Со божиќен базар кој денес се одржа на градскиот плоштад Методија Андонов Ченто, во Прилеп започна предновогодишната празнична магија.
Со штандови на кој се продаваат различни производи, со пригодна културно уметничка програма подготвена од учениците основните училишта во градот кои го изучуваат германскиот јазик, беше реализиран базарот, кој имаше хуманитарен карактер. Организатор на базарот беше Здружението на наставници по германски јазик, со поддршка на Гете институтот, Германската амбасада во земјава и општина Прилеп, а присуствуваше и германската амбасадорка Петра Дрекслер.
– Идејата беше да се доближи предновогодишната магија како што е во европските градови. Низ игра, песна, храна ја доближивме германската култура и традиција. Си подадовме рака едни на други, се зближивме – рече Габриела Темелкоска, претседател на Здружението на германски наставници во Македонија.
Градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски посочи дека со базарот градот започнува богата празнична програма, која ќе следува во наредниот период.
Собраните средства од овој хуманитарен базар ќе бидат донирани за прилепчанец кој има потреба.
Ка.М.




































