„Секој човек, без разлика на неговите способности, има право на достоинствен живот, на еднакви можности и на активно учество во заедницата.“. Ова меѓу другото беше посочено денеска во Прилеп на одбележувањето на 3 Декември – меѓународниот ден на лицата со попреченост, при што беше одржана пригодна културно уметничка програма.
-Овој ден не е потсетник туку наша обврска. Обврска да градиме општество во кое различностите се почитуваат, а инклузијата е темел на секојдневието, обврска да не заборавиме дека силата на една заедница се мери по начинот на кој ги прифаќа и поддржува најранливите – рече градоначалникот Дејан Проданоски, при тоа истакнувајќи дека Општина Прилеп е добитник на признанието „Најуспешна општина во спроведување на инклузијата“ за 2025 година, признание доделено од Детската фондација „Песталоци“.
Според Проданоски, признанието е потврда за долгогодишната посветеност за обезбедување еднаков пристап до образование за сите деца, за создадавање инклузивна средина во која секое дете е добредојдено, почитувано и поддржано.
– Општината го доби ова признание благодарение на пионерските чекори што ги презедовме: формирање општинско тело за инклузија во кое членуваат претставници од инклузивните тимови на сите општински основни училишта, наставници, стручни соработници, специјални едукатори и рехабилитатори; изработка на Програма за работа и сеопфатен Акциски план, со кој се поставуваат јасни насоки за подобрување на средината за децата со попреченост. Затоа, ова признание го гледам како заеднички успех, на институциите, училиштата, организациите, семејствата и сите поединци кои дадоа свој придонес. Ова е доказ дека создадовме средина во која лицата со попреченост и децата со посебни образовни потреби се рамноправни учесници во сите сфери на животот. Секој проект за пристапност, секој нов сервис, секоја образовна иницијатива, секоја поддршка за вработување и секоја насмевка на нашите деца е дел од оваа голема победа. Нашата заложба за поквалитетна детска заштита и поддршка не запира. Посебно сме горди на центрите кои што успешно функционираат: Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост во Прилеп – „Ѕуница“, Дневниот центар за лица со церебрална парализа, како и на посветената работа на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, а особено на стручниот кадар во специјализираните паралелки во ООУ „Климент Охридски“, каде што децата со посебни потреби се интегрирани и рамноправно учествуваат во образовниот процес – истакна градоначалникот Проданоски.
Визијата на општина Прилеп е поголема и затоа ќе се преземаат дополнителни чекори како што се: формирање тим за детектирање и поддршка на надарени деца, создавање Советувалиште за родители со мултидисциплинарен и инклузивен тим, развивање нови програми за поддршка, дополнително унапредување на пристапноста и проширување на социјалните услуги за лицата со попреченост, бидејќи според градоначалникот Проданоски „инклузијата не е само збор, туку е начин на живеење, што е обврска за градење заедничка иднина.“
Ка.М.




































