КОНТИНЕНТАЛНО ПРВЕНСТВО ВО ЗАБРЗАН ШАХ ЗА 2025 ГОДИНА
- Во конкуренција на 370 учесници, најдобропласиран Македонец е Филип Михов, кој со осум поени, од 13 можни, го освои 74. место
Холандскиот велемајстор (ВМ) Жорден ван Форест ја одбрани европската титула во брз шах на Европското првенство (ЕП) што се одржа во Приштина. Во конкуренција на 370 учесници (40 ВМ, еден ЖВМ, 23 ИМ, 40 ФМ, шест ЖФМ) од 37 земји, Форест (2.646 рејтинг-поени, рангиран втор пред почетокот на ЕП 2025) освои вкупно 11 поени (10 победи, две ремија и еден пораз), ист број поени колку што имаше кога триумфира и на Европското првенство во Скопје, во 2024 година.
Второто место годинава го освои Шпанецот Едуардо Итуризага Бонели (2.630, рангиран шести пред турнирот), а трет е Чехот Војтех Плат (2.562, рангиран 18-ти) и двајцата со по 10,5 поени. Грузиецот Јобава Бадур (2.649), кој во Скопје беше трет, а пред ЕП 2025 беше прворангиран, го освои 13. место со 9,5 поени.
Македонија на годинашното континентално првенство настапи со 33 претставници, од кои четири шахистки, а најдобар пласман, 74. место, забележа Филип Михов (1.166, рангиран 101. пред ЕП 2025) со осум поени (седум победи, две ремија и четири порази, освои 21 рејтинг-поен), колку што имаше и Гоце Шапкароски (2.016, рангиран 182.) на 75-то место (осум победи и пет порази, плус нови 38,2 рејтинг-поени).
Најуспешна македонска шахистка на ЕП 2025 е Инџи Ајрадиноска (1.732, рангирана 319-та.), која со 5,5 поени (пет победи, едно реми и седум порази) е на 241-то место. Лани во Скопје, меѓу 368 шахисти (57 ВМ, четири ЖВМ) од 38 земји, најуспешен Македонец беше ИМ Филип Панчевски, кој со девет поени го освои 26. место, но годинава не настапи. Г.И.


































