Разговор со Наташа Андрееска, главна и одговорна уредничка на Македонското радио, радио Скопје
На 28 декември 1944 година, во услови на штотуку завршена војна и раѓање на македонската државност, од Скопје за првпат одекнаа зборовите: „Зборуе Радио Скопје“ искажани од Владо Малески-Тале. Со таа реченица не започна само историјата на едно радио, туку и историјата на македонскиот јазик во електронските медиуми. Радио Скопје, денес познато како прв програмски сервис на Македонското радио, прерасна во еден од најважните столбови на јавниот и културниот живот во земјата.
Глас што остава трага и е врежан во колективната меморија
Во првите години по Втората светска војна, Радио Скопје имаше пред сè информативна општествено-мобилизирачка улога. Со скромна техничка опрема, но со силна мисија, радиото служеше како средство за информирање, образование и зацврстување на новоформираниот државен и културен идентитет. Во неговите програми се афирмираше македонскиот литературен јазик, се читаа поезија и проза, се емитуваа вести и говори што го обликуваа јавниот дискурс.
Со текот на времето, особено во периодот од педесеттите и шеесеттите години, Радио Скопје се развива во стабилна институција со оформени редакции, редовна програмска шема и зголемен број новинари, уредници, актери и музичари. Радиото станува централна културна платформа, преку која се промовираат македонската книжевност, драмска уметност и музика. Радиодрамите, културните емисии и образовните содржини оставија длабока трага во колективната меморија на слушателите.
Техничкиот напредок во седумдесеттите и осумдесеттите години овозможи проширување на сигналот и унапредување на продукцијата. Во тој период се создава и богата музичка и говорна архива, која денес претставува непроценливо културно наследство. Радио Скопје ја зацврстува својата улога како јавен сервис, со програми наменети за различни општествени групи – од деца и млади, до земјоделци, работници и интелектуалци.
Во рамки на Радио-телевизија Скопје, а подоцна и Македонската радио-телевизија, радиото станува дел од поширок медиумски систем. Особено значајно е развивањето на програмите на јазиците на заедниците, со што Радио Скопје добива и важна мултикултурна димензија.
По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, радиото се соочува со нови предизвици – политички, финансиски и технолошки. Во услови на зголемена конкуренција од приватните медиуми и промени во медиумските навики, Радио Скопје ја задржува својата основна мисија: да информира објективно, да создава културна и образовна програма и да го штити јавниот интерес.
Денес, Радио Скопје емитува 24-часовна програма и е достапно и преку интернет, продолжувајќи да биде симбол на континуитет и медиумска традиција. И покрај дигиталната ера и новите платформи, радиото останува препознатливо како глас што со децении ја градел македонската јавност и ја зачувувал културната меморија на земјата.

81 година Македонско радио, радио Скопје
Денеска се навршува 81 година од постоењето на Македонското радио, радио Скопје, а тоа беше повод да поразговараме со главната и одговорна уредничка Наташа Андрееска. Таа нѝ раскажа на кој начин ќе биде одбележан овој значаен ден за радиото и за Македонија, кои се новостите во работата на медиумот, но и како и колку традиционалните медиуми успеваат да се справат со современите текови.
– Одбележувањето на 81 година од првото кажано „Зборуе Радио Скопје“ е пред сѐ чин на почит кон традицијата, но и завет кон иднината. Затоа денеска, на 28 декември подготвивме специјална програма или празнично неделно матине со повеќе јубилејни емисии, архивски аудио записи, сведоштва од доајени на македонското радио, панел дискусии за радиото, како и разговори со новинарите кои денес го креираат звукот на Македонското радио, радио Скопје. Ќе се навратиме на историските моменти, но ќе го истакнеме и континуитетот на радиото како институција од национално значење- медиум кој повеќе од осум децении ја раскажува македонската приказна. Тука секако се и честитките од истакнати наши љубители на убавиот збор, музиката што ги обединува сите генерации, а сето тоа обликувано со посебен аудио дизајн – вели Андрееска.

