- Фрустрациите поради проблемите на денешницата се причина што чека да биде активирана за да се обвинуваме меѓусебно, а пред сѐ, политичарите и воопшто партиите. Лошо е целата вина постојано да се бара кај власта и постојано да се шири песимизам поради „лошите“ политичари, а да не се види одговорност кај себе и како колектив. Мора да се спомене дека и индивидуата, но и колективитетот, има „заслуги“ во делот од нефункционалноста на системот. Ние и како индивидуи и како граѓани не може да се амнестираме од одговорност. Нашата одговорност е првиот чекор од кој треба да се почне патот кон подобрување на состојбата
Kој направил најмногу добро за Македонија, а кој најголема штета за државата? Во чие време најдобро се живееше? Во чие време имало највисок економски раст, вработувања…? По социјалните мрежи една од главните расправи меѓу Македонците е за тоа кој бил најдобар, а кој најлош лидер, што се сведува на тоа кој најмногу ја „упропастил државата“, односно кој најмногу украл. Овие дебати се непрестајни, без оглед на политичката состојба, дали се наоѓаме пред или по одржани избори.
Но тешко е да се победи во расправата за тоа во чие време било подобро или полошо. Ако мене ме прашате и ако сакам да бидам искрен, па кажам кој сторил најмногу, би ја разгорел дебатата, но би ризикувал да ја изгубам објективноста во очите на читателите со спротивно мислење, а не ми е поентата да заземам страна.
Фрустрациите поради проблемите на денешницата се причина што чека да биде активирана за да се обвинуваме меѓусебно, а пред сѐ, политичарите и воопшто партиите. Лошо е целата вина постојано да се бара кај власта и постојано да се шири песимизам поради „лошите“ политичари, а да не се види одговорност кај себе и како колектив. Мора да се спомене дека и индивидуата, но и колективитетот, има „заслуги“ во делот од нефункционалноста на системот. Ние и како индивидуи и како граѓани не може да се амнестираме од одговорност. Нашата одговорност е првиот чекор од кој треба да се почне патот кон подобрување на состојбата.
Според одредени дефиниции, поимот одговорност е изведен од надредениот поим должност. Кога некој стапува на должност, автоматски презема и одговорност за начинот на кој ја извршува должноста. Одговорноста се спомнува во различни контексти, најчесто придружувана со термините барање, повикување или префрлање, но отсуствува преземањето одговорност. Тоа е ретка појава во денешно време.
Затоа мора да се спомене дека и народот има „заслуги“, а во извесна мера се амнестира морално од целосната одговорност. Тоа е првиот чекор од кој треба да се почне патот кон подобрување на состојбата.
Ова колумна ја напишав по повод еден мој одговор – коментар на социјалните мрежи, кој гласи: „Зошто мислиш дека сѐ е до политичарите или партиите, не велам дека се невини, ама македонскиот народ претерано бара вина во партиите без да види одговорност кај себе. Тоа е исто како за ситуацијата во Молдавија, за сѐ да ги обвиниме владите на Молдавија, ама ние од страна знаеме дека не е баш така“.
Овој коментар наместо на конкретен човек, слободно може да се обраќа до македонскиот народ како целина. Македонски народе, за состојбата во Македонија најодговорен си ти (иако ги знаеме премрежињата низ кои помина). Како што за состојбата во Америка заслужни се, пред сѐ, Американците. За Пакистан се заслужни Пакистанците итн.
Лошо е што таквото обвинување до политичарите и префрлање на целата вина на нив не носи некое поголемо добро за општеството, туку промовира само гнев и пасивизација затоа што целата вина за сѐ ја има некој горе. А не е така.
Не ги бранам политичарите, впрочем и тие се дел од народот, ама прво мора да преземеме одговорност како колектив во рамките на внатрешниот и надворешниот контекст. Од политичарите треба да се бара одговорност и да се одлучува на избори, но треба да се ослободиме од тоа целата вина постојано да се гледа во политичарите, оти тие се дел од нас и само претставуваат наше огледало. Само така нема да сметаме дека сѐ зависи само од нив.
Сотир Ристо
































