Фото: Принтскрин

Активностите во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се одвиваат согласно планираната динамика, а ИПАРД апликациите се во фаза на евалуација – истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на собраниската седница за пратенички прашања, одговарајќи на прашањето поставено од пратеникот Бојан Стојановски.

Министерот нагласи дека веднаш по сознанијата за злоупотреби од страна на директорот и други лица, бил активиран Националниот механизам, по што националниот координатор презел мерки за брза реакција и привремено стопирање на работата на Платежната агенција со цел да се утврди што точно се случувало.

-Тоа не значи блокада на средствата од Брисел, како што тврдеше опозицијата. Обидите да се манипулира јавноста дека ќе изгубиме 130 милиони евра грантови и дека земјоделците ќе останат без поддршка се невистини – нагласи Трипуновски, додавајќи дека реакцијата на државата била оценета позитивно токму од Брисел.

Министерот изјави дека борбата против корупцијата и криминалот мора да биде бескомпромисна и без исклучоци.

-Борбата со корупција и криминал не познава граници. Ние како Влада и како Министерство тоа го покажавме на дело. Независно дали некој извршува политичка или државна функција, доколку го прекршил Законот, треба да одговара. Сомнежите што постојат мора да се истражат и сите инволвирани да одговараат – истакна Трипуновски.

Тој потсети дека претходната власт и покрај притисоците од јавноста, укажувањата и документите од свиркачи, не постапувала по наводите за сериозен криминал особено во Министерството за земјоделство додека со него раководел поранешниот министер Николовски.

-Меѓутоа да бидеме исто така искрени дека претходната власт, сегашната опозиција додека беше на власт иако имаше сериозни притисоци од јавноста, докази, укажувања итн. документи коишто беа доставени од свиркачи, не постапуваше по наводниот криминал којшто се случуваше во сериозни размери поготово и во Министерството за земјоделство, каде што тогаш беше и сегашниот пратеник Љупчо Николовски – рече Трипуновски.

Во ИПАРД 3 Програмата (2021–2027) вкупниот буџет изнесува 128 милиони евра од кои 97 милиони се европски средства, а 31 милион евра национално кофинансирање.

-Од 453 склучени договори, 289 се веќе исплатени, 111 корисници немаат поднесено барања за исплата, а 53 договори се во фаза на чекање. Паѓаат во вода обвинувањата на опозицијата дека илјадници договори ќе останат без средства и дека земјоделството ќе колабира – истакна министерот.

Додаде дека опозицијата се обидува со невистини да добие политички поени.