Фото: МИА

Една турска и една германска компанија потврдиле дека ќе инвестираат во Македонија – соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Се работи за компании од областа на високата технологија кои вкупно ќе инвестираат околу 80 милиони евра и ќе отворат околу 1 000 работни места.

Како што рече Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на „Алкалоид“, до крајот на годината се очекуваат уште најмалку три потврди за инвестиции во земјава.

-Преговараме со многу странски компании кои ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви, една турска и една германска кои вкупно ќе инвестираат околу 80 милиони евра, а извозот што двете заедно ќе го прават ќе биде над 200 милиони евра. Вкупно двете компании би требало да вработат околу 1 000 лица. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија што посебно не прави горди – изјави премиерот.

Според него, и следната година ќе продолжат разговорите за инвестиции на странски компаниии во земјава.

-До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме. Да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но се разбира и компании кои доаѓаат од надвор и пројавуваат интерес да инвестираат тука се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип инвестиции, во висока технологија – рече претседателот на Владата.