Јубилеј на градската библиотека „Борка Талески“ од Прилеп
Градската библиотека „Борка Талески“ од Прилеп деновиве реализира повеќе активности за одбележување 80 години од формирањето. Централната прослава ќе се одржи денеска, од 12 часот, при што ќе има пригодна програма и изложби.
– Осумдесет години е исклучително значаен јубилеј за библиотеката „Борка Талески“, но и за Прилеп. Претставува континуиран растеж и 80 години гордост, осумдецениско чување и негување на пишаното културно наследство – посочува Андриана Ристеска, директорка на ГБ „Борка Талески“ во Прилеп.
Според неа, јубилејот сведочи за осумдецениското чување на мудроста што ја содржат книгите и пренесување на новите генерации.
– Од скромна библиотека, нашата установа, со текот на годините и децениите, прерасна и се трансформира во модерна библиотекарска установа, носител на културните збиднувања во Прилеп. Зародокот на библиотекарската дејност во градот датира од поодамна, со постоењето на читалиштето „Надежда“, формирано во времето на Кралството Југославија од интелектуалниот и побогатиот слој на Прилеп, каде што се читале весници, списанија и книги. Во него навраќал и нашиот патрон, народниот херој Борка Талески, кој бил голем книгољубец. Првото име на библиотеката било „Максим Горки“, за подоцна во чест на Талески да го добие името ГБ „Борка Талески“. Во осумте децении се вложени не само огромен труд и средства туку и огромна љубов и посветеност на вработените, при што институцијата се трансформира во модерна и респективна установа од областа на културата. Во нејзиното функционирање се применуваат сите најсовремени библиотечни практики (компјутерска обработка на книжниот фонд во системот Кобис, електронско издавање на библиотечниот материјал, одржување и негување на збирката на стари и ретки книги, одржување и збогатување на роднокрајното одделение, каде што се чуваат книги од автори што потекнуваат од ова поднебје и книги од автори што пишуваат за ова поднебје, како и организирање на богатата издавачка дејност). Сите овие форми и содржини на работа на библиотеката ја прават стожер на културното живеење на овој простор – вели Ристеска.
Изминатите години и децении библиотеката и библиотекарството во Прилеп бележат перманентен развој, како во техничкото опремување преку набавка на најсовремени технички средства (компјутери, печатачи, копир-апарати, видеоопрема, разглас и др.), така и во континуираното збогатување на книжниот фонд со најнови изданија, но и во осовременување и реновирање на работниот простор на библиотеката.
– Посебно внимание посветуваме на усовршување и образовање на библиотекарскиот кадар со новитетите на системот Кобис, но и на збогатувањето на книжниот фонд на библиотеката. Секоја година преку тендерски постапки и поединечни откупи, како и преку разни донации од поединци и институции, се набавува нова литература. Прилепската читачка публика има изострен осет за убавата и квалитетна книга и затоа ние настојуваме и најчесто успеваме позитивно да одговориме на овие потреби и барања. Библиотеката денес располага со фонд од над 130 илјади библиотечни единици од најразлични области. Овој фонд секојдневно се зголемува и збогатува со нови наслови. Библиотеката располага и со респективен број на стручна и научна литература од најпознати светски автори. Поголемиот број од овие книги се набавени како донации од Министерството за култура. Библиотеката на своите полици има богат фонд на странска литература на англиски, француски, италијански, германски, полски и руски јазик, како и определен фонд на духовна литература, достапна за нашите читатели. Системот Кобис многу помогна во организацијата на библиотечното работење, го поедностави и софистицира, што е огромна помош во работењето на библиотекарскиот кадар, но, најважно од сѐ, преку овој систем нашите корисници се подобро информирани за публикациите со кои располага библиотеката и на многу побрз и поедноставен начин можат да дојдат до саканата литература – истакнува Ристеска.
Дигитализацијата во библиотечното работење е неминовен процес за кој во библиотеката сериозно се подготвуваат и велат дека за идната година имаат сериозни планови за развој.
– Набавивме специјален печатач со скенер, кој ќе се користи за дигитализација на дел од книжниот фонд, пред сѐ на изданијата на библиотеката, како и на одредени книги со постар датум на издавање, од причини што треба да се внимава да не се повредат авторските права и да се почитува правната регулатива што ја покрива оваа материја. Со дигитализација на дел од книжниот фонд ќе започнеме во текот на годинава што ни доаѓа. Имаме амбициозен неколкугодишен план за развој на нашата библиотека. Тука пред сѐ мислам на целосно обновување и повторно ставање во употреба на средната читалница, доопремување и реорганизација на одделот за деца со внесување и промовирање нови содржини, атрактивни за детската популација, како што се разни работилници, формирање детски дебатни клубови, книжевни дружења и слично. Мој приоритет пред сѐ е повторно доближување и поголема популаризација на книгата како општо добро кај најмладата популација. Планирам во наредниот период да се реновира и оспособи за работа подрачната библиотека во населбата Варош, за која постои голем интерес кај тамошното население. Секако, во иднина ќе се интензивира и издавачката дејност на библиотеката со нови и интересни изданија, а ќе се продолжи со организирање промоции, изложби, трибини, книжевни средби. Нема да ја запоставиме ниту меѓубиблиотечната соработка и размена на знаења и искуства во секојдневното работење со нашите колеги од другите библиотеки. Составен дел на секоја институција се и проблемите. Основен со кој се соочуваме долги години е недостигот од млад стручен кадар. Последниве години повеќе вработени библиотекари и виши библиотекари се пензионираа и нивните места се непополнети. Библиотеката порано имала и над 30 вработени, а денес имаме само десетина вработени, што претставува сериозен проблем во работењето. Како установа бараме нови вработувања и се надеваме дека в година постепено ќе го решиме и овој горлив проблем – истакнува директорката на ГБ „Борка Талески“.
































