Фото: ЕПА

Папата Лав Четиринаесетти денеска упати силен апел за меѓурелигиски дијалог во Либан, пофалувајќи ја земјата како пример за соживот меѓу различни верски заедници.

– Во земја погодена од војни и кризи, Либан покажува дека „христијаните, муслиманите, Друзи и многу други можат да живеат заедно и да градат држава обединета со почит и дијалог. Во време кога коегзистенцијата изгледа како далечен сон, народот на Либан, иако припадник на различни религии, е моќен потсетник дека стравот, недовербата и предрасудите не се последниот збор – и дека единството, помирувањето и мирот се возможни – изјави поглаварот на Католичката црква при посетата на Бејрут.

Во тој контекст ги повика Либанците да бидат „градители на мир“, да се спротивстават на нетолеранцијата, да го надминат насилството и да го отстранат исклучувањето.

Папата говореше на плоштадот на Мачениците во Бејрут, заедно со претставници на различни религии, во непосредна близина на џамијата Мухамед ал-Амин и катедралата „Свети Ѓорѓи“.

На церемонијата се обратија и сунитски и шиитски верски лидери.

Сунитскиот голем муфтија на Либан, шеик Абдул Латиф Дериан, го поздрави понтифот.

– Со овие темели на верата, го поздравувам големиот гостин на Либан, папата Лав XIV, посакувајќи му успех во водењето на христијанскиот брод за доброто на човештвото – порача тој.

– Ја цениме вашата посета во овие околности… сите се надеваме дека вашата посета ќе придонесе за зајакнување на кревкото национално единство во оваа земја, оптоварена со рани поради тековната израелска агресија – изјави заменик-претседателот на Високиот исламски шиитски совет, шеик Али ал-Катиб, по средбата со папата.

Тој додаде дека „војни водени во име на религијата не ја одразуваат вистинската природа на религијата, која е заснована на светоста и достоинството на човечкиот живот“.

Либан е дом на повеќе религиски заедници, вклучувајќи муслимани – сунити и шиити – христијани и Друзи.

Земјата се соочува со најтешката економска криза во својата историја, со околу 60 отсто сиромашни. Напнатата безбедносна ситуација по последната војна меѓу Хезболах, поддржан од Иран, и Израел ги продлабочи проблемите.

Во центарот на Бејрут, под силно полициско обезбедување, муслимански и христијански верници го поздравија папата.

– Јас сум муслиман, но папата е за сите и во оваа земја сакаме единство и молитва – изјави за ДПА Сами Кабани.

Пред обраќањето, беше одржана муслиманска молитва во присуство на папата.

Претходно, папата го посети гробот на свети Шарбел Маклуф во Анаја, северно од Бејрут. И покрај постојаниот дожд, многу Либанци стоеја долж трасата, мавтајќи со либански и ватикански знамиња и фрлајќи ливчиња и ориз врз неговото возило.

Гробот на Маклуф (1828–1898) е значајно место на аџилак за христијаните. Маклуф бил монах кому му се припишуваат чуда. Таму, Лав тивко се помоли, потоа им се обрати на присутните на француски: „Се молиме за мир во светот. Посебно се молиме за Либан и за целиот Левант“.

Папата потоа го посети светилиштето во Хариса, каде го пречекаа околу 2.000 свештеници, монаси, калуѓерки и верници. На местото каде се издига статујата на Богородица, толпата го пречека со громогласен аплауз и повици „Да живее папата!“.