Анализа: за донесувањето на Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година, потпишан од претседателот Доналд Трамп (1)
Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година јасно и недвосмислено се спротивставува на сите идеи за менување граници, етнички прекројувања и „корекции“ на Балканот, без разлика дали тие доаѓаат однадвор, самостојно или во корелација со некои од актуелните влади во регионот што имаат хегемонистички/големодржавни аспирации, или, пак, тие идеи за „балкански корекции“ доаѓаат од внатрешни сецесионистички кругови во државите на Западен Балкан (кои исто така негуваат мегалодржавни идеи за отцепување или прекројување на границите во регионов), претставувајќи се преку политички платформи за „демократски интеграции“ со народи и територии од соседството, а чии идеи имаат и премолчна, но и полујавна поддршка од неолибералните кругови од Европа
1. САД со Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година испратија недвосмислена порака дека нема да поддржат никакви обиди за прецртување на границите или промени на етничкото и политичкото уредување на Западен Балкан! Ова становиште педантно е стипулирано во Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година, потпишан од претседателот Доналд Трамп.
2. Законот за овластување за национална одбрана на САД ја нагласува стратешката важност на регионот и ја потврдува поддршката на Вашингтон за евроатлантската интеграција, демократскиот развој и економската стабилност на земјите од Западен Балкан.
3. Во Законот за овластување за национална одбрана на САД – Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија се дефинирани како плуралистички и мултиетнички општества, чија стабилност е од клучно значење за мирот во Европа. САД најавуваат континуирана поддршка за демократските институции, со цел да се спречи повторно појавување на етнички тензии.
4. Документот предвидува и можност за санкции против поединци или политики што ги загрозуваат мирот, безбедноста или територијалниот интегритет на која било земја во регионот.
5. Покрај безбедносниот аспект, САД најавуваат засилена поддршка за економскиот раст, зголемување на инвестициите и диверзификација на енергетските извори, со цел регионот да стане поотпорен на надворешни геополитички притисоци. Р.Н.М.
Од наш агол
Неколку аспекти за силата и значењето на Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година
Законот за овластување за национална одбрана на САД (НДАА) не е обична политичка декларација ниту дневнополитичка порака. Станува збор за еден од најмоќните и најобврзувачки закони во американскиот политички систем, кој со децении претставува темел на американската надворешна, безбедносна и одбранбена политика.
Неговата тежина произлегува од неколку суштински факти.
Прво: ова не е извршна одлука, туку федерален закон
Законот за овластување за национална одбрана на САД (НДАА) се усвојува од Конгресот на САД, а со неговото потпишување од претседателот — во овој случај Доналд Трамп — тој станува обврзувачка правна рамка за сите американски институции: Пентагон, Стејт департментот, разузнавачките служби и федералната администрација. Тоа значи дека содржината на законот не зависи од дневната политичка волја, туку мора да се спроведува во практика, без разлика кој е моментално на власт во одделни институции.
Второ: НДАА не е симболичен, туку оперативен закон
Законот за овластување за национална одбрана на САД не се ограничува на општи формулации. Исклучително е значајно да се напомене дека со Законот за овластување за национална одбрана на САД:
– се одобруваат буџети од стотици милијарди долари,
– се дефинираат географски и политички приоритети,
– се наложуваат конкретни активности, извештаи, мониторинг и санкции.
Кога во Законот за овластување за национална одбрана на САД (НДАА) експлицитно се наведува дека Западен Балкан е регион од стратешки интерес, тоа значи дека САД се законски обврзани активно да се занимаваат со случувањата таму — политички, безбедносно и економски.
Трето: регионот добива статус на безбедносно прашање, не само дипломатско
Вклучувањето на Западен Балкан во ваков закон ја подигнува темата од ниво на „регионална нестабилност“ на ниво на прашање поврзано со националната безбедност на САД.
