Опасност за натамошна дехуманизација на македонското општество е секако недоволната застапеност на основните философски дисциплини (историја на философијата, логика, етика, естетика) во актуелните „концепции“ за гимназиското образование. Зашто, философијата ги испитува и ги развива основните знаења, вештини, навики и вредности и убедувања. И најважното: како кај младите да ги развиеме рефлексивното, креативното, критичкото и проактивното размислување и етичкото расудување и однесување. Или, поинаку кажано, логиката и етиката не се само теоретски предмети туку и практични вештини. А естетиката би се практикувала преку музичкото и ликовното образование. И уште нешто, единствено философијата им помага на младите: (1) во создавањето светоглед, нивниот однос кон животот, општествово и светот и (2) да ги разбираат и решаваат проблемите на својот развој, изборот на животниот повик и на животниот партнер.
Од антиката, познато е дека философите се најкомпетентни за (основите на) образованието. Во „концепциите“ за жал ја нема ни емоционалната интелигенција, витална/пресудна за социјалната култура на луѓето, на што укажал пред дваесет и четири века Аристотел: човекот е општествено суштество, инаку е животно или Бог!
Кобната грешка, негативниот тренд на маргинализација на философијата почна од осамостојувањето на Република Македонија (1991)! Природно е затоа што нема тревога поради негативната селекција (и во образованието), трагичното болшевичко наследство: (1) првиот и најголем македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“ исчезна од Шангајската листа на првите 2.000 универзитети во светот и (2) катастрофалните резултати на нашите ученици на тестовите ПИСА (ОЕЦД) за мајчиниот јазик, математиката и природните науки! Во последниве години се проверуваат и информатичките знаења и вештини, како и странските јазици.
Министерката трипати избега од философијата
Покрај овие докази, треба да се укаже дека (1) отсуството на философи во Бирото за развој на образованието на МОН (што е некомпетентно и партиски обоено) и (2) немањето центар за одличност не се единствените причини што философијата во образованието е жртва на погрешната образовна политика! Тоа е изгледа причината што, иако вети двапати, министерката не собра смелост годинава да го посети Институтот за философија (ФФ,УКИМ)! A иако поканета, не се појави на Филозофскиот факултет (УКИМ) ни на Светскиот ден на филозофијата, на симпозиумот: Филозофијата во образованието (20.11.2025)!? Имаше шанса да (у)види дека без елементарна философска култура нема морално и умно созревање на учениците.
А тие се збунети од најрани години. Се соочуваат со општественото „морално лудило“. Гледаат дека не само политичарите: едно мислат, друго зборуваат, а трето чинат (Кетман)! Младите во пубертетот се сочуваат со битни прашања за кои немаат одговори. Не можат да им ги дадат ни родителите, без оглед на нивната образованост. Зашто, младите немаат блискост со родителите: цел ден зјапаат во телефоните или компјутерите. Или си го крадат времето во кафулињата! Ги нема веќе извидниците, музичката, филмската и книжевната младина, денот на дрвото, спортските и шаховските клубови, по градовите и селата. Таму младината не само што воспитно си го минуваше воншколското време, туку си ја градеше својата морална, интелектуална и општествена личност. А да не ја заборавиме здравствената придобивка.
Корисно е што наставниците почнаа да ги воведуваат во „технолошкото чудо на 21 век“, вештачката интелигенција. Ама, поважна е нивната философска (ре/до)едукација! Вештачката интелигенција во образованието е технолошка алатка што применува одредени пристапи, честопати поставувајќи и нови философски прашања. Ама, предупредуваат експертите, опасни се „прекумерната зависност и нејзиното влијание врз човековата поврзаност и креативност“!
Инспирација се моите професори: Павао Вук-Павловиќ и Исак Адижес
Животната порака на истакнатиот философ, професорот Павао Вук-Павловиќ беше: „Философијата може да дејствува само преку образованието“! Ова треба да го краси кабинетот на секој министер за образование! Накратко, ако сакаме коренита општествена промена, хуманизација на општеството треба да почнеме од учителите, директорите, министрите! Може и обратниот редослед! Тоа е наједноставната, најдолгорочната и најефикасната инвестиција! Само така ќе станеме нормална европска демократска држава. Недоволно е постојано да ги менуваме училишните планови и програми. Најлесно е да ги препишеме туѓите курикулуми или со компилации да правиме нови „концепции! Курикуларна промена меѓутоа е философски, научен и стручен процес, а не помодарска импровизација.
Потребна е меѓутоа длабока, системска промена на образованието, трансмутација, а не циклични рутински промени на формата, трансформации. Во Хрватска, на пример, тоа траеше со години, со учество на повеќе од 900 експерти. Зашто, таму тврдеа, тоа е стварниот пат за Европа, иако тие веќе беа членка на ЕУ!
Од друга страна, академикот Исак Адижес (скопскиот Евреин што го преживеа холокаустот!), светски експерт за организациски промени и школување лидери и менаџери (сам се нарекува организациски терапевт), вели дека нема суштинска промена без промена на организациската култура: мисијата, визијата и вредностите на организациите! Тоа е применливо и во македонското образование. Во тоа се уверив како менаџерски консултант во земјата и во странство.
А тоа што странците ни даваат декларативна поддршка за реформите и стратегиите не е доволен аргумент. Зашто, тие доаѓаат со други парадигми, од други народи чиј јазик, историја и културно наследство не се негираат!?
На крајот, кога ќе станеме правна држава, со квалитетно образование и здравство, ќе имаме предвидлив и одржлив економски развој и растеж. Ова првпат го видов на студискиот престој во Малезија и Сингапур (1996). Посебно ја паметам средбата со Ли Квон Ју, творецот на „Сингапурското чудо“. Како малиот сиромашен рибарски остров што увезува вода од Малезија за неколку декади го престорил во најбогата држава во светот. Таа земја од третиот свет стана земја од првиот свет врз три принципи: меритократија, прагматизам и чесност, немилосрдна борба со корупцијата! Тоа може и Македонија, ама не со мал буџет за образование и култура!
Љубомир Гајдов, потпретседател на Филозофското друштво на Македонија


































