Денеска во МКЦ, во Скопје се случи еден несекојдневен настан, дваесетина некогашни и сегашни членови на групата „Меморија“ се вратија назад во времето и евоцираа спомени поврзани со членувањето во овој долговечен македонски рок бенд. Се разбира, главниот иницијатор за оваа средба е Петар Георгиевски алиас Перо Камиказа, лидерот и единствениот постојан член на „Меморија“ повеќе од четири децении.
– Всушност Перо е локомотивата на овој голем проект, што опфаќа изложба на фотографии и концерт, што ќе се случи тука во МКЦ на 25 декември, овде каде и започна оваа приказна, на кој ќе запеат и засвират некогашните и сегашните членови на бендот, меѓу кои сум и јас – рече новинарот Антонио Димитриевски, на денешната прес конференција.
Перо, пак,изјави дека не би успеал ништо да реализира без учеството скоро на сите членови на групата низ годините кои се одзваа на поканата да настапат на коцертот во четврток во „Дансинг салата“ на Младинскиот културен центар, каде своевремено се создаваше македонската рок сцена.
Слушнавме многу сеќавања и анегдоти, меѓу кои и како групата го добила името, за трите концерти во Белград, за топлата штипска публика, за тоа дека „Мемоприја“ досега имала четворица пејачи, повеќе и од „Бело дугме“, за причините за постојаните измени во составот, за првите чекрои на денес познати музичари, токму во „Меморија“….
Дел до спомените се зачувани на фотографии, а дел од нив беа претставени на изложбата насловена „Времеплов од црно-бело во боја“, што беше отворена во галеријата на МКЦ, по завршувањето на средбата со претставниците на седмата сила во кино-салата „Фросина“.
– Изложбената поставка е посвета на музиката, пријателството, истрајноста и љубовта кон сцената, но и благодарност до сите генерации публика кои беа и се дел од ова патување. На изложбата се претставени фотографии од сите членови на бендот, моменти од нивните концерти, настапи, проби и незаборавни случки од нивниот творечки пат, збогатени со освоени награди, инструменти и други лични предмети – од далечната 1983 година, па сè до денес. Секоја фотографија носи своја приказна, емоција и сведоштво за времето во кое настанала, за публиката, сцената и духот што го одбележуваше и сè уште го одбележува бендот – вели Антонио Димитриевски, кој денес ја има улогата на ПР на групата.
По концертот, во четврток, 25 декември, со почеток во 20 часот во „Дансинг салата“ на МКЦ, најавена е и промоција на нов албум на „Меморија“ на почетокот на следната година, како и снимање на документарец за групата. М.Т.














































