Заврши стрип-маратонот „24-часовно цртање стрип“
Речиси 200 учесници од разни земји учествуваа на 16-от регионален стрип-маратон „24-часовно цртање стрип“. Годинашната тема е „План Б“, која беше дадена непосредно пред почетокот на акцијата.
Томе Трајков, стрип-промотор од Велес, потсети дека македонските стрип-автори почнале да учествуваат од 2023 година преку онлајн цртање оддома.
Тој уште еднаш го изразува задоволството што стрип-соработниците и пријатели од Хрватска уште од 2023 година брзо ја прифатиле неговата иницијатива за мобилизирање на македонските стрип-автори.
– Манифестацијата започна на 29 ноември (сабота ) во 12 часот и траеше 24 часа (до недела, 30 ноември, во 12 часот). Учесниците цртаа во живо во определени пунктови во градовите: Подгорица, Госпиќ, Херцег Нови, Сомбор, Љубљана, Осиек, Риека, Сплит, Загреб, а од оваа година цртање во живо се спроведе и во „Бејз 42“ во Скопје, благодарение на колегите собрани околу фестивалот „Стрип трип“. Се разбира, и сега беа овозможени цртање оддома и објавување на онлајн платформата на линкот, нешто што го практикуваат претежно младите стрип-цртачи од повеќе градови на Македонија – сподели Трајков.
Сите стрипови се објавуваа на платформата https://www.24satnocrtanjestripa.com.
– Организацијата на настанот е спонтана. На светско ниво истата таа ја создава реномираниот стрип-теоретичар Скот Меклоуд, а во регионот авторот Дарко Мацан на Академијата во Загреб. Оваа акција низ годините брзо се проширува. Уште една специфика е што оваа регионална иницијатива е сосема независна од светската акција, која се организира во октомври – завршува Трајков.


































