Македонија примена во Медитеранската ракометна конфедерација
На седмиот конгрес на Медитеранската ракометна конфедерација, Македонија беше примена во медитеранското семејство како полноправна членка. Конгресот на Медитеранската конфедерација се одржа во рамките на изборниот конгрес на Светската ракометна федерација (ИХФ) во главниот град на Египет, Каиро. Македонија досега имаше статус на придружна членка. Во февруари в година на Медитерански шампионат во Приштина ќе играат пионерките, а кадетите ќе настапат во април во Словачка. Сениорите, пак, во август 2026 година ќе бидат дел од Медитеранските игри, кои ќе се одржат во италијанскиот град Таранто, велат од Ракометната федерација на Македонија. Г.И.
МОК
Македонските олимпијци под „научен скенер“ за ЛОИ 2028
Во олимписката лабораторија за врвни спортски перформанси на Македонскиот олимписки комитет (МОК) деновиве беа спроведени специјализирани тестирања на олимписките стипендисти Дејан Георгиевски, Милијана Рељиќ, Душица Бреслиева, Дарио Ивановски, Ангел Петрушев и Анастасија Мојсовска, кои се најсериозни македонски кандидати за учество на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес во 2028 година. Дополнително, во наредниот период ќе бидат тестирани Никола Ѓуретановиќ, Магомедгаџи Нуров и Владимир Егоров, информираат од МОК.
Тестирањата опфаќаат мерења на основните моторички способности, морфолошко-антропометриските карактеристики и физиолошки капацитети, а се оценуваа експлозивната сила, брзината, рамнотежата, издржливоста и кардиореспираторните параметри преку современи тестови, како и изокинетичка анализа на мускулната сила и можните дисбаланси. Целта на овие мерења е да се добие аналитички прецизен профил за моменталните перформанси и спортска форма за секој спортист и, во соработка со нивните тренери и стручни тимови, да се изработат индивидуализирани тренажни програми и план за следење на нивниот напредок до ЛОИ 2028, велат од МОК. Г.И.
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
Превц се приклучи на легендарна листа сериски победници
Домен Превц (Словенија) се придружи на легендарна листа скијачки скокачи што оствариле барем пет победи по ред во Светскиот куп (СК), откако триумфира во саботата на натпреварот во Енгелберг (Швајцарија), пишува Интернационалната скијачка федерација. Зад Превц се пласираа Феликс Хофман од Германија (најдобар пласман досега) и Рен Никаидо од Јапонија. Превц пред вчерашниот втор натпревар во Швајцарија водеше во генералниот пласман на СК со 770 поени, пред Рјоју Кобајаши од Јапонија со 551, Анже Ланишек од Словенија со 488 поени… Најмногу победи во низа во СК во скијачки скокови, по шест, остварија Финците Јане Ахонен и Мати Хаутамаки, Австријците Томас Моргенштерн и Грегор Шлиренцауер и Кобајаши, а по пет имаат и Андреас Голдбергер (Австрија), Адам Малиш (Полска), Свен Ханавалд (Германија) и Халвор Егнер Гранеруд (Норвешка). Н.М.
































