Новогодишната подводна елка традиционално поставена во Охридско Езеро од нуркачите од „Амфора“
Новогодишната елка беше поставена под вода кај Заливот на коските – Музеј на вода во Охридско Езеро. Традицијата за поставување на подводната елка трае повеќе од 20 години и симболично ги одбележува претстојните новогодишни и божиќни празници.
Елката ја поставија нуркачите на нуркачкиот центар „Амфора“, во соработка со Здружението за ретки болести со поддршка на волонтерите на Црвениот крст од Охрид.
– Оваа празнична акција им е посветена на децата со ретки болести, малите херои што нè учат на сила, надеж и љубов секој ден. Нека празничниот дух стигне до секое срце и донесе здравје, топлина и поддршка таму каде што се најпотребни – велат организаторите на овој традиционален настан. Н.М.

































