Фото: ЕПА

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс изјави дека е постигнат голем напредок во мировните преговори за Украина, но додаде дека сè уште не може со сигурност да каже дека е можно мирно решение – објави денеска британскиот сајт „АнХерд“ (UnHerd).

Во интервју за оваа веб-страница, Венс рече дека напредокот се состои во фактот дека сите прашања сега се дискутираат отворено.

– Она што го видовме од украинската и руската страна во изминатите неколку недели е вистинско разбирање за тоа што не може да се преговара, како и за прашањата за кои може да се преговара – рече американскиот потпретседател.

Венс додаде дека Русите сакаат територијална контрола врз регионот Доњецк, додека Украинците го гледаат тоа како сериозно безбедносно прашање.

Како што истакна американскиот функционер, меѓутоа, украинските функционери приватно признаа дека на крајот веројатно ќе го изгубат регионот Доњецк, но додадоа дека тоа може да се случи за 12 месеци, или можеби дури и подоцна.

Според Венс, затоа, прашањето за територијалните отстапки претставува значајна пречка во преговорите.

Како што изјави тој, контролата врз нуклеарната централа Запорожје и статусот на Украинците што живеат на окупираните територии, како и прашањето за обновата на Украина, остануваат теми на преговори.

Ванс додаде дека се поставува прашањето кој ќе ја контролира нуклеарната централа, дали може да се управува заеднички, како и дали треба да се контролира од една или повеќе страни.

Специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп, Стив Виткоф, коментирајќи ги разговорите со украинската страна во Флорида, посочи дека фокусот е на четири клучни документи – објави агенцијата „Унија“.

Тоа се развој на планот од 20 точки, координација на ставовите за безбедносните гаранции, особено од САД, како и понатамошен развој на планот за економски развој на Украина.

Специјалниот пратеник на Кремљ, Кирил Дмитриев, од друга страна, не даде никакви коментари по посетата на Мајами, но изјави дека следната средба треба да биде во Москва – потсети украинската агенција.