КОШАРКА – СЕ ОДИГРАА ДОМАШНИТЕ ОЛСТАР-НАТПРЕВАРИ
- Дамјан Стојановски е прогласен за најдобар кошаркар, Стојан Ѓуровски и Ивона Кметовска се најдобри стрелци, МЗТ Скопје Аеродром е најдобра машка, а Баскет кам најдобра женска сениорска екипа за сезоната 2024/2025
Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) успешно ги организираше олстар-натпреварите, како дел од официјалниот календар, но и симбол на современата, отворена и атрактивна кошарка. Во таа насока се одиграа три натпревари. Првиот беше дуелот на македонските надежи (до 20 години) наречен „Sвезди во подем“, додека во двата сениорски меча играа селекциите на Македонија против селекциите на светот, составени од домашни и странски кошаркари, односно кошаркарки, кои играат во најквалитетните сениорски лиги во Македонија.
Со ревијалниот меч на најперспективните млади таленти од домашната кошарка, официјално започна олстар-денот на македонската кошарка. Во дуелот меѓу две селекции, тимот на Следен чекор со 131-125 славеше над тимот на Следна генерација. Во шутирањето за три поени, најпрецизен беше Глигориј Ѓорѓевиќ (Вардар), а најатрактивен во натпреварот во забивање беше Дамјан Стојаноски (Феникс 2010). За најкорисен играч на настанот до 20 години беше прогласен Дамјан Данев (Вардар), кој оствари 41 индексен поен, oдносно, постигна 36 поени (1/3 за три поени, 16/17 за два поени и 1/2 за еден поен), плус осум скока и една асистенција.
На олстар-натпреварот кај кошаркарките, тимот Македонија играше со тимот на Светот и победи Светот со 90-76. Најдобра кај победникот беше Алексис Пул (26 коша), која го доби и признанието за МВП на настанот. Аби Ниехуес од Крива Паланка уфрли 16, а Линдзи Клири 14 поени. Кај Македонија, Цеце Димова и Елена Тасевска запишаа по 13 коша. На полувремето се одржа и шутирањето за тројки, а најдобра беше Сара Максимовска (Баскет кам), со пет погодени шута, втора беше Ива Чолаковска (Бадел) со четири, а трета заврши Даја Грин (Крива Паланка).
Во мечот на денот, тимот на Македонија го совлада олстар-тимот на Светот, со 119-115. Најборбено се играше во последната четвртина. Македонија влезе во ритам, поведе и ја зачува предноста до крајот. Најефикасен на мечот беше Николас од тимот на Светот (22 поени), додека за Македонија се истакнаа Виктор Ташовски (19 коша), Марин Петков (14) и Андреј Андоновски (13). За најкорисен (МВП) на овој дуел беше избран Ташовски. На полувремето се одржаа натпреварите во забивање и за три поени. Најдобар перформанс имаше Виктор Ефремовски (Работнички), кој во првата серија забележа 16 поени, а нему ривал во финалето му беше Џавон Грин (Вардар). Ефремовски и во финалето беше подобар со 18 коша, додека Грин уфрли 14. Рејмон Сомервил (ТФТ) беше најдобар во натпреварот во забивање.
Собирот на сите ѕвезди во СРЦ „Кале“ во Скопје беше одлична можност на едно место да се соберат и најдобрите во македонската кошарка, а Македонската кошаркарска федерација (КФМ) да им ги додели заслужените признанија за нивниот придонес за сезоната 2024/2025.
На полувремето на олстар-дуелот кај мажите, КФМ ги прогласи најдобрите во машка конкуренција за изминатата сезона. Така, најдобар стрелец е Стојан Ѓуроски (Работнички), тренер Васко Атанасов (МЗТ Скопје), а играч Дамјан Стојановски (МЗТ Скопје). Во женска конкуренција, најпрецизна во македонскиот шампионат е Ивана Кметовска, тренерка Жаклина Стојановска, кошаркарка во странство Анџелика Митрашиновиќ, клуб е Баскет кам, а судијка Ема Никочевиќ.
Во машката младинска лигашка конкуренција, најдобар играч (до 18 год.) е Дамјан Данев (Вардар), играч (до 16 год.) Михаил Анѓеловски (Водно Санс), играч (до 14 год.) Рон Јетиши (Работнички). Кај тренерите, најдобри се Љупчо Илиевски (до 18 год), Горан Андреевски (до 16 год.) и Нермин Пепиќ (до 14 год), додека најдобар клуб е Вардар. Во женска младински конкуренција, најдобра кошаркарка (до 18 год.) е Ања Начевска (Вардар), кошаркарка (до 16 год.) Јана Пислевска (Вардар), кошаркарка (до 14 год) Ана-Марија Димитровски (Петровски – Битола). Најдобар тренер во лигата до 18 години е Оливер Стојмановиќ (Вардар), тренерка (до 16 год.) Јасмина Герасимовска-Николиќ (Вардар), а тренер (до 14 год.) е Никола Петровски (Петровски – Битола). Г.И.






