Таа објаснува дека целокупната програмска шема на Македонското радио, радио Скопје е внимателно подготвена и е приспособена за сите возрасти.
– Има интерес кај слушателите како за информативната програма, за пладневниот весник, така и за утринските и дневните емисии, за културно-уметничките, документарните и музичките содржини. Се следат емисиите од секојдневието, колумните, разговорите со релевантни соговорници, содржини што Македонското радио, Радио Скопје ги негува со години наназад – вели Андрееска.
Комплетна програмска шема за сите генерации
Според неа, и покрај честите прогнози дека новите медиуми ќе го потиснат радиото, реалноста покажува поинаква слика. Радиото не исчезнува туку се трансформира според современите текови на живот.
– Македонското радио е единствено македонско радио со комплетна програмска шема за сите генерации и тоа е нашата посебност. Интересот само се пренасочува, а ние наоѓаме нови начини да допреме до своите слушатели. Радиото останува најбрзиот и најдостапниот медиум кој успева да се адаптира на современиот начин на живеење – забележува Андрееска.
Да се зачуваат новинарските постулати градени повеќе од осум децении, а истовремено да се биде модерен, е голем предизвик, но од друга страна и привилегија.
– Нашата обврска е да ја задржиме довербата кај слушателската јавност и да останеме на професионалните стандарди како што се точно, навремено и одговорно информирање и едуцирање и истовремено да се адаптираме на новите стандарди кои ги носи времето. Верувам дека таа рамнотежа меѓу традицијата и иновацијата е клучот за опстанокот и кредибилитетот на нашиот медиум-вели Андрееска.
Денес покрај бројните други проблеми, радиото се соочува со недостиг од млад кадар.
– Состојбата со младиот кадар беше и останува болна точка во радиото. Имаше мали поместувања на овој план пред некоја година, но сега во Новата 2026 очекуваме поголемо раздвижување на ова поле, иако досега тој процес некако не оди со посакуваната динамика. Секако дека наш приоритет е знаењето и искуството да се пренесуваат, а младите да добијат простор за професионален развој во рамките на Македонското радио – смета Андрееска.
Таа истакна дека постојано се работи на освежување на програмската шема и дека се подготвуваат нови содржини, како емисии, така и аудио дизајн, дека предвидени се промени во делот на тематските и авторските емисии, како и проширување на дигитализацијата на радиото. Андреска најави и конкретни проекти кои во моментов се во подготовка, а се адаптираат на новите навики за слушање и следење на радиото.

Работата во Македонското радио, радио Скопје е влог во нешта со трајна вредност и влијание
Грижата за македонскиот литературен јазик е една од темелните обврски на Македонското радио, радио Скопје.
– За правилната употреба на стандардниот јазик во радиото се грижат лектори, уредници и новинари кои се свесни одговорноста што сите заедно ја носиме како единствен јавен сервис. Македонското радио беше и е меѓу најдоследните чувари на македонскиот јазик, на јазичната култура, и тоа е мисија што како вработени ја сметаме за подеднакво важна како и информирањето-истакнува Андреска.
Нашата соговорничка, вели дека нејзиниот личен мотив во професијата што ја работи го пронаоѓа во вербата во јавниот сервис и во неговата улога во општеството.
– Енергија ми дава сознанието дека работам нешто со љубов, со ентузијазам и со позитивна мисла, нешто што има смисла, трајна вредност и влијание. Еднаш новинар секогаш новинар, но само ако се работи чесно со душа и одговорно. Желбата да се зачува угледот на Македонското радио, радио Скопје, но и да се унапредува и осовременува програмата во служба на граѓаните кои постојано пишуваат, фалат, но и критикуваат по потреба, е тоа што постојано ме движи напред заедно со тимот на искусни професионалци кои го одржуваат Македонското радио, радио Скопје-завршува главната и одговорна уредничка Наташа Андрееска.































