Фото: Пиксабеј/Илустрација

За десетина дена се издадени 37.970 ваучери за набавка на електронски уреди за студентите, а над 17.000 студенти ги имаат искористено ваучерите. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека станува збор за исклучително корисна и популарна мерка меѓу студентите.

Очекува уште еден поголем наплив на барања при крајот на рокот за аплицирање.

– Стагнацијата последниве два – три дена покажува дека најголем дел од студентите на кои прв приоритет им било да си купат ваков уред, тоа веќе го сториле. Последниве неколку дена има по илјада нови апликации дневно, така што бројката полека се намалува. Очекувам уште еден бран кон крајот на рокот на 20 декември – изјави Андоновски вечерва за централниот дневник на Сител телевизија.

За случаите дека дел од студентите ги продавале ваучерите, министерот Андоновски вели дека не може да се искористи ваучерот без приложување на лична карта и своерачен потпис.

– Сега, ако некој го купи уредот, а потоа го продаде, тука ние не можеме ништо – вели Андоновски.

Во однос на случаите дека и постдипломци успеале да добијат ваучер иако тие се наменети само за додипломски студии, Андоновски вели дека има процедура што ја водат Генералниот секретаријат при Владата и Пазарниот инспекторат.

– Се појавија студенти кои се обидоа да го изиграат системот, а тоа се студенти кои не се на додипломски студии како што законот бара. Постоеше еден проблем со регистрите коишто покажа дека апликацијата до крај ја прави успешна, но ваучерот е невалиден затоа што ја нема потврдата за редовен студент на додипломски студии и тие ваучери не можеа да се искористат. Дел од нив добив информација дека успеале да ги искористат ваучерите во првите ден од аплицирањето и во таа насока Генералниот секретаријат при Владата има процедура како постапува, а проектот го следи Државниот пазарен инспекторат кој врши надзор, така што тој аспект го оставам на тие институции – вели Андоновски.

За обвинувањата од опозицијата дека им се случил дебакл, вели дека се забавни бидејќи доаѓаат од политичка структура којашто ништо нема направено за младите.

Во однос на тоа дали и земјава, покрај Албанија и Црна Гора, ќе биде во групата на држави со роаминг како дома, вели дека официјалниот став е дека сите три држави сеуште стојат на листата за роаминг услуги во Европската унија по цени како дома.