Заокружени традиционалните литературни конкурси во прилепската библиотека „Борка Талески“

Минатата седмица, во просторите на градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, се одржа свечен настан на кој беа доделени наградите по распишаните традиционални конкурси за учениците од основните и од средните училишта во Општина Прилеп.
Крајот на календарската година е радост за младите литературни творци и рецитатори, како и за учениците со дарба за убаво пишување. Тие се натпреваруваат во овие три дисциплини, а библиотеката на тој начин ги мотивира младите да читаат, да творат, да рецитираат и да пишуваат.
На традиционалните конкурси и годинава пристигнаа голем број пријави од сите категории, а најдобрите добија дипломи, книги и вредни подароци од библиотеката, која годинава одбележува 80 години од нејзиното основање.
На четвртоодделенката Ангелина Секулоска од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, песничката насловена „Детство“ ѝ го донесе првото место во категоријата за ученици од трето до петто одделение.
– Инспирација за мојата песничка се секојдневните игри со другарчињата. Но творам и на други теми, некогаш самостојно, а некогаш со помош на родителите и наставничката. Оваа награда за мене е гордост, ама и мотивација да пишувам и понатаму. Кога ја читав наградената песничка чувствував и радост и трема – искрено ни раскажа Ангелина.
Нејзина менторка е наставничката Розита Кареска, долгогодишна и успешна просветна работничка, која смета дека ваквите конкурси се силен мотив за понатамошен личен и творечки развој кај децата.
– Конкурсите за лични творби имаат важна улога во развојот на децата, бидејќи ги поттикнуваат креативноста, јазичната изразност и самодовербата. Тие им овозможуваат на децата слободно да ги искажат своите мисли, чувства и идеи. Преку ваквите натпревари, децата учат дека трудот и оригиналноста се вредности што се препознаваат и се почитуваат – вели наставничката Кареска.

Ф.Д.


Првонаградена песна на конкурсот

Детство

Како капки роса нежни,
раченце меко што ги гали,
со лиценца бели, снежни,
тоа се децата мали!

Деновите во игра кога минат
и месечко од небо можат да го скинат,
смеа ечи од сите страни
кога децата заедно се збрани!

Денес самовила ќе бидам,
ти ќе бидеш џуџе ситно,
утре можеби џин ќе видам,
детството е како оро китно!

И солза од радост кога паѓа,
нова желба секогаш се раѓа,
од насмевка милост се точи,
вистина ги краси
детските очи!

Како приказна што нема крај,
како волшебник од
небесен рај,
како слика со светкав сјај,
детството е магично, знај!

Во детството сѐ е можно.
Другарче мора
да бидеш сложно.
Играј, шетај, сегде летај,
во детството како цвет цветај!

Автор: Ангелина
Секулоска, 4-1 одделение,
ООУ „Кире Гаврилоски
-Јане“-Прилеп
Ментор: Розита Кареска