Фото/илустрација: Маја Јаневска-Илиева

За повеќеслојноста на македонскиот суверенизам (9)

  • Енергетскиот суверенитет е право и капацитет на една земја, заедница или народ самостојно и демократски да контролира и да донесува одлуки за сопствените енергетски системи – вклучувајќи ги изворите, производството, дистрибуцијата и потрошувачката – на начин што е во согласност со нивните локални социјални, економски и еколошки околности, ослободени од надворешно влијание или принуда. Концептот на енергетскиот суверенитет вклучува и самоопределување, одржливост и енергетска правда, а не само енергетска безбедност

Симболично кажано, енергијата е своевидна крв, а енергетскиот систем е крвоток на која било национална економија, во конкретниот случај и на Македонија. Државната енергетика, системите за производство и дисперзија на електричната енергија имаат животно значење за индустријата, за економијата и вкупниот живот на населението. Енергетскиот суверенитет е право и капацитет на една земја, заедница или народ самостојно и демократски да контролира и да донесува одлуки за сопствените енергетски системи – вклучувајќи ги изворите, производството, дистрибуцијата и потрошувачката – на начин што е во согласност со нивните локални социјални, економски и еколошки околности, ослободени од надворешно влијание или принуда. Концептот на енергетскиот суверенитет вклучува и самоопределување, одржливост и енергетска правда, а не само енергетска безбедност.
Извесно е дека сопствените производствени капацитети би овозможиле ослободување од увозот на енергија, а со тоа и извесен процент на отстранување на економската и политичката зависност од надвор, со што би се стекнал повисок степен на енергетски суверенитет. Зависноста и подреденоста кон надворешни центри што диктираат услови во енергетскиот сектор несомнено нанесуваат директен удар врз државниот суверенитет.
Од тие причини, исклучително е важно сега, во време кога постојните енергетски капацитети во земјава се пред крајот на нивниот животен век, државата да се погрижи сама да обезбеди капацитети што ќе овозможат стабилно снабдување со енергија, како за граѓаните така и за стопанството. Така економијата ќе биде поштедена од скапи енергенти што ќе продуцираат неконкурентност на македонските производи, а ќе се заштити и граѓанскиот стандард. Преку произведена енергија од наши, народни постројки, изградени со домашни пари, за домашни потреби, може да се очекува во Македонија да се оствари поголемо производство на електрична енергија во однос на потребите. Во таа насока е потребно предвидување термини за почеток на изградбата на акумулациите во Мариово (Чебрен и Галиште), Луково Поле…, паралелно со ставање во функција на термоцентралите, како и внимателно доделување дозволи за изградба на енергетски капацитети, на приватните инвеститори, врз основа на праведни принципи, особено во однос на капацитетот на постројката и локацијата. Таквите мултинаменски објекти би им овозможиле создавање резерва од вода, енергија и стопански развој на неразвиените подрачја.

Договорот за енергетска повелба и Договорот за функционирање на ЕУ – можна нова основа за македонскиот енергетски суверенитет

Терминот „енергетски суверенитет“ не е вообичаен во повеќето национални устави во светот. Некои земји имаат експлицитни уставни одредби поврзани со поширокиот концепт на траен суверенитет над природните ресурси (што ги вклучува и енергетските ресурси), а неколку држави го споменуваат и „правото на енергија“. Во Уставот на Република Македонија никаде нема збор „енергија“, ниту што било што се однесува конкретно на енергијата, енергетската политика, но и на есенцијалниот „енергетски суверенитет“. Во членот 56 пишува: „сите природни богатства на Републиката… добрата во општа употреба … определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Републиката гарантира заштита, унапредување и збогатување на … добрата кои го сочинуваат без оглед на нивниот правен режим. Со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење“.
Со потребната темелна ревизија на македонскиот устав, заради изразување и запазување на сопствените државно-национални потреби од интерес на сите граѓани на Македонија, во секој случај е потребно да се воспостави и нова нормативна рамка, која експлицитно ќе го споменува изразот „енергетски суверенитет“ со сите негови компоненти. Конкретното уставно експлицитно дефинирање, гарантирање и заштита на македонскиот државен енергетски суверенитет е потребно, имајќи ги предвид и, аргументирано ќе нагласиме, сите предизвици пред кои се изложува нашата држава со енергетските диктати на ЕУ и Европската енергетска заедница за таканаречената „зелена енергетска транзиција“ и климатските обврски за „декарбонизација“ – драстично намалување на испуштањето јаглероден диоксид во атмосферата.


Неколку примери за уставноправни одредби од светот
во врска со „суверенитетот над природните ресурси“

Многу земји имаат уставни клаузули што го потврдуваат трајниот суверенитет на државата над природните ресурси, што претставува правна основа за вршење национална контрола врз енергетската политика и ресурсите. Ова е широко прифатен принцип на обичајното меѓународно право. Интересни конкретни примери низ нашата споредбена анализа по овој основ, каде што ваквите принципи се особено силни или биле предмет на значајно правно толкување, лоциравме во Мексико и во Полска. Уставот на Мексико од 1917 година и неговите амандмански измени во наредните децении доведоа до тоа дека сопственоста на природните ресурси ѝ припаѓа на државата, што доведува до национализации на енергетскиот сектор и доминантна државна контрола врз него.
Натаму, во Полска нејзиниот уставен трибунал се повика на концептот на „енергетски суверенитет“ при толкувањето на правото на ЕУ, нагласувајќи дека Полска не може да ја изгуби контролата врз клучните области како што е енергетската политика, прашање од национално уставно значење.
Според непрофитната организација „Инженери без граници“ (ЕВБ) и нејзиниот неодамнешен извештај, само пет земји експлицитно го признаваат „правото на енергија“ како фундаментално право во нивните устави: Боливија, Буркина Фасо, Еквадор, Демократска Република Конго и Јужен Судан. Овие земји често го поврзуваат правото на пристап до енергија со човековото достоинство, заштитата на животната средина и суверенитетот над природните ресурси.
За издвојување е Еквадор, која е една од државите во светот што во својот устав го вградува експлицитно терминот „енергетски суверенитет“. Членот 15 на еквадорскиот устав експлицитно го споменува терминот „енергетски суверенитет“: „Државата ќе промовира, во јавниот и приватниот сектор, употреба на еколошки чисти технологии и алтернативни извори на енергија што не загадуваат. Енергетскиот суверенитет нема да се постигне на штета на суверенитетот на храната, ниту ќе влијае на правото на вода“.
Уставот на Еквадор го регулира државниот енергетски суверенитет преку прогласување на необновливите енергетски ресурси како државна сопственост, промовирање алтернативни енергии и поврзување на енергетската политика со националните развојни цели, осигурувајќи енергетска безбедност без да се наруши суверенитетот на храната или правата за вода. Клучните членови од еквадорскиот устав (чл. 15, 57, 317) воспоставуваат државна контрола врз енергетските ресурси со насоченост кон одржлив, државно управуван енергетски развој, балансирајќи ја експлоатацијата на ресурсите со еколошката и социјалната заштита. Уставниот столб на еквадорскиот енергетски суверенитет се државната сопственост и контрола врз енергетскиот сектор. Еквадорскиот устав пропишува дека необновливите енергетски и други природни ресурси не можат да бидат предмет на надворешна експлоатација и управување, односно предвидено е само владата да има право и можност за контрола и експлоатација на домашната енергетика и ресурси.
Уставот на оваа држава форсира енергетска политика, која се насочува на самоодржливост, намалување на зависноста од увоз и користење чиста енергија, интегрирајќи ја енергијата во пошироките социјални и еколошки цели. Уставот ја признава и ја обврзува државата да промовира еколошки технологии и извори на енергија што не загадуваат. Врз основа на одредбите од својот устав, Еквадор става нагласка на својата хидроенергетика и поради тоа има инвестирано многу во големи хидроелектрични проекти, за да ги зголеми домашното снабдување и потенцијално извозот, со цел да постигне и да одржува енергетска независност. Членовите 284 и 304 од неговиот устав го поврзуваат енергетскиот суверенитет со економската политика, нагласувајќи ги правичната распределба и управувањето со ресурсите за национална корист. Уставната рамка на Еквадор е конкретна основа за националното енергетско планирање и донесување закони што промовираат обновлива енергија (соларна, геотермална) и воспоставуваат регулаторни тела (како АРЦОНЕЛ) за надзор на енергетскиот сектор.

Свето Тоевски