифт во зградата на Обединетите Нации. Да заглавиш на Ист Ривер во седиштето на организацијата во Њујорк, градот што никогаш не спие. А зошто, па, некој голем и модерен град би спиел?! Секој води своја борба, секој наутро си оди на чорба. Јас искрено не заглавив во лифт во ОН, но заглавив, буквално во лифт на Менхетен во еден хотел познат по терасата од која погледот вредел милион долари – право на „Емпаер стејт билдинг“. Јако. Повисок од Ајфеловата кула, можеби за сто метри. Хотел со лифт пред кој има закачено табла „лифт со историско значење“. Интересно, историски лифт имаше и во зградата каде што беше сместена некогаш македонската амбасада во Брисел. А лифт како лифт, ист како тој во Ристиќева палата во Скопје, ама ние не знаеме да правиме приказни сочни и за нас и за туристите. Е, јас се заглавив токму во таков историски лифт на историски ден, одејќи да покривам настан во ОН каде што Срѓан Керим требаше да биде избран за претседател на 62. Генерално собрание на ОН. Јас треба да известувам, а јас заглавен во лифт, кој може да го поправи само еден мајстор во тој 20-милионски град. И ова мое нагласено „јас“ не ми вреди многу, зашто чекањето може да потрае со часови – зависите од некојси мајстор. Но човекот дојде токму кога требаше, а јас газ преку глава низ Менхетен до ОН.
Има такви работи во животот. Се сеќавам дека еднаш беше заглавен американскиот генерал Ричард Мејер, а токму јас успеав да го внесам на еден важен самит на НАТО, замислете со мојата пропусница, мојот новинарски пас, мојот новинарски габарит. Човекот беше учтив и ми се заблагодари. Целиот негов тим заборавил на неговите беџови и пропусници. Се случува.
Но што ќе се случи ако се заглавите во лифт на старата зграда на ОН, која одамна плаче за темелно реновирање и реформирање? Замислете, вие сте генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и се заглавувате во лифт што може да го поправи само еден човек на планетава?! Дали живееме во време на апсурд или самите си ја создаваме матрицата на апсурдноста? И во тој лифт, освен Гутереш, се и петте постојани амбасадори на петте постојани членки на Советот за безбедност, кои единствено имаат право на вето. За што ли ќе зборуваат, што ќе си кажат, кој кому ќе крене рака, кој кого ќе нокаутира…? Си замислувам до каде би можеле да отидат работите на дипломатски план ако во тој тесен лифт под недостиг од кислород се разговара и почне да се преговара за Газа, за Гренланд, за Венецуела, за Панамскиот Залив, за Украина, за ЕУ, опааа, за НАТО, уште едно опааа, па и за Тајван… Нема крај. Што и да кажат во заглавениот лифт во ОН нема фајде, никој нема да ги чуе, а и онака ОН одамна се само форум што го регистрира падот на светскиот поредок создаден по Втората светска војна. Тој не може да одговори ни на потребите ни на повиците, ниту, пак, на лелеците на новото време. Претпоставувам дека некои агенции се и крајно корумпирани, како што беа безначајни или очајно слаби некои мировни мисии на „сините шлемови“. Руанда или Босна, само нив да ги земеме за пример е доста, но и Либан и многу други, а секако УНРВА.

Она што се случи во Венецуела, да го наречеме софистициран државен удар од страна на САД со кој елегантно и без многу драми е тргнат претседателот Николас Мадуро, само ја потврди глобалната геополитичка игра на која американскиот претседател Доналд Трамп се налепи како силен агенс. Светските промени дојдоа и пред Трамп, но тој сфати дека Америка заостанува и зад Кина и зад Русија на многу полиња, а дури беше инфериорна и во однос на Европа. Како може една империја да се доведе во таква позиција? Ако е така, тогаш таа не е империја и таа гледана како лав, природно е да биде изедена во битка од посилните лавови. Оваа геополитичка трка по своето, империите секогаш одат по „нивното“, не може ниту да ја спречат ниту да ја санкционираат ОН затоа што така е поставена таа светска архитектура, но таа нема да се одржува за долго ваква каква што е денес и сега. Ако не ни е јасно тоа, треба да ни се разјасни.
Прашање за нас Македонците: дали ни беше јасно што ни се случи токму во ОН кога баравме членство? Ние знаеме дека беше прекршена Повелбата на ОН со тоа што ни се постави дополнителен услов за промена на името, со што во Њујорк беше направен еден опасен преседан. Ние знаеме како ни беше сменето името, со што повторно под бајракот на ОН ни накалемија географска одредница, со што ни беше избришан идентитетскиот код, а притоа ни се забетонира статусот на вазаласка држава северно од нашиот прокламиран вазал. Ако мислите дека претерувам – ви благодарам на комплиментот. Сепак, јасно ни е каква улога играле ОН, кои дури не сакаа ни да ни го признаат статусот на наследник на растурената држава Југославија. Кој го смисли тоа и зошто? Дали беа тоа „петте крала“ во ОН што имаат право на вето?
Да продолжиме – Венецуела. Прашањето е дали акцијата на американските специјалци (ако се само тие) е во рамките на меѓународното право. Кусиот одговор е не. Иако Америка има покритие во својата доктрина за национална безбедност и си има дадено самата на себе право, па и уставна обврска да дејствува и надвор од границите секаде каде што се загрозени нејзините национални интереси. И ова не го измисли Трамп, тој само го надгради. Така беше и со интервенцијата на НАТО врз Југославија, која не беше според меѓународното право, но имаше морална оправданост. И токму од таа морална оправданост поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ заврши во хашките затворски ќелии каде што и почина.
Ако сега го гледаме светот на трите нови империи, јас не гледам други, ќе видиме дека единствено Трамп не се повикува на меѓународното право, додека неговите соперници Путин и Си (особено тој) се повикуваат на закони и меѓународен поредок. Но играта од поодамна е завршена и секој игра според своите книги, настојувајќи да ги оствари своите планови со стратегиите и доктрините.

Дека некаде во градењето на овој нов свет тие ќе се судрат тоа е сигурно, иако нема да се фатат за кодираните чанти поради инцидент со заплена на еден танкер или киднапирање претседател на суверена држава, но ќе дојдат до некој посериозен конфликт, оти тоа е неизбежно кога базенот ќе им стане премал за апетитите. На пример, Кина има свој проект што го развива неколку илјади години, зашто Патот на свилата не е нејзин нов проект, туку таа од епоха на епоха само го развива и надградува (запомнете Кина гради и надградува) и нема да си дозволи сега сето тоа да го пресече затоа што Америка сака да се оптегне империски во целата западна хемисфера, па и пошироко. Тоа е Монровата концепција, која сепак е макијавелистичка. Прашање е дали Русија и Кина ќе прифатат дека целта ги оправдува средствата, концепт што духовно и не е толку близок на цивилизации како кинеската, руската или индиската каде што духовните принципи и вредности се вткаени во секојдневието и тие практикуваат таков начин на живот при што материјалното не го игнорираат, но тоа не е крајната цел.
Според мене, прашање е дали ќе може новиот свет да функционира со три моќни империи и дали во таков свет може да се најде место за некакви си нови обединети нации. Многу е пологично да се размислува во насока на формирање свет на корпоративни империи, односни сфери што ќе голтаат сѐ што е блиску кон нивниот центар. Така, на пример, за очекување е во блиска иднина тие да почнат да си купуваат територии каде што ќе ги инсталираат своите практики и закони.
Очекуваме битки за освојување на половите, но светот нема да помине ни без војна на ѕвездите. Се надевам дека Господ го гледа сево ова и ужива.