Илустрација: „Нова Македонија“

Повеќеслојноста на македонскиот суверенизам (4)

„Нова Македонија“ од неодамна почна со серијал анализи во кои редакцијата се осврнува на повеќеслојноста на феноменот суверенизам (правно-политички суверенитет, територијален суверенитет, економски суверенитет, енергетски суверенитет, културен суверенитет, суверенитет на водите во државава…) и, во тој контекст, на повеќеслојноста и на македонскиот суверенизам. Деновиве направивме осврт кон правниот, политичкиот и културниот суверенитет, а денес се осврнуваме кон еден нов слој на суверенитет: територијалниот суверенитет и целовитоста на нашата држава…

Зачестените геополитички турбуленции на Балканот, Европа, па и во светот, сѐ повеќе го загрозуваат меѓународниот принцип на неповредливост на границите и на територијалниот суверенитет и интегритет на државите. А токму територијалниот суверенитет и целовитост се од исклучително значење за нашата држава.
Во контекст на сѐ поголемото значење на територијалниот суверенитет за нас, ги имаме предвид и таканаречените нонпејпери, кои се појавуваат одвреме-на време, но сѐ позачестено низ Балканот и Европа за „исцртување нови граници“. Едновремено, тие негирања на териториите и границите на државите, вклучително и на Македонија, се проследени со некакви образложенија за некои „геополитички интереси на големите сили“, но исто така и флагрантни аспирации за „големодржавни проекти и агенди“, каде што директно или индиректно се нагласуваат територијалните претензии, особено кон Република Македонија. Сево ова ја зголеми мотивацијата за овој наш осврт за повеќеслојноста на феноменот суверенитет, да се обрне внимание и на упорните, перманентни атаки во насока на еродирање на територијалната целовитост, суверенитет и интегритет на Македонија. Истовремено, да се преземат зафати за негово зајакнување, врз основа на Уставот и законите, како и во согласност и со нормите и принципите на меѓународното право.

Суверенитетот како највисока придобивка, како право и како обврска

Уште на почетокот на својата уставна историја од 1946 година, Македонија го дефинирала суверенитетот како своја највисока придобивка, како право и обврска, и наедно Македонија никогаш не искажувала никакви територијални претензии кон друга држава! И во поновата историја на нашата држава, изворните основни одредби во Уставот од 17 ноември 1991 година гласеа: „Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот“.
Но со амандманите 1 и 2 од 1992 година (кои за потсетување, беа спроведени по барање и притисок на Грција), се направи измена во Уставот, а интервенцијата беше токму во делот од суверенизмот: амандманот 1 се однесува на тоа дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави, односно, дека, границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општоприфатените меѓународни норми.
Со амандманот 2 беше дополнет членот 49 од Уставот: „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив“. Оваа одредба беше дополнета со формулацијата дека „Републиката при тоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.

Некои размислувања на уставноправни експерти во делот на
територијалниот суверенитет и зачувувањето на целовитоста

Во разговор со професори и меѓународни уставноправни експерти, во врска со нашиот актуелен устав и „ранливоста на нашиот највисок правно-политички акт“ по ова основа, соговорниците ни потенцираат нивни интересни ставови што се однесуваат на „зацврстување на позициите во врска со територијалниот суверенитет и интегритет на Македонија, било во својата преамбула, било во нормативниот дел“.
Во тој контекст, за читателите издвоивме некои од размислувањата што би можеле да се разгледуваат, со размислување за нивно стипулирање во архитектурата на нашето законодавство.

1. Строго определена потврда за неделивост на интегралната државна територија. Уставите честопати содржат вакви силни, директни изјави, кои експлицитно ги прогласуваат единството и територијалниот интегритет на државата како неповредливи.

2. Експлицитна забрана за сецесија, за отцепување на кој било дел од државната територија. Имено, редица светски устави вклучуваат клаузули, кои недвосмислено наведуваат дека ниеден дел од националната територија не може да се отцепи под никакви околности.
3. Заради уште поголема заштита, некои устави користат „клаузула за вечност“, што го става територијалниот интегритет надвор од дофатот на уставни амандмани. Според соговорниците, ова би предизвикало „какво било и чие било стремење за сецесија на кој било дел од македонската територија да биде апсолутно невозможно да се постигне преку законски и уставни средства“…

4. Натаму, за издвојување е на пример размислувањето за т.н. уставна забрана за воведување двостепена локална самоуправа и кантонална регионализација на територијата…
Имено, според соговорниците, со дел од 15-те амандмани, произлезени од Охридскиот рамковен договор во 2001 година, се овозможува, практично, сѐ поголема децентрализација на општините. Меѓународните експерти предупредуваат дека бескрајното слабеење на централната власт – државата – и на нејзина сметка јакнење на општините во еден момент може да прерасне во политичко-територијална автономија, односно во двостепена локална самоуправа на општините, групирана во региони врз етничка основа, а тоа најпосле би ја трансформирало унитарна Македонија во (дво)кантонална федерација, или дури и конфедерација. Впрочем, потсетуваат тие, веќе и имаше еден референдум од 1992 година за политичко-територијална автономија во западниот дел на Македонија…


Суверенитетот на Македонија и странските војски на територијата на нашата држава

За ограничувањето на пристапот на странска војска на територијата на Македонија…

 

Според нашите соговорници, интересно би било да се разгледа и прашањето за „ограничувањето на пристапот на странска војска на територијата на Македонија“ во контекст на суверенитетот. Тие отвораат и размислување за додавање посебна законодавноправна одредба, која ќе наложува „парламентарно одобрување пред да може да се распореди каков било странски воен персонал на територијата на Македонија (се разбира, сега со исклучок на НАТО, сѐ додека ќе постои оваа воена алијанса и ние сме нејзини членови).
Која е инспирацијата за ваквата идеја на соговорниците? Имено, тие потсетуваат дека на 17 септември 2021 година, Зоран Заев како тогашен премиер во име на Владата на Македонија потпиша СОФА-договор со косовскиот премиер Албин Курти. Со овој договор се „регулира“ статусот на Силите на безбедност на Косово на територијата на Македонија, така што им се овозможува влез, излез, привремен престој и минување (транзит) преку македонска територија.
Во анализата со наслов „СОФА – спогодба за зачинета регионална софра“, објавена во „Нова Македонија“ на 18 септември 2021 година, е содржана изјавата на професорот по меѓународно право д-р Игор Јанев, кој предупреди дека „СОФА-договорот е прв дел од тајниот план за конечна поделба на Македонија меѓу Албанија и Бугарија, план што постои уште од 2017 година, временска рамка што се совпаѓа со изборот на Заев за премиер“!
– СОФА-договорот е прв чекор нанапред во поделбата на Македонија, која ќе оди преку кантонизација, федерализација и конечен договор на Албанија со Бугарија за делови од територијата и границата, која ќе се дефинира по поделбата на Македонија. Договорот за поделба треба да дефинира кој дел од македонската територија ќе го земе Албанија, а кој дел треба да го анектира Бугарија – имаше изјавено професорот Јанев за „Нова Македонија. Дополнителното уставно гарантирање на неповредливоста на територијалниот суверенитет и интегритет на Македонија треба во апсолутна смисла и уште во почетокот да ги исклучи сите овие и вакви територијални претензии и комбинаторики.

Свето Тоевски