Бугарската владејачка партија -ГЕРБ денеска соопшти дека е подготвена за одржување предвремени избори, по масовните протести во земјата и барањето на бугарскиот претседател Румен Радев за итна оставка на владата поради неуспехот да се одобри буџетот за 2026 година.
– Повеќе нема да се придржувам и молчаливо да прифаќам секакви луди барања во врска со несомнено лошо структурираниот буџет за 2026 година. Или застанете со ГЕРБ и заедно, обезбедувајќи мнозинство од 121 пратеник, да изготвиме нов буџет, или одиме на нови избори – напиша лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, на Фејсбук.
Ова е првата реакција на Борисов по серијата масовни протести против усвојувањето на предложениот буџет за следната година, објавува Радио Бугарија.
Демонстрантите и опозицијата во Бугарија бараат оставка од владата, додека претседателот Румен Радев побара предвремени парламентарни избори како излез од политичката криза.
Бугарскиот парламент денеска ќе треба да го разгледа барањето на владата за повлекување на предлогот за првиот буџет во евра.
Парламентот, исто така, денеска ќе го разгледа барањето на бугарскиот претседател Радев за одржување референдум за усвојување на еврото од 1 јануари 2026 година.
Бугарската влада вчера го повлече предлогот за буџетот за 2026 година од парламентот по големиот протест во Софија.
Одлуката дојде еден ден по протестите поради предлогот за буџет што предвидува зголемување на даноците и придонесите за социјално осигурување во приватниот сектор и насочување на повеќе средства кон државниот сектор.
Неколку десетици илјади луѓе учествуваа во протестите во Софија, а демонстрации се одржаа и во поголемите градови како што се Варна, Пловдив, Бургас, Стара Загора, Добрич, Сливен, Велики Трново, Шумен, Русе, Ловец, Благоевград.
Некои демонстранти се судрија со полицијата, која ги блокираше канцелариите на владејачките партии во Софија, а на протестот во Варна беа присутни и навивачи, кои организаторите ги повикаа да не придонесуваат за ескалација на ситуацијата.





