Тоа подразбира:
– постојан надзор заради спречување обиди за дестабилизација,
– санкционирање на оние субјекти што ќе се обидат да го загрозуваат мирот или границите на државите на Западен Балкан,
– спротивставување на влијанија од трети сили,
– поддршка за уставните поредоци на државите од Западен Балкан и поддршка на опстојување и развој на мултиетничките општества на земјите од Западен Балкан.
Со други зборови, Западен Балкан повеќе не е периферија, туку дел од пошироката безбедносна архитектура на Европа и НАТО.
Четврто: законот има долгорочна сила
Иако се носи за конкретна фискална година, Законот за овластување за национална одбрана на САД (НДАА) во пракса ги поставува насоките за повеќе години однапред. Тој креира институционална инерција што тешко се менува без нов конгресен консензус.
Тоа значи дека политиката на САД кон регионот не е моментална реакција, туку стратегија што ќе се спроведува континуирано.
Поради сите горенаведени елементи, значењето на Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година во овој момент се цени дека е исклучително големо!
За потсетување, многу од политичките експерти од регионов на почетоков на годинава, толкувајќи ги изјавите на тогашниот американски амбасадор во Србија, Кристофер Хил (кој во март годинава беше заменет од амбасадорот Марк Брновиќ), беа и повеќе од сигурни дека САД со доаѓањето на Трамп за претседател изгубија интерес за земјите од Западен Балкан и ќе ги остават политички „да ферментираат“, да се преструктурираат со помош на Брисел, демократски и одржливо да зајакнат за да можат да бидат самоодржливи. Но очигледно, работите не стојат така: САД не го загубија интересот за Балканот, а притоа се уверија дека Брисел и европските елити не се способни ниту подготвени да ги зајакнат демократските капацитети на земјите од Западен Балкан. САД се против и сѐ почестите нонпејпери од некои центри во ЕУ што испраќаат пробни балони во јавноста за менување на границите на државите на Балканот или за некакви размени на територии. Вашингтон очигледно сака воспоставување поблиски врски со земјите од Западен Балкан, а регионот го гледа како стратегиски интерес во новата констелација на глобалната мултиполарност. САД ќе ги санкционираат сите надворешни, а и внатрешни дестабилизирачки фактори што сакаат да генерираат нестабилност во секоја смисла на зборот: безбедносен, територијален, политички и економски!
Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година го институционализира американскиот интерес за Западен Балкан, му дава правна и финансиска подлога, испраќа јасна порака дека статус квото на мир, граници и уставни поредоци е недопирливо и дека регионот ќе биде под активно политичко и безбедносно внимание.
Ова не е предупредување, туку стратешка рамка. А токму во тоа лежи неговата вистинска сила. Р.Н.М.
Отповикани амбасадорите на САД во државите низ светот што беа назначени од поранешниот американски претседател Џо Бајден
Заминува амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер
- Сите амбасадори што се отповикани ги презедоа своите функции во времето на администрацијата на претходниот претседател на САД, демократот Џо Бајден
Амбасадорката Анџела Агелер е меѓу триесеттемина амбасадори што се отповикани од администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп. Веста ја потврдија и од американската амбасада во државава. Сите амбасадори што се отповикани ги презедоа своите функции во времето на администрацијата на претходниот претседател на САД, демократот Џо Бајден. Според добиените информации, се очекува да бидат сменети амбасадорите во триесетина држави низ целиот свет. Најмногу амбасадори ќе бидат сменети во Африка, дури во 13 земји, додека смени ќе има и во Азиско-пацифичкиот Регион, на Блискиот Исток и во Јужна Америка. Што се однесува до Европа, оваа одлука, освен за Македонија, ќе се однесува и на Словачка и на Црна Гора. Според дипломатски извори, „на амбасадорите не им била кажана причината за отповикувањето, туку само телефонски им било кажано дека мора да си заминат до 15 или 16 јануари“. Р.Н.М.
(продолжува утре: Што значи за Македонија овој американски „Закон за овластување за национална одбрана на САД“, потпишан од претседателот Трамп)































