Новото поле во технолошката трка цели кон вселената
Како што вештачката интелигенција поттикнува незаситен апетит за компјутерска моќ, се појавува ново поле во технолошката трка, бидејќи интелигентните компјутерски способности се насочуваат кон вселената. На почетокот на ноември, ракета на „Спејс екс“ орбитираше околу сателитот „Старклауд 1“ со графички процесори на „Енвидија“, ставајќи го вселенското пресметување во центарот на вниманието.
Кинеските технолошки компании рано влегоа во трката, обложувајќи се дека последната граница може да ги надмине постојните капацитети на енергијата, просторот и ладењето што го ограничуваат подемот на вештачката интелигенција.
Последната што се приклучи на конкуренцијата е компанијата „Жонгки тијансуан“ (Zhongke Tiansuan – Comospace), основана во 2024 година. Таа веќе евидентира над илјада дена работа во орбитата со својот вселенски компјутер „Аурора 1000“ на сателитот „Џилин-1“, а нејзината следна генерација „Аурора 5000“, со домашен високоперформансен графички процесор, е предвидена за тестирање во орбитата следната година. Тие промовираат проект за изградба на „вселенски суперкомпјутер“ во ниската орбита на Земјата.
За кинеските технолошки претприемачи, вселенското пресметување нуди јасна предност бидејќи копнената вештачка интелигенција се среќава со тесните грла во областите на енергијата и податоците.
– Орбиталното пресметување ја поместува вештачката интелигенција директно до изворот на податоци што филтрираат петабајтни дневни сателитски снимки и сообраќај пред да се соочат со пречки – изјави Лиу Јаоки, извршен директор на „Жонгки тијансуан“.
Придобивките вклучуваат и глобален дофат на нискоорбитни соѕвездија и сончева светлина што ги напојува компјутерските капацитети речиси бесплатно, додаде Лиу.
Потрагата по космичко пресметување на компанијата ги отсликува амбициозните планови на Кина. Општинските власти во Пекинг неодамна открија план за изградба на масивен, централизиран центар за вселенски податоци во орбитата на 700-800 километри над Земјата. Проектот, предводен од иновативен конзорциум, е насочен кон систем со енергетски капацитет што надминува еден гигават.
Полетувањето на првиот технолошко-демонстративен сателит, „Ченгуанг-1“, е закажано кон крајот на годинава или почетокот на 2026 година. Компјутерската моќ на експерименталниот сателит е приближно еквивалентна на еден земски сервер.
– Неговиот обем е скромен, но ние го правиме овој прв мал чекор – рече Џанг Шанконг, претседател на Пекиншкиот институт за вселенска технологија (БАИСТ), што го води проектот. Се очекува распоредувањето да се одвива во три фази, кулминирајќи до 2035 година во орбитален центар за податоци со мегаватна големина, според БАИСТ.
Во Источна Кина, лабораторијата „Жеџијанг“, со седиште во Хангжу, веќе постави компјутерска мини-констелација од 12 сателити наречена „Три тела“, која носи вселенски модел на вештачка интелигенција од осум милијарди параметри. Два од сателитите носеа рендгенски полариметри што ја здружуваат својата вградена компјутерска моќ за да забележат минливи гама-зрачни експлозии во реално време.
Откако планираните над илјада сателити ќе бидат во орбитата, констелацијата ќе изврши 100 квинтилиони операции во секунда, според лабораторијата.
– Со компјутерска констелација, дел од податоците можат да се обработуваат во вселената и да се достават директно до корисниците – рече Ли Чао од лабораторијата „Жеџијанг“.
За да ги спои своите орбитални компјутери, Кина веќе тестира меѓусателитски ласерски врски што испорачуваат брза и сигурна комуникација. Стартапот „Лејзер старком“, со седиште во Пекинг, е меѓу фирмите што ги изработуваат најсовремените терминали.
Предизвиците на вселенското пресметување вклучуваат и одржување на стабилното работење во екстремни средини со високо зрачење, како и дисипација на топлината од компонентите во вакуумот на вселената, каде што нема конвекција на воздух, според Лиу од „Жонгки тијансуан“.
































