Фото: ФФМ

ФУДБАЛ

  • Седлоски има и претходно искуство во стручниот штаб на националниот тим, кога во август 2012 година ја водеше македонската А-репрезентација како в.д. селектор на пријателскиот меч против Литванија во Скопје (1-0)

Управниот одбор (УО) на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на вчерашната седница донесе одлука за избор на нов селектор на македонската А-репрезентација. За нов селектор е именуван Гоце Седлоски. Членовите на највисокото тело на ФФМ ја донесоа одлуката за избор на нов селектор на македонската сениорска репрезентација по предлог на Комисијата за избор на селектор, составена од Масар Омерагиќ, претседател на ФФМ, Горан Пандев, директор на националните репрезентации, Николче Новески, раководител на Скаутинг-службата на ФФМ, Агим Ибраими, член на ИО на ФФМ, и Марјан Стојковски, потпретседател на ФФМ, информираат од ФФМ.
Гоце Седлоски е едно од најпрепознатливите имиња во историјата на македонскиот фудбал. Како фудбалер, поранешниот репрезентативен капитен оствари 100 настапи и постигна осум гола за националниот тим, со што останува првиот македонски фудбалер што запишал 100 настапи за репрезентацијата. Седлоски има и претходно искуство во стручниот штаб на националниот тим, кога во август 2012 година ја водеше македонската А-репрезентација како в.д. селектор на пријателскиот меч против Литванија во Скопје (1-0). Во својата тренерска кариера, Седлоски работеше како асистент и в.д. селектор на Македонија, а на клупско ниво ги предводеше Хоризонт Турново, Вардар, Рига (Летонија), Широки Бријег (БиХ), вториот тим на Динамо Загреб (Хрватска), Шкупи, Влазниа (Албанија) и Работнички.
Во досегашната тренерска кариера, Седлоски освои три шампионски титули, со Вардар во сезоните 2015/2016 и 2016/2017, со Шкупи во сезоната 2021/2022, како и Куп-титула со Вардар во сезоната 2024-2025. Како фудбалер, имаше богата кариера настапувајќи за повеќе клубови во Македонија и странство. Своите професионални чекори ги започна во Братство Горно Коњари и Питу Гули Крушево, по што настапуваше за Победа Прилеп, каде што го привлече вниманието со своите настапи. Кариерата ја продолжи во Хајдук Сплит и Динамо Загреб во Хрватска. Седлоски, наедно е прв странец што ја носел капитенската лента на Динамо Загреб. Потоа настапуваше за Шефилд Венздеј во Англија. Интернационалното искуство го дополни со настапи во Вегалта Сендаи (Јапонија), Дијарбакирспор (Турција) и Матерсбург (Австрија), градејќи респектабилна фудбалска кариера, пишува ФФМ.
Фудбалската федерација на Македонија верува дека искуството, авторитетот и длабокото познавање на македонскиот фудбал на Седлоски ќе придонесат за стабилност, континуитет и напредок на националниот тим во претстојниот период. Официјалната промоција на Гоце Седлоски за селектор на македонската А-репрезентација е закажана за денеска (11.30 ч.), во хотелот „Хилтон“ во Скопје. Г.И.