Суверенистички енергетски лекции за долгорочна енергетска стабилност

Актуелните политики на Германија за нејзиното производство на енергија како пример

  • Германија не само што размислува туку веќе и на дело го ревидира и го забавува затворањето на своите рудници на јаглен и своите електроцентрали на јаглен, зашто индустриските компании жестоко ги предупредуваат владата и канцеларот Фридрих Мерц дека не може да има играње и зелени експерименти со енергетиката, економијата/стопанството, како и со животот на 84-милионското население на Германија по ќефот на Брисел. Може ли и Македонија да заклучи нешто од ваквите германски „суверенистички енергетски лекции“ што Берлин тековно ги учи?!
  • Ако се реализираат проектите како „Чебрен“, осмислен како хидроенергетски комплекс заедно со „Галиште“, уште една поголема хидроцентрала што останува на листата за реализација, сѐ со државно финансирање (не со странски инвестиции), тогаш Македонија долгорочно ќе си ја обезбеди сопствената енергетска стабилност, без ценовни шокови, кои ги имаше кога мораше да се купува струја од надвор по огромно високи цени. Ако станат реките двигатели на новата енергетска политика, со одговорна, одржлива и транспарентна реализација на проектите во согласност со највисоките европски стандарди, тогаш Македонија би можела да стане дури и регионален предводник во производство на струја, да го разбуди во себе заспаниот енергетски џин

Македонија нема гас како Русија, нема ниту нафта како Саудиска Арабија. Но, според научно фундирани процени, Македонија има и вкупен технички хидропотенцијал, кој изнесува околу 5.500 гигават-часа годишно, од кој тековно се користат само околу илјада и 500 гигават-часа. Што значи, повеќе од 70 проценти од својот воден потенцијал македонската држава сѐ уште не го користи, или околу 4 илјади гигават-часа годишно. Натаму, Македонија има 280 сончеви дена во годината и илјада и 500 киловат-часа сончево зрачење на квадратен метар. Тоа ја става земјава меѓу земјите со најголемо сончево зрачење во Европа.
Така, многу очигледно е дека според своите енергетски можности Македонија нема потреба да има голема енергетска зависност од надвор! И тоа е исклучително добро становиште што како лајтмотив се пронижува низ работењето на новите енергетски државни институции.
Иако е извонредно есенцијален напорот за намалување на енергетската зависност, сепак доаѓаме до податоци во кои, според официјалните податоци за 2024 година, над 60 отсто од вкупната енергија што ја троши државата доаѓа од увоз.
Минатата година Македонија увезла две третини од вкупната потрошена енергија, што ја прави една од најзависните држави во регионот од надворешни енергетски извори. Падот на производството на хидроцентралите за околу 28 отсто во август 2025 година директно ја зголеми зависноста на Македонија од увоз на електрична енергија, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во август годинава увозот достигна околу 150 илјади и 600 мегават-часа, што е речиси за 20 отсто повеќе во споредба со август 2024 година, кога изнесуваше околу 125 илјади и 900 мегават-часа.
Во август годинава Македонија произведе 381.300 мегават-часа електрична енергија, од кои само 15 отсто потекнуваат од обновливи извори. Според Државниот завод за статистика, термоцентралите и натаму се главен извор на вкупното домашно производство на струја, учествувајќи во него со околу 40 проценти. Меѓутоа, со оглед на тоа што е обврзана да ги следи европските директиви во областа на енергетиката и климата, Македонија веќе има прифатено да ги затвори своите термоцентрали до 2030 година, иако се нејзини најголеми производители на електрична енергија, само затоа што се означени како најголеми загадувачи на животната средина.
Но Државниот завод за ревизија во септември годинава се огласи со својот најнов извештај за таканаречената зелена транзиција и промоцијата на обновливи извори на енергија, а во тој извештај клучниот заклучок е дека нема замена за енергијата од јаглен, зелената транзиција е голем финансиски и технички предизвик. За што станува збор поконкретно? Македонија како договорна страна на Европската енергетска заедница прифати и си постави цел да постигне 38 отсто од обновливите извори на енергија во бруто-финалната потрошувачка на енергија до 2030 година, но енергетската транзиција како стратегиски приоритет на државата се соочува со предизвици особено за обезбедување финансиски средства, како и со технички ограничувања и изградба на нови капацитети. Кажано со народски и разбирлив јазик: она „предизвици“ значи проблеми, односно државата засега нема пари да вложува во скапите ветерни централи, во сончеви колектори.
– Клучниот документ за постигнување на целите за енергија и клима е Планот за енергија и клима, одобрен во 2022 година од страна на Владата. Овој план ги дефинира целите за намалување на емисиите на стакленички гасови за 82 отсто во споредба со 1990 година, затворање на централите на јаглен и учество на обновливи извори на енергија во финалната потрошувачка со стапка од 38 отсто до 2030 година. Сепак, се покажа дека не се подготвени извештаи за следење на спроведувањето на планот, поради што недостасува следење на спроведувањето на политиката и постигнувањето на целите – се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Не е само Македонија без пари и други можности да ја спроведе зелената транзиција или преминот од јаглен на сончева и други видови зелена енергија, туку и најмалку половина од европскиот континент! Во обемната економско-енергетска анализа на медиумската платформа „Социјална Европа“ од Германија, токму со наслов „Енергетскиот јаз во Европа: зошто зелената транзиција ризикува да остави половина од континентот зад себе?“, пишува: „Декарбонизацијата и климатските цели остануваат исклучително итни, но тоа не е лесна задача. Патот што претстои е преполн со пречки: надворешни зависности и фискални ограничувања. ЕУ се соочува со длабоки внатрешни поделби. Немаат сите земји членки на ЕУ имаат ист фискален капацитет (буџетски можности и пари) за инвестиции во зелената транзиција и во декарбонизацијата. Земјите за кои се очекува да се соочат со највисоки трошоци за реструктурирање од зелената транзиција, честопати немаат ниту продуктивно-технолошки способности ниту фискален капацитет“.
„Социјална Европа“ споменува конкретно кои земји членки немаат пари или немаат доволно пари да ја „декарбонизираат“ својата национална енергетика: „Бугарија и Полска остануваат меѓу европските економии со производство на струја со најголемо испуштање јаглерод во атмосферата. Полска исто така покажува низок капацитет за иновации и ограничени инвестиции во зелено истражување и развој, што предизвикува загриженост за нејзината подготвеност за декарбонизација. Италија и Португалија со своите економии се многу ранливи и во голема мера зависни од увозот на енергија и ограничени од висок јавен долг. Земјите со висока ранливост и ниска отпорност, особено Италија, Грција, Унгарија и делови од Источна Европа – имаат потреба од приспособена поддршка“.
Ќе направиме сега споредба меѓу Македонија, која е под европски диктат-обврска да ги затвори термоцентралите на јаглен до 2030 година – своето примарно производство на струја, и сѐ уште европскиот финансиски, индустриски и енергетски џин Германија. Глобалната специјализирана информативна агенција „Аргус“ за бизнис, пазари и консултантски услуги од Велика Британија во својата анализа, со наслов „Германија размислува да го успори затворањето на централите на јаглен“, објавена на 9 ноември 2025 година, буквално пишува: „Германија би можела да размисли за паузирање на затворањето на преостанатите централи на јаглен сè додека новите централи на гас не бидат подготвени да ги заменат“, според канцеларот Фридрих Мерц.
– Прашањето за безбедноста на снабдувањето со електрична енергија за нашата индустрија е навистина многу високо на листата на приоритети – рече Мерц на собирот на претставници на енергетските компании во Берлин.
Во заклучокот на својата анализа „Аргус“ нагласува: „Владата на Германија во коалицискиот договор за нејзиното конституирање ја истакна својата посветеност на временската рамка за постепено укинување на јагленот до 2038 година, но нагласи дека временскиот рок, кога централите на јаглен и лигнит ќе бидат затворени или ќе бидат преместени во мрежната резерва, ќе мора да зависи од тоа колку брзо ќе се изгради нов диспечерски капацитет на гас. Ова е втора година по ред во која не се наредени никакви затворања на термоцентрали за целната 2027 година. Најновите забелешки на Мерц дојдоа откако германскиот регулатор на електромрежата ’Бнеца’ не наложи никакви нови затворања за станици на јаглен и лигнит ниту во целната 2028 година“.

Ваква е ситуацијата со зазеленувањето на европската енергетика, откако ЕУ реши да се откаже од руските енергетски ресурси, за да не зависи од нив. Сега Македонија не мора да се стави во ситуација да мора да изврши своевидно „економско и енергетско самоубиство“, затворајќи ги своите термоцентрали веќе за пет години, иако нема пари да го активира целосно својот хидропотенцијал како носечки столб на својата државна енергетика и на својот енергетски суверенитет. Половина Европа, една Италија, нема буџетски фискални, финансиски и други можности да ги „декарбонизира“ својата енергетика и индустрија, а колку пак „финансиска сила“ има Македонија?
Германија не само што размислува туку веќе и на дело го забавува втора година по ред затворањето на своите рудници на јаглен и своите централи на јаглен, зашто индустриските компании жестоко ги предупредуваат владата и канцеларот Фридрих Мерц дека не може да има играње и зелени експерименти со енергетиката, економијата и животот на 84-милионското население на Германија по ќефот на Европската Унија. Дали треба и Македонија да започне да учи на ваквите германски „суверенистички енергетски лекции“?! Дали мора и ние да забавиме со плановите за затворање на РЕК „Битола“, на „Осломеј“?!
Европската Унија преку планот „РипауерЕУ“ (REPowerEU) ја постави целта за 45 проценти удел на обновливите извори во енергетската потрошувачка до 2030 година, со масовна поддршка за технологии што овозможуваат складирање и флексибилност. Но, иако во европската јавност доминираат информациите за сончевите и ветерните проекти, хидроенергијата и натаму останува’рбетот на европската обновлива енергетика. Денес, кога енергетската независност е прашање на безбедност, а не на избор, Македонија има можност да ја претвори својата природна сила – хидроенергетскиот потенцијал во стратегиска предност. Ако се реализираат проектите како „Чебрен“, осмислен како хидроенергетски комплекс заедно со „Галиште“, уште една поголема хидроцентрала што останува на листата за реализација, сѐ со државно финансирање, не со приватни странски инвестиции, тогаш Македонија долгорочно ќе си ја обезбеди сопствената енергетска стабилност, без ценовни шокови, кои ги имаше кога мораше да се купува струја од надвор по огромно високи цени.
Ако станат реките двигатели на новата енергетска политика, со одговорна, одржлива и транспарентна реализација на проектите во согласност со највисоките европски стандарди, тогаш Македонија би можела дури да стане и регионален предводник во производство на струја, да го разбуди во себе заспаниот енергетски џин. Е, дури тогаш би можело да се размислува за затворање на РЕК „Битола“, на „Осломеј“, дури тогаш би можело да се пристапи кон спроведување на зелените енергетски диктати на ЕУ, кои наидуваат на спротивставување од страна на многу европски држави.
Според информацијата на светската информативна агенција Ројтерс, новиот чешки премиер Андреј Бабиш уште на 30 септември, по победата негова и на неговата партија АНО на годинашниве парламентарни избори во оваа држава, се огласи со жестока критика на политиката на декарбонизација и зелена енергетска транзиција на ЕУ, нарекувајќи ги Урсула фон дер Лајен и другите челници на ЕУ „зелените лудаци од Брисел“!
– ЕУ се огласува со регулативи, наложува зелени даноци, но ние мора да победиме против тоа во Европскиот парламент. Мора да ги разбиеме зелените лудаци, кои прават сè што можат за да ја уништат Европа! – кажа Бабиш на еден митинг кон крајот на септември годинава.

Свето Тоевски